Мојата битка за слобода, правда, одговорност и еднаквост не започна со политичките или партиските функции, ниту, пак, ќе заврши без нив, ова е коментарот на потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски, која синоќа на седница на Централниот одбор (ЦО) беше разрешена од партиската функција.

-Предизвикот да се издржи на тој пат, колку и да е тежок и трнлив ја покажува вербата и посветеноста на тие идеи и цели, а не вербата во функциите! Донесените одлуки се донесени без грам суета, туку одлучно, како што доликува на луѓе со интегритет и визија за очекувањата! Доаѓа време за испорака на мотото за кое се боревме и во кое верувавме сите ние, дека: „Одговорност мора да има“ и „Никогаш да не се повтори!“. Му благодарам на претседателот и заменик-претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и Радмила Шеќеринска за довербата. Борбата продолжува!- напиша Ременски на својот фејсбук профил.

ЦО на СДСМ на вечерашната седница ги разреши генералниот секретар, Александар Кирацовски, сите шест потпреседатели на СДСМ – Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Мухамед Зекири и Благој Бочварски, потоа координаторката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, како и целиот Извршен одбор.

Првиот човек на владејачката партија, Зоран Заев изјави дека разрешувањата се сериозно прифаќање на пораките од граѓаните, а најави и промена и на повеќе од тројца министри.