Фото: Дарко Андоновски

Политичките партии на овој референдум нема да имаат свои претставници како набљудувачи во гласачкиот процес, со што останува гаранцијата за веродостојноста на гласањето да ја потврдат претставниците на невладините организации, меѓународните мисии, како ОБСЕ/ОДИХР и претставници на странските амбасади во нашата држава што веќе пријавиле свои набљудувачи

Околу 700 набљудувачи ќе го следат процесот на гласање на денот на референдумот, закажан за 30 септември годинава. Најголем дел набљудувачи ќе бидат од земјава, или 383 набљудувачи, од неколку невладини организации. Од странство, пак, референдумскиот ден ќе го следат 286 набљудувачи, од кои најголем дел се од Мисијата за набљудување избори – ОБСЕ/ОДИХР.
Сите тие ќе оценуваат дали гласањето се одвива во демократска атмосфера и во целосна согласност со меѓународните обврски и стандарди и со националното законодавство.
Собранието на Република Македонија, пак, како овластен предлагач на референдумот, нема да определи свои претставници да ја следат работата на изборните органи на референдумот, иако има право на тоа.

Политичките партии на овој референдум нема да имаат свои претставници како набљудувачи во гласачкиот процес, со што останува гаранцијата за веродостојноста на гласањето да ја потврдат претставниците на невладините организации, кои веќе пријавиле свои набљудувачи.

Државната изборна комисија (ДИК) усвоила предлог-кодекс за набљудување на референдумот, со кој се става акцент на акредитираните набљудувачи, кои треба да го познаваат законот, да се придржуваат кон неговите одредби, да се непристрасни и секогаш со себе да го носат беџот за идентификација.

– За фер и коректно набљудување ДИК е должна да донесе рамка за правилно однесување при набљудувањето на референдумот. Во согласност со кодексот, само акредитирани набљудувачи можат да информираат за текот на гласачкиот процес. Кодексот предвидува и ограничување за акредитираните набљудувачи. Тие не смеат да влијаат при гласањето и пребројувањето на гласовите, ниту да носат какви било партиски симболи – велат од ДИК.

Според податоците на ДИК, акредитирани се вкупно 383 домашни набљудувачи.
– Од НВО „Мост“ се ангажирани 12 набљудувачи, од „Цивил – центар за слобода“ има 282 набљудувачи, од Здружението за граѓански политики и иницијативи ЕДУЛСЈ има тројца набљудувачи, од здружението „Национален ромски центар“ – Куманово има 46 набљудувачи и од здружението за промоција и развој на инклузивното општество „Инклузива“ има 40 набљудувачи – информираат од ДИК.

Од меѓународните набљудувачи, ангажирани се 286 лица.

– Мисијата за набљудување избори ОБСЕ/ОДИХР има 188 набљудувачи и 28 преведувачи. Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС има тројца набљудувачи, Амбасадата на Соединетите Американски Држави има 35 набљудувачи и 47 преведувачи. Тука е и Амбасада на Република Албанија со шест набљудувачи, Мисијата на ОБСЕ во Скопје има 12 набљудувачи и осум преведувачи. Амбасадата на Франција има шест набљудувачи и седум преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа е со осум набљудувачи, Амбасадата на Република Косово со четири набљудувачи, Амбасадата на Република Турција со четири набљудувачи, Амбасадата на Унгарија со шест набљудувачи, Амбасадата на Велика Британија и Северна Ирска со девет набљудувачи – посочуваат од ДИК.

Од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР велат дека во целост ќе ја зачуваат својата непристрасност при набљудувањето на референдумот. Ангажиран ќе биде тим од 13 експерти, 20 долгорочни набљудувачи и околу 250 краткорочни набљудувачи, кој ќе оценува дали гласањето се одвива во демократска атмосфера и во целосна согласност со меѓународните обврски и стандарди и со националното законодавство.

Од Граѓанската асоцијација „Мост“ велат дека, покрај сите национални и локални избори во Македонија, почнувајќи од 2002 година, го имаат набљудувано и референдумот на државно ниво во 2004 година, како и три референдуми на локално ниво – во општината Чешиново-Облешево во 2004-та, во општината Радовиш во 2007-та и во општината Центар во 2015 година. Оваа активност претставува надоврзување на досегашните активности, со што „Мост“ се надева дека ќе даде придонес кон обезбедување повисоко ниво транспарентност на целокупниот процес на спроведување на референдумот.

Мониторингот на „Цивил“, пак, како што наведуваат, е непартиски, објективен и неутрален, а извештаите од теренската работа се достапни на медиумската платформа на организацијата. Ставови и анализи се објавуваат во посебни рубрики на медиумската платформа и не секогаш се совпаѓаат со ставовите на „Цивил“.