Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО ОКТОМВРИ

Според Државната изборна комисија, вчера, до пред истекот на крајниот рок, во подрачните одделенија и канцеларии, 18 кандидати за градоначалници ги собрале потребните потписи за учество на локалните избори, а за уште 15 кандидати процедурата сѐ уште не била завршена, додека за советнички листи потребните потписи ги собрале 38 независни групи избирачи, а за 26 процедурата не била завршена. Што покажуваат ваквите нови трендови и напливот на независните, кој за разлика од претходно, сега е значително зголемен?

Синоќа на полноќ истече рокот за пријавување кандидати за независни листи за локалните избори во октомври. Според Државната изборна комисија (ДИК), до вчера, во подрачните одделенија и канцеларии, 18 кандидати за градоначалници ги собрале потребните потписи за учество на локалните избори, а за уште 15 кандидати процедурата не била завршена.
Како што соопшти ДИК, во истиот период во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК потребните потписи за советнички листи ги собрале 38 независни групи избирачи, а за 26 процедурата е во тек.

Додека големите партии постепено ги објавуваат кандидатите за претстојните локални избори планирани за наесен, и граѓански активисти паралелно излегуваат со свои кандидираат за градоначалници и кандидати за советници во општините.
Она што е симптоматично за овие локални избори е бројноста на независните кандидатури, што, пак, во јавноста наметнува редица различни размислувања. Дали можеби партиите немаат квалитетен кадар во своите редови, па се затскриваат зад независните нудејќи им ја својата поддршка, што суштински значи независна кандидатура, има ли и тука простор за политички игри и политикантство, дали и колку една таква пошаренолика понуда ќе влијае мотивирачки кај граѓаните. Сите овие прашање и дилеми се отворени и јавноста очекува одговори на нив.

Големите партии информираат дека не ги загрижуваат големиот број независни кандидатури за градоначалници и листите за општински советници.
Според претседателот на СДСМ, Зоран Заев, разновидноста на списоците е доказ за слободата и демократијата што владеат во земјата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценува дека големиот број кандидати и независни листи на претстојните локални избори докажуваат дека СДСМ е киднапирана од мал број луѓе.
Собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници и за листите на независни кандидати за општински совети започна на 16 август и траеше до 30 август.
Во контекст на актуелните случувања, за нотирање е дека од веќе промовираните листи на кандидати за советници во јавноста се објавија листата од групата Зелен хуман град, за Скопје иницијатива зад која стојат 12 организации, потоа во Тетово група граѓански активисти ќе се кандидираат за независни советници, собрани во иницијативата „Подобро за Тетово“. Претходно во Охрид беше формиран Иницијативен одбор за поднесување листа на независни кандидати за членови на Советот на Општината, под мотото „Охрид пред сè“.
Инаку, ова ќе бидат седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија. За потсетување, и досега на локалните избори имало независни кандидатски листи што успевале да освојат советнички места.

Во меѓувреме, политичките аналитичари и политиколози велат дека граѓаните во земјата и во регионот започнуваат да гласаат во согласност со новиот тренд, во кој сѐ повеќе на локалните избори се гласа за квалитетни решенија и личности што некогаш можат да ја нарушат моќта на традиционалните партии.
Тие објаснуваат дека иако независните кандидати кај нас имаат слаб резултат на изборите, во соседството, особено во Хрватска, се покажа годинава дека оваа изборна формула навистина функционира.
Таму, според аналитичарите, победа на изборите успеаја да издвојуваат лица со интегритет, кои досега не биле активни во политичките кругови на хрватското општество.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека трендот со независните кандидати влече длабоки политичко-социјални корени и е распространет секаде во регионот на некогашната Југославија, но и во Албанија.
– Во суштина, политичката клима кај сите држави е слична и партиите се делат на наследници на бившите комунисти и на бившите антикомунисти. Во тој процес гласачите се разочарани и од едните и од другите, па токму затоа се во потрага по третата опција и по независните кандидати, било да станува збор за локални, претседателски или парламентарни избори – вели Арсовски.

Тој вели дека во регионот успешни примери со независни кандидати што извојувале битни политички битки има многу, во Словенија тоа е Миро Цецар, во Хрватска тоа е Мост и слично.
– Во смисла на политичка стратегија ако еден политичар е независен кандидат сето тоа има смисла тој да ги започне кандидатурата и кампањата како независен, а потоа да се приклучи на редовите на одредена политичка опција. Бенефицијата за независните кандидати е поголема кога тој или таа се кандидира за градоначалник или за претседател, а помал ако се трка за парламентарните избори. Сето тоа се должи од математичкиот модел врз кој се спроведуваат изборите – објаснува Арсовски.
Аналитичарот Синиша Пекевски оценува дека независните листи на кандидати на локалните избори се добар мотив да излезат на гласањето голем број луѓе, кои од година на година сѐ помалку им веруваат на традиционалните партии.
– Овие гласачи што одбиваат да излезат на изборите сега ја достигнуваат бројката од 30 проценти од целиот електорат, а сето тоа ќе биде добар импулс ако истите тие излезат да гласаат во општините каде што одзивот е традиционално мал – вели Пекевски.

Пекевски објаснува дека во Македонија повеќе години владее политичка апатија, особено меѓу Македонците, но дека во последно време тој тренд ги зафаќа и гласачите Албанци, веројатно, поради нивното незадоволство од политичката понуда.
– Главна причина за политичката пасивност е тоа што не се решаваат основните проблеми на граѓаните, без разлика која политичка гарнитура е на власт. Тоа е цел еден процес и сѐ додека во државата има слаба економска состојба, меѓу граѓаните ќе расте незадоволството од партиите – вели Пекевски.
Тој се надева дека независните листи ќе ја подгреат на позитивен начин изборната кампања во земјата и ќе придонесат дополнително да се демократизира Македонија.
Политикологот Милан Стефаноски, пак, тврди дека трендот на сѐ повеќе примери на независни листи што се појавуваат на изборите се должи на лошата практика на неисполнувања на ветувањата што партиите, иако ги ветуваат, не ги спроведуваат, а за нив добиваат гласови од симпатизерите.

Стефаноски вели дека како општество се наоѓаме во голема политичка криза, која трае подолг период, а по дефиниција во науката кога општеството е во криза, на власт испливуваат секогаш нови крајно леви или крајно десни политички играчи.
Тој додава дека ако традиционалните партии во Македонија и од двата блока не станат сериозни, тогаш не им се пишува ништо добро, а во иднина, можно е нивното место да го заземат сосема нови политички играчи, кои ќе потекнуваат од групата на независните.