Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во истражувањето во кое учествуваа речиси 4.000 деловни менаџери и менаџери за човечки ресурси од 26 држави и региони од 28 индустриски сектори, на виделина испливаа интересни податоци, кои покажаа дека ваквите промени полесно ги прифаќаат работниците, а потешко нивните раководители

Голем број студии покажаа дека во текот на пандемијата се појавија нови форми и начини на работа, кои повеќе му одговараат на сегашниов пазар на трудот. Технолошките промени бараат нови вештини, но едно опсежно истражување покажа дека само одвај четвртина од испитаниците може да ги препознаат вештините што ќе им требаат во иднина.

Предности и недостатоци на работата од дома

Истражувањето на „Прајсвотерхаус куперс“ излезе со податоци дека за време на пандемијата, голем број компании ги зголемија продуктивноста и перформансите на своите кадри, но истовремено се појавија културни и управувачки бариери, кои го кочат создавањето робусни стратегии за управување со работната сила.
Во истражувањето за тековните предизвици поврзани со работната сила и потенцијалната иднината на компаниите, во кое учествуваа речиси 4.000 деловни менаџери и менаџери за човечки ресурси од 26 држави и региони и 28 индустриски сектори, на виделина испливаа интересни податоци, кои покажаа дека ваквите промени полесно ги прифаќаат работниците, а потешко нивните раководители.
Така, работата на далечина и хибридната работа овозможија краткорочно зголемување на продуктивноста на повеќето работни позиции, а 57 отсто од вработените изјавија дека во последните 12 месеци, нивната организација имала подобри резултати во однос на продуктивноста и ефикасноста на работниците, во споредба со само 4 отсто, кои сметаат дека нивната компанија во текот на овој период постигнала значително полоши резултати.
Но и покрај тоа, како што се истакнува во истражувањето, зголемената ефикасност и продуктивност веројатно ја имаат нарушено долгорочната доверба кај вработените. Во основа, само 31 отсто од анкетираните раководители и менаџери за човечки ресурси цврсто веруваат дека нивната организација гради високо ниво на доверба меѓу работниците и нивните непосредни претпоставени. Делумно виновна за ова може да биде работната преоптовареност – речиси три четвртини (74 отсто) не се сосема убедени дека вработените можат доволно добро да се справат со обемот на работа, за да можат во целост да го искористат своето слободно време.
– Имајќи предвид дека компаниите ја забрзуваат дигиталната трансформација, резултатите од студијата истакнуваат дека раководењето и културата се клучни области на ризик при извршувањето на работните задачи. Збирот на фактори како што се веројатноста за недоверба на вработените, конкурентноста на пазарот на стручна работна сила и променливоста во очекувањата на работниците, во овој момент ставаат поголем акцент на улогата на раководителот – особено на потребата за инклузивно лидерство во една хибридна работна средина – истакна Бушан Сети, од американската канцеларија на „Прајсвотерхаус куперс“.

Планирање, планирање и планирање!

Студијата покажа дека ефикасното организациско планирање може да се покаже како многу исплатливо! Претпријатијата што вклучија планирани сценарија (каде што раководителите ги предвидуваат своите потреби за повеќе потенцијални иднини) и динамичното планирање (каде што раководителите инкорпорираат одговорност во планирањето) имаа за 30 отсто поголема веројатност да ги постигнат или да ги надминат финансиските и другите цели, во споредба со оние што не користат ниту еден од овие два пристапа. Покрај тоа, фирмите што спроведуваат само динамично планирање, во споредба со оние што практикуваат само планирани сценарија, се наоѓаат во предност од речиси 10 процентни поени.
– Оваа пандемија го зголеми притисокот за поголема интеграција на деловната стратегија и работната сила, втемелени на цврсто планирани сценарија, кои за некого носат значителна финансиска корист. Со оглед на тоа дека предвидуваме поголема краткорочна и долгорочна неизвесност, важноста од создавање ефикасни практики на планирање ќе биде од клучно значење за решавање на актуелните и идните приоритети во дејствувањето и работната сила – додаде Сети.
Како што истакнува студијата, дигитализацијата и понатаму ќе остане главна грижа за непосредните раководители, а во моментов постои јаз помеѓу зголемената улога на технологијата во стратегијата на работната сила и разбирањето на сите ризици. Имено, само 21 отсто од анкетираните раководители се цврсто убедени дека можат да ги идентификуваат потенцијалните ризици, предизвикани од одлуките за замена на човековиот труд со модерна технологија. Понатаму, само 25 отсто се согласни во тоа дека јасно и доследно комуницираат со вработените во однос на влијанието на автоматизацијата и вештачката интелигенција.
Исто така, како императив во планирањето би требало да биде вклучен и фокусот на потребата од вештини. Една третина од анкетираните деловни раководители и менаџери за човечки ресурси изјавиле дека е многу важно да се идентификуваат вештините, кои – поради многуте технолошки промени – во иднина ќе ѝ бидат потребни на организацијата, но само 26 отсто од нив се согласни во ставот дека е возможно тоа да се направи во овој момент.
– Сега е време кога раководителите треба да создадат средина што поддржува стабилна продуктивност. Луѓето се составен дел од технолошката формула – раководителите треба да се вклучат и да имаат слух за своите вработени, како и да бидат одговорни во врска со решавањето на проблемот со деловна исцрпеност и со желбата луѓето да работат во организации што функционираат во согласност со нивните сопствени цели, вредности и култура. Токму тоа е клучно за задржување и мотивација на вработените лица – заклучи Питер Браун од англиската канцеларија на „Прајсвотерхаус куперс“.