Според правните експерти, она што е заедничко во сите овие извештаи е фактот дека се напишани со дипломатски речник или, со други зборови, на убав и фин начин е кажано дека земјата има некое помрднување во овие области, но тоа е милиметарско и во практика работите исклучително бавно се движат

АНАЛИЗА НА ИЗВЕШТАИТЕ НА ГРЕКО, СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ И ДКСК ЗА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И БИТКАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

Македонија во интервал од само неколку дена доби три исклучително битни извештаи поврзани со владеењето на правото и битката со корупцијата. Токму овие документи се конкретен доказ дека сите случувања тесно се мониторираат и од странство и од дома, и од нив зависи и напредокот на државата кон членство во Европската Унија. Она што е интересно е што различни организации со различна диоптрија, но и со одредени сличности гледаат на прашањата поврзани со правната држава и борбата против корупцијата. Еве како ГРЕКО, телото задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа, Стејт департментот на САД и Домашната државна комисија за спречување на корупцијата ги оценуваат состојбите во Македонија.

ГРЕКО евидентира значителен напредок во борбата со корупцијата

Првиот извештај на оваа тема наменет за Македонија, пристигна од страна на телото задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа именувано Група држави против корупцијата (ГРЕКО).
Во овој опширен европски документ публикуван во Стразбур се забележува дека во дадениот рок за спроведување на препораките од минатиот извештај Македонија од вкупно 23 препораки делумно или целосно исполнила 13, кои се однесуваат на „Превенцијата од корупција во парламентот, судството и јавното обвинителство“.
Генерално, како што стои во заклучоците на извештајот, направени се забележителни напори од страна на властите да се променат релевантните законски рамки од оваа област. Во некои аспекти, напредокот останува делумен, бидејќи сè уште треба да се решат голем број празнини и останува да се види постојана практична примена на новите правила.
Според ГРЕКО, сепак нашата земја е во подобра позиција од минатиот период и не се категоризира во групата на држави именувани „глобално незадоволителни“.
Во извештајот позитивно е оценето донесувањето на новиот кодекс за етичко однесување на владините функционери и се додава дека се постапува во согласност со одредбите, бидејќи веќе во државата има случаи на разрешени функционери.
Документот на ГРЕКО информира дека е постигнат успех во исполнување на препораките за јавно објавување на сите претставки и предлози поведени за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници, назначување посебни лица за интегритет и спроведување континуирани обуки за сите полициски службеници.

Стејт департментот: Бавно правосудство со зголемена непристрасност

Во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за состојбите во државите во светот за 2020 година, во делот што се однесува за Македонија се опфатени повеќе области, како судство, полиција, цивилни и затворски власти и како напредува битката против корупцијата во земјата
Во делот што се однесува на правосудството во земјата, Стејт департмент забележува дека обвинителите често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не сносат никакви последици.
Во извештајот се подвлекува дека „судската непримерност, прекумерниот притисок врз судиите, одложената правда и несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите, а тоа, пак, се смета дека влијае врз јавната доверба во правосудството“.
Стејт департментот укажува дека Владата демонстрира поголема почит за независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.
Во документот се посочува дека Судскиот совет, пак, доби 283 жалби за погрешно судско постапување, а одвоено Судскиот совет примил 60 формални барања за отстранување или дисциплинска постапка против судии.
Во делот на борбата против корупцијата се наведува дека законот предвидува казни за корупција од страна на службени лица и дека Владата генерално го спроведуваше законот, иако постојат извештаи за коруптивни активности на државни службеници.
– Невладините организации сметаат дека доминантната улога на државата во економијата создава можности за корупција. Државата е најголем работодавец во земјата. Според Министерството за информатичко општество и администрација, заклучно со 31 декември 2019 година, имало 132.900 лица вработени во јавниот сектор – се заклучува во извештајот на Стејт департментот.

Домашна антикорупциска битка со помалку пријави во ДКСК

На домашен план, деновиве и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе свој извештај на оваа тема. Според антикорупциска, минатата година тие добиле двојно помал број пријави споредено со 2019 година. Во најголем број пријавите се однесувале на корупцијата и пријави за судир на интереси.
Антикорупционерите информираат дека иако бројот на пријави е драстично намален, сепак тие лани донеле одлуки за двојно поголем број предмети.
– Во 2019 на годишно ниво сме имале по однос на сите доставени пријави и предмети отворени по сопствена иницијатива околу 1.300 предмети, а во 2020 околу 650 предмети. Меѓутоа, од 364 одлуки во 2019, во 2020 сме донеле 606 одлуки. Карактеристични области што сме ги забележале од најголем број предмети се состојбите со вработувањата во здравствените установи и акционерски друштва поради злоупотреба и искористување на дискрециските овластувања – вели Катица Николовска, членка на ДКСК.
Во извештајот на ДКСК се истакнува дека од вкупниот број поднесени иницијативи, надлежните институции прифатиле 31 отсто, додека 26 отсто од иницијативите биле отфрлени. За дел од иницијативите институциите и покрај дадените рокови, сѐ уште немаат одговорено дали постапиле или не.

Експертска анализа на заклучоците во трите извештаи

Во меѓувреме, правниците со кои се консултиравме велат дека сите три извештаи во себе имаат една заедничка точка во нивната оцена, а тоа е дека државата барем декларативно се движи нанапред во обезбедувањето на правната држава и битката со корупцијата. Правниците сепак додаваат дека во практика и на терен, работите ни приближно не личат на заклучоците од документите испишани со дипломатски речник.
Докторката по правни науки и професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Мирјана Најчевска, вели дека ако се анализираат сите извештаи заедно во нивните заклучоци можат да се најдат сродни точки, некаде тие во документите се експонирани директно, а некаде затскриено.
– Она што јас сумирано препознавам во овие извештаи е фактот дека партизацијата сѐ уште е присутна во правосудството и таа се изразува или преку дирекно интервенирање или преку процесот за назначување на функциите во фелата на правната држава. Партиите очигледно имаат свое влијание и во работата на судовите и обвинителствата, но и во кариерното напредување на поединците – вели Најчевска.
Професорката додава и дека еден елемент што исто така се сретнува во сите извештаи е фактот дека државата очигледно има свои законски регулативи што се солидни за напредокот на земјата во делот на стабилизирање на правната држава и битката со корупцијата.
Но според Најчевска, овие закони очигледно не се пренесуваат директно добро во практиката, а за тоа доказ се информациите во извештаите дека граѓаните сѐ уште немаат чувство дека во позитивен правец се практикуваат овие процеси.
– Секоја од овие организации, особено ГРЕКО и Стејт департментот, истакнува дека тие кај нас во Македонија препознале мотив за подобрување на состојбите, но сето тоа е само во зародок, но патот за подобрување сѐ уште е долг и тој ќе стои пред нас уште долго – резимира професорката.

Поранешниот судија на Врховниот суд, Дане Илиев, пак, констатира дека она што е заедничко за сите овие извештаи е фактот дека тие се напишани со дипломатски речник.
– Со тоа сакам да кажам дека на убав и фин начин е кажано дека земјата има некое помрднување во овие области, но тоа е милиметарско или многу минимално. Тоа, пак, значи дека во практика работите исклучително бавно се движат – вели Илиев.
Тој истакнува дека секој оној граѓанин што барем малку се разбира во начинот на кој функционира државата може да заклучи дека ниту имаме функционална правна држава ниту сме почнале да ја искоренуваме корупцијата.
– Од стручна гледна точка во овие извештаи забележувам еден тренд дека повеќе во фокусот се судовите, како тие работат, отколку обвинителствата – вели Илиев.
Тој напоменува дека ако сакаме навистина да ги размрдаме во позитивен правец случувањата, тогаш треба да очекуваме предметите за корупција и висок организиран криминал подобро и побргу да се процесираат, а не сето тоа да биде само декларативно.

[email protected]