Фото: Игор Бансколиев

Досега во Македонија се регистрирани 116 лица што повторно се заразиле со ковид-19 иако претходно веќе ја прележале заразата. На што се должи тоа и какви се мислењата на здравствените работници

КОВИД-19 ГИ НАПАЃА И ОНИЕ
ШТО ЈА ПРЕЛЕЖАЛЕ ЗАРАЗАТА

Ако еднаш сте прележале ковид-19, не значи дека нема повторно да се заразите, особено со некоја од мутациите на вирусот. Причина за тоа е што британскиот сој, кој веќе циркулира на одредени места во земјата, како во Скопје, Прилеп и Охрид, има од 50 до 70 отсто полесна можност за пренос.
Ова го потврдува и главниот епидемиолог во земјава, претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, со тоа дека досега се регистрирани 116 случаи на реинфекција со коронавирусот, од кои двајца се починати.
Сепак, според светските истражувања, се смета дека поголемиот број прележани од ковид-19 ќе бидат имуни неколку месеци потоа. Тоа го потврдила и студија спроведена на над 20.000 здравствени работници во Велика Британија. Во студијата се вели дека имуните одговори од минатите инфекции го намалуваат ризикот од повторно заразување со вирусот за 83 отсто, за најмалку пет месеци.
Во оваа насока, не е познато, кога тие 116 реинфекции во земјата првпат се заразиле и по колку месеци ја добиле реинфекцијата, со оглед на тоа дека пандемијата трае веќе една година.
Според Караџовски, повторното заразување се должи на непочитување на мерките, особено на оние лица што веќе го прележале вирусот и кои сметаат дека повторно не можат да заболат – вели тој.
Смета дека ако вкупната бројка на позитивни во земјата од почетокот на пандемијата е околу 112 илјади лица, тогаш 116 реинфекции е 0,01 проценти, што е релативно мал број на вкупниот број позитивни.
– Не може на населението да му кажеме дека ако ја прележало инфекцијата дека не може да има реинфекција, особено ако знаете дека има повеќе од четири илјади мутации на вирусот. При помал пад на имунолошкиот систем, сѐ може да се случи – додава епидемиологот.
Не се сомнева во невалидноста на тестовите за ковид-19, зашто посочува дека 20 институции во државава имаат одобрение од Министерството за здравство да се занимаваат со дијагностика и да прават ПЦР-тестови.

Во однос на анализата на Институтот за имунологија, според која, секој трет граѓанин има антитела за вирусот, министерот за здравство Венко Филипче вели дека треба да се направи добра анализа во однос на репрезентативноста на податоците поради присуството на нов сој на вирусот во земјава што, како што рече, малку ја менува ситуацијата.
– Може да се направи анализа за имунитет на еден сој во цела држава, но кога имаме други соеви тоа ја менува епидемиолошката слика – појасни Филипче.
Засега Министерството за здравство нема прецизна препорака за вакцинирањето на прележаните од ковид-19.
Сепак, некои здравствени работници што го прележале вирусот веќе примиле две дози од „Фајзер“ или се подготвуваат да ја примат и втората доза од руската вакцина.
– Има и една препорака прележаните да се вакцинираат со една доза од вакцината. Тоа се тие стручни препораки и затоа планот е направен да биде флексибилен за да може да се менува во согласност со новите препораки во согласност со достапноста на вакцините – рече Филипче.


Засега нема нови мерки

Останува во сила полицискиот час од 22 до 5 часот. Ако има потреба, во зависност од состојбата следните денови, ќе се воведат нови рестриктивни мерки. Дотогаш ќе се менаџираат сите капацитети во болниците во земјава со намера да се сместат сите пациенти заразени со коронавирусот што ќе имаат потреба од тоа. Ова се последните информации на Комисијата за заразни болести, според кои е констатирано дека во оние градови каде што имаше значајно зголемување на заболените сега има намалување, таков е примерот со Валандово, Крушево, Кавадарци и со Прилеп. Зголемување на заболените има во Скопје, Гостивар и во Велес.
Според министерот Венко Филипче, во болниците има 1.100 пополнети болнички места.
– Притисокот, особено во Скопје, беше навистина голем и правевме систем на координација со сите директори. Во функцијата е и едно одделение на хируршките клиники. Има сосема доволен број болнички кревети – вели тој.
Досега против коронавирусот се вакцинирани 5.300 здравствени работници.