Со меморандумот, Бугарија се поставува како „засегната“ земја-членка на ЕУ, апелира до сите членки да ја поддржат во нејзините барања да се спроведе „строга, целосна и неповратна примена на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со С. Македонија“, како „предуслов за каков било напредок во процесот на пристапување“ во ЕУ. Ова е реторика на уцена и не остава место за дијалог. Се поставува прашање како ќе преговара и како ќе ја аргументира својата, македонска перспектива во толкувањето на историјата, македонскиот дел од комисијата, во услови на непринципиелни преговори? Бугарската страна однапред ја има утврдено својата негаторска позиција по однос на македонскиот народ, јазик, култура и историја, и неа ултимативно ја наметнува како догма, која што поскоро треба да биде усвоена, ни помалку – ни повеќе, како европска и глобална позиција спрема т.н. македонско прашање.
Колку што е нецивилизирана, неевропска и безумна оваа политичка и псевдонаучна интерпретативна стратегија зад која, за жал, застана и елитниот дел од бугарските научни институции, колку што е штетна за Македонија ако си допушти да ја приопшти како своја, толку е штетна и за самата Бугарија, конечно, штетно е за имиџот на ЕУ и за нејзиниот систем на вредности.

Овој меморандум би можел да се чита и како облик на официјален говор на омраза. Нема ни трага од дипломатски дискурс, кој е сугестивен и имплицитен. Бугарија покажува повредена суета, хегемонистичка логика и се движи по рабовите на разумот. Наместо да го препознае својот државен интерес во безусловна пријателска поддршка на Македонија, наместо да се ослободи од опсесивната заблуда дека Македонците се Бугари, а Македонија – географски поим, дека македонскиот јазик е „западна норма на бугарскиот јазик“, а македонската нација „вештачка творба“ без историски корени и, со тоа, наместо да создаде услови за слободна, институционална и хумана комуникација меѓу бугарскиот и македонскиот народ, Бугарија се служи со проблематични стратегии.
Културно неудобно е да се коментираат парадоксите на бугарскиот политички ум. Насетувам сценарио што го обновува архетипот divide et impera (раздели па владеј), кое не е добитна комбинација во никој случај. Македонскиот јазик е автохтон на македонската географска територија и претставува матрица на старословенскиот јазик, македонскиот народ е домороден на овие територии, блискоста на сите словенски јазици според Јакобсон во 9 век била толку голема што словенските народи се разбирале меѓусебно, а денес сите имаат своја историја, своја автономија и свој дијалектен систем, па и македонскиот.

Не може Бугарија да биде засегната по ниедна основа затоа што Македонија не негира ниту еден аспект од нејзиниот идентитет и историја. Не може македонскиот народ да има бугарски карактер, туку обратно, бугарскиот попримил, со текот на времето, македонски карактер, од причини што, како што е добро познато, од 17 век наваму, македонската емиграција во Бугарија е голема и постојана, Македонците се асимилирани систематски и станале, со текот на времето, составен дел на современата бугарска нација. И сега се случува еден културен парадокс, нациите што ги асимилирале Македонците, да посакуваат да ја асимилираат и нивната историја, македонската.
Недолично е за демократски систем да врши принуда врз странци при добивање пасош и државјанство да се изјаснуваат дека се по род Бугари, или Грци. Токму тоа го прават нашите соседи. Не може една земја официјално да присвојува револуционерни херои што се бореле за слободата и автономијата на други земји (Гоце се борел за Македонија, не за Бугарија). Всушност, нема логика Бугарија да ѝ забранува на Македонија да го слави Гоце Делчев како свој национален херој. Неговата улога е тоа, да биде и борец и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ. Тој е веќе не само историска туку и симболична фигура со митска димензија. Недостоинствено е да се спори околу таква личност. Впрочем, не само национален херој туку и хегемон/император на една империја може да биде лице од друго, нематично етничко потекло. Тоа, впрочем, е факт во бугарската историја, како и во грчката, руската и во целиот империјален европски контекст.

Кој е мотивот Бугарија да се залага за бугарската припадност на Делчев? Ако не гледа свој сопствен национален и развоен интерес во таквото залагање, тогаш би се рекло дека нејзин интерес и мотив за ваквата антимакедонска политика е негација на македонската нација и македонскиот карактер на државата РС Македонија. Бугарија, денес, не само што не добива ништо, туку губи со таквото залагање. Ја губи својата улога на пријател на Македонците, ја деформира усвоената парадигма на бугарството. Лицемерно е постојано да се повикувате на чинот на признавање на Р Македонија во 1991 г., а во 2020 г. да се заканувате со вето и да го негирате државотворниот карактер на македонската нација!
Едноставно нема логика. А кај што нема логика има безумие, за жал. Затоа, апелирам до сиот бугарски естаблишмент и елита да го осуетат спроведувањето на овој меморандум. Би сакала да се нормализираат дијалогот и комуникацијата меѓу нас, оти тоа е наш заеднички интерес.

Катица Ќулавкова