За политичките аналитичари нема сомнение дека спогодбата од Мала Преспа ќе се најде на врвот на дневниот ред на денешната средба во Москва, помеѓу претседателот на Русија и премиерот на Грција. Какви изненадувања се можни и што има да му каже Путин на Ципрас

Официјалната средба што денеска (7 декември) се одржува во Москва меѓу претседателот на Русија Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас, и во Македонија го подигнува степенот на вниманието од тие разговори, пред сѐ поради очекувањата дали спогодбата од Мала Преспа ќе биде меѓу темите за разговор меѓу двајцата соговорници.

Оваа посета на грчкиот премиер на Русија инаку се случува по еден турбулентен период во нивните билатерални односи и од неа се очекува да им стави крај на затегнатите дипломатски односи меѓу двете земји, поради протерувањето службеници и дипломати од руската амбасада во Атина, пред неколку месеци. Но, секако, не може да се избегне ниту спогодбата од Мала Преспа, како услов за наша интеграција во ЕУ и во НАТО, со оглед на јасните ставови што досега ги испраќаше Москва во однос на ова прашање и нејзиното противење на проширувањето на Северноатлантската алијанса, но и воопшто на притисокот и начинот на кој се водеа и се водат преговорите со Грција.

– Оваа посета е од специфична природа, за да му се стави крај на турбулентниот период во развојот на нашите билатерални односи. Зборувам за протерувањето на вработените во нашата амбасада во Атина, за Црноморската банка за трговија и развој, како и забраната за влез во Грција на двајца наши поранешни дипломати – изјави пред средбата Јуриј Ушаков, советникот на претседателот Путин. Тој истакна дека ситуацијата е невообичаена за односите меѓу двете земји и дека таквите случувања предизвикуваат загриженост, бидејќи одамна не виделе такви пречки во нивните односи.

Случајот со протерувањето и забраната за влегување на руските дипломати во Грција, на некој начин е поврзана и со Македонија, со оглед на тоа што беше споменувано во текот на аферата дека некои од протераните руски дипломати работеле во интерес на напорите на Русија да интервенира во чувствително прашање, како што е договорот меѓу Грција и Република Македонија за името, а со тоа негативно да влијаат на улогата на Грција на Балканот. Во секој случај, оправдан е интересот на македонската јавност и за тоа колку е реално да се очекува спогодбата од Мала Преспа да биде меѓу точките на дневниот ред на средбата Путин – Ципрас.

– Нема никаква дилема дека Македонија и спогодбата од Мала Преспа ќе бидат тема на средбата меѓу Путин и Ципрас. Најавата на Кремљ дека случајот со името на Македонија ќе биде вратен во Советот за безбедност на ОН, секако предизвикува загриженост кај Грција. Тоа значи дека сѐ што беше направено во Преспа, може да падне во вода. Нема надеж дека Ципрас ќе го поколеба Путин. Изгледа дека Русија сака да помогне во случајот со Македонија и овој пат ќе оди докрај. Политичките калкулации на Русија се секако пошироки, но овој пат се во корист на Македонија.

Доколку ние не успееме да се одбраниме како народ, да го спасиме името на нашата држава и сите штети што би го повлекол таквиот чин, добро е што некој друг однадвор ќе се ангажира во тој поглед. Наша голема грешка беше што на крајот од разговорите за разликите околу името на Македонија, го исклучивме Нимиц, а со тоа и Обединетите нации и влеговме во директни преговори со Грција. Вклучувањето на Русија во процесот е единствениот начин да се исправи нашата грешка – вели Ристо Никовски, поранешен амбасадор на Република Македонија.

Во поглед на македонските очекувања од средбата во Москва, меѓу рускиот претседател и грчкиот премиер, искусниот дипломат и публицист Драган Јањатов смета дека македонското прашање, односно спогодбата од Мала Преспа нема да биде доминантна тема во разговорите.

– Веројатно е дека ќе биде спомената и спогодбата од Мала Преспа, односно односите меѓу Македонија и Грција, но тоа нема да биде тема со доминантно значење. За Русија тоа е затворено прашање. Секако, нема да биде пропуштена можноста во рамките на пропагандната војна меѓу двете големи сили, Русија да добие некаква колатерална полза од целата ситуација создадена во односите меѓу Македонија и Грција со спогодбата од Мала Преспа. Во таков, пропагандистичко-политички контекст ја гледам и најавата на рускиот амбасадор во ОБСЕ дека ќе го отворат прашањето за разгледување на спогодбата од Мала Преспа во Советот за безбедност на ОН.

Со оглед на проблемите што Русија ги има во односите со Украина, нејзиниот ангажман околу македонското прашање е како ставање трн во здрава нога – размислува Јањатов.

Македонските проследувачи на меѓународните геополитички случувања согледуваат и трет аспект во односот на Русија кон регионот и нејзината намера да не отстапи од него како своја сфера на влијание, особено од Србија и од Македонија. Професорот по меѓународна политика, Лазар Лазаров, смета дека средбата меѓу Путин и Ципрас, сигурно ќе има влијание во имплементацијата на спогодбата од Мала Преспа.

– Русија не се откажува од своите напори да ги задржи Србија и Македонија под свое влијание, и тоа по секоја цена, пред сѐ поради Моравско-вардарската Долина, како важна стратегиска, трговска и транзитна зона. Но без оглед на секое меѓународно влијание, и која партија и да е на власт во Македонија, мора да се почитува волјата на граѓаните на Македонија, а таа е изразена во проценти, повеќе од 80 отсто за членство во ЕУ и можеби нешто помалку за во НАТО. Од друга страна, треба да се очекува дека и Ципрас нема да може да не ја почитува волјата на грчкиот народ, но спогодбата од Мала Преспа е неповторлива шанса и за Грција и за Македонија, за надминување на деценискиот проблем, иако не е совршена. Путин, веројатно ќе се обиде да го убеди Ципрас да ја одложи имплементацијата на спогодбата. Но Ципрас не може да потклекне под тоа влијание, бидејќи ја има поддршката на ЕУ и на САД, а и спогодбата е веќе потпишана – вели професорот Лазар Лазаров.