Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во предвечерјето на летниот распуст на пратениците, кој започнува по илинденските празнувања, сѐ уште се чека носењето на неколку клучни закони и резолуции. Можно ли е, сепак, законите и резолуцијата да поминат во спринт за овие два-три дена или ќе се трча нов маратон наесен, по летните одмори? За аналитичарите ваквото тактизирање повеќе личи на расчистување на теренот за некакви коалиции за локалните избори, но и на купување време и можност за одложување на одлуките што се од национален интерес

Македонија нема време за губење

Деновиве, кога внимателно се читаат термометрите и се бројат денови до годишните одмори, случувањата во македонското собрание наведуваат на впечаток дека пратениците си поставиле амбициозни задачи да (не) поминат некои важни закони и одлуки во овие два-три дена до почнувањето на „колективниот“ пратенички одмор. На некој начин, динамиката на работа на Собранието пред летниот „распуст“, кој започнува по илинденските празнувања, за политичките аналитичари личи на расчистување на теренот за некакви коалиции за локалните избори наесен, но и на купување време и можност за одложување на одлуките што се од национален интерес. Или, со други зборови, пратениците се во своевиден спринт или маратон со пречки.

– Се плашам дека во овој собраниски „спринт“ пред летните одмори ќе поминат закони што им одат во прилог на некакви коалициски интереси, а штетни за државата, додека оние од национален интерес ќе бидат одложени… Ме загрижува што во досегашнава работа на Собранието ниту една партија (ниту од власта, ниту од опозицијата) не даде ниту еден предлог за антикорупциски закони – вели универзитетската професорка Солза Грчева, и самата активна како лидер на вонпарламентарен политички субјект.
Според Грчева, во овие преостанати неколку (жешки) денови до повлекувањето на политиката „под сенка“, потребно е што поскоро во Собранието да се донесе Резолуцијата за македонските црвени линии во преговорите со ЕУ, предизвикана од однесувањето и условувањето на Бугарија во целата измината година, и двете вета за започнување на преговарачкиот процес.
– Што поскоро ни е потребна таа резолуција, особено што веќе се лицитира со ново отворање на Уставот за внесување некакво бугарското малцинство во него. Ваквите лицитации се сосема нелогични, зашто од една страна Бугарија воопшто не го бара тоа, туку нејзините амбиции искажани и во нивната собраниска декларација се сите Македонци официјално да прифатат дека имаат бугарски корени. Од друга страна, 0,073 отсто пријавени Бугари на последниот попис, ирелевантно е да се зборува за бугарско малцинство во Македонија. Тоа повлекува и внесување на сите малцинства присутни во земјава помалку од 1 отсто во Уставот, што е сосема несоодветно за граѓански устав. Сите претставници од секое малцинство си ги имаат сите граѓански права и без да бидат споменати во Уставот. Веројатно и во текот на собраниската пауза ќе се водат некакви преговори со Бугарија и токму поради тоа ни е потребна Резолуцијата на македонското собрание, но се сомневам дека таа ќе биде донесена во овие два-три дена – вели професорката Грчева.

На сметка на одложувањето на Резолуцијата, Грчева смета дека ќе се дозволи да помине Законот за државјанство, со кој ќе се направи демографски дисбаланс во Македонија, поради „луди компромиси“ во пресрет на локалните избори. Освен тоа, таа стравува дека се подметнува и промена на Изборниот законик на штета на малите партии, непосредно пред локалните избори, кои ниту се осмислени, ниту постои стручна подготвеност за нивно спроведување, на два месеца пред рокот за одржување на изборите. Професорката смета дека секако нѐ очекува жешка политичка есен, што и да се изгласа до крајот на оваа седмица во Собранието, зашто пред нас е спроведување попис, кога веќе се исцртуваат контурите на четвртиот пандемиски бран низ цел свет, што повторно ги отвора старите дилеми. Исто така, таа е загрижена што во досегашната собраниска работа не се размислува за носење системски закони за спречување на корупцијата, туку се носат закони со кои им се угодува на коалициските албански партии.
Поранешниот пратеник Ферид Мухиќ во контекст на актуелните предизвици смета дека е добро што постои консензус за Резолуцијата, но и понатаму недостига национална стратегија за политиките на државата.

– Од она како се одвиваат дебатите во Собранието, со блокирање закони и наоѓање начини за избегнување дебати, изгледа како ништо да не е толку ургентно за да се донесе во овие два-три дена до одморот на пратениците. Но ангажираноста и интересот за предлозите укажуваат дека се работи за важни предлози, за кои треба сериозно да се дебатира и да се согледаат сите аспекти. Во поглед на Резолуцијата за македонските црвени линии за преговорите, се чини дека неизвесноста за нејзиното усвојување произлегува од чекањето да се конституира Собранието во Бугарија, за да се согледа дали ќе има релевантен преговарач од таа страна. Засега на бугарската страна е неизвесно. Тој период можеме да го искористиме за усогласување на текстот и деталите на предлог-резолуцијата. Во секој случај, добро е што се појави ваква резолуција, која ќе го дефинира долниот праг на толеранција на македонската страна во однос на националните прашања. И добро е што постои политички консензус дека треба да ја има. Сепак, сѐ уште ни недостига национална стратегија, но Резолуцијата е еден чекор понапред кон сериозно размислување за таквата потреба – вели универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ.