Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, при средбата со германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лаин, истакна дека од моментот кога ја добиле поканата за НАТО, формирале тимови за подготовка на пристапни разговори, а НАТО-тимови веќе биле во земјата.

– Мислам дека успешниот референдум, успешниот процес на македонска страна дефинитивно ќе ги забрза сите наши сојузници да помогнат пристапниот дијалог да биде брз, ефикасен и квалитетен – истакна Шеќеринска.

Германската министерка, пак, истакна дека е убедена оти референдумот ќе успее и дека Македонија ќе се движи по вистинскиот пат.

За министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, со влезот во НАТО и Европската Унија, македонското вино добива европска етикета, субвенциите што се исплаќаат за лозарите ќе доаѓаат директно од буџетот на ЕУ.

– Со влезот во ЕУ и во НАТО може да ги решиме проблемите, само така може да направиме квантен скок и да не зборуваме за пораст од три отсто и да не зборуваме за еден или два денара субвенции, да зборуваме за повисоки откупни цени, за сигурен пласман, отворање пазар од 500 милиони потрошувачи, за инвестиции во земјоделството – истакна тој.

Лидерот на Демократската унија на Албанците, Али Ахмети, на вчерашната средба со граѓаните во општината Студеничани истакна дека со овој договор нема ниту добитници ниту губитници.

– Сите се победници, нема губитници во овој договор и Албанците, Македонците, Грците, Бугарите, сите сме победиле затоа што го зајакнуваме мирот, ја зајакнуваме стабилноста, ја зајакнуваме иднината зачленувајќи се во НАТО и во Европската Унија. Ова е историски договор, кој како камен ни тежеше на врат веќе 25 години и на 30 септември овој камен го тргаме од нашиот врат за да може земјата да чекори кон евроатлантските процеси – рече Ахмети.

Со поддршка за референдумот се изјаснија и од Партијата за движење на Турците. На синоќешната средба во Куманово, претседателот на партијата Енес Ибрахим истакна дека Турците се лојални граѓани на оваа земја, и во далечната 1991 година масовно и едногласно биле за независна и суверена Македонија.

– Не се сомневам дека истото тоа ќе го сторат и на 30 септември и конечно нашата земја ќе се доближи до семејството на ЕУ, а тоа ќе значи економска, општествена, безбедносна преродба за сите граѓани – истакна тој.

Од Демократската партија на Албанците, во рамките на кампањата „Еден чекор напред за НАТО и ЕУ“, во општините Џепчиште и Желино, повикаа на посериозна мобилизација.

– Ние со нашата волја како Албанци на референдумот на 30 септември ќе ја запечатиме ориентацијата на земјата кон НАТО и ЕУ. Нашата определба е прозапад, про-НАТО и ЕУ и ние треба на скептиците да им кажеме отворено дека секоја наша битка надвор од оваа дефиниција нема никаква смисла – истакна лидерот на партијата Мендух Тачи.

Од друга страна, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна и ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува тоа.

– Ако референдумот е успешен и ако мнозинството граѓани се изјаснат „за“, дека го поддржуваат сето ова, тогаш ситуацијата е јасна, односно, ако бидат исполнети двата услова, првиот да има цензус, а мнозинството да гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна. Партијата ќе донесе свој став, но во таков случај и за нас и за целата македонска политичка јавност е јасно дека референдумот ќе биде успешен ако бидат исполнети овие два услова и тука нема дилема – истакна тој.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е за интеграција во ЕУ и во НАТО, но е против договорот за името со Грција.