Резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на Македонија и за националните црвени линии е примена во Собранието и таа би можела да се најде на дневен ред на наредната седница, соопшти денеска од собраниската говорница претседателот на Собранието Талат Џафери.

– Резолуцијата е примена во Собранието и е во изготвување за да се распредели до пратеници.те Согласно Деловникот, за актите за коишто не се распределени до пратениците не може да се отпочне собраниска постапка. Се надевам дека целиот материјал ќе биде подготвен до наредната седница. Законската постапка за соодветниот документ не е почната – рече Џафери одговарајќи на процедуралната забелешка на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кој на почетокот на 46. седница побара Резолуцијата да биде ставена на дневен ред.

Во рамки на 46-та седница Собранието ги изгласа законот за ратификација на спогодбата помеѓу Македонија и Грузија за укинување на визи, предлог-законот за изменување на законот за социјалната заштита, во второ читање, како и предлог- законот за изменување и дополнување на законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба, во прво читање. Седницата продолжи по точките за измените на законот за ДДВ, односно за намалување на ДДВ за електричната енергија од 18 на 5 проценти, кои беа на дневен ред на 45-та седница.