Карикатура: „Нова Македонија“

Комуникацијата меѓу Обвинителството и судот, по повод случајот „Рекет“, само ја дополни грдата слика за македонскиот правосуден систем, кој покажува сериозни симптоми на гнилост. Тоа е само уште една потврда за оправданоста на сѐ погласните барања и од ЕУ и од домашните правни експерти дека на македонското правосудство му е неопходна неодложна и темелна реформа, бидејќи во спротивно ќе нѐ однесе сите во пропаст

Пуштањето на Катица Јанева во домашен притвор и реакциите во врска со таквата одлука само ја прелеаја чашата на нефункционалност, некоординираност, неусогласеност или, со други зборови, отворената војна меѓу правосудните органи во државата, што кулминира дури и со меѓусебни обвинувања и закани. Ваквите случувања се само уште еден тежок удар врз правната држава, чие функционирање сѐ повеќе личи на раштиман оркестар.
Имено, Апелацискиот суд оценил дека развојот на настаните во случајот „Рекет“ овозможува Јанева да го напушти истражниот затвор во Шутка и да ѝ се одреди мерката куќен притвор.
Очекувано беше дека секоја судска одлука за некој од обвинетите во случајот за изнуда и уцена, наречен „Рекет“, ќе одекне спектакуларно, но претпоставките не одеа во насока дека ќе предизвика своевидна „внатрешна војна“ во правосудството.

Со остра реакција веднаш се огласи јавната обвинителка Вилма Рускоска, која ја води истрагата за случајот „Рекет“ и која најави дека ќе поведе финансиска истрага за судиите од Апелацискиот суд што ја донеле одлуката за домашен притвор на Јанева. Следуваше контрареакција од судиите дека ќе поднесат пријава во МВР за закани од обвинителката. Сепак, ваквата комуникација меѓу Обвинителството и судот, која беше оценета како непримерна, само ја дополни претставата за македонското судство, кое покажува симптоми на гниење. Всушност оваа ситуација е уште едно прелевање на чашата на перцепцијата за некоординирано судство, политички диригирано, подложно на влијанија, на корупција, непрофесионалност…, што беше и еден од клучните аргументи за недобивањето датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа е само уште една потврда (покрај зачестените бегства од затвор и од избегнување на соочувањето со правдата на осудени лица) на сомневањата на некои од земјите-членки на ЕУ за неподготвеноста на Македонија за преговори.

– Кејти навистина е нинџа: направи дар-мар од правосудниот систем, од моментот кога си се самокандидираше на партиските листи на двете партии, сѐ до сега кога си излегува од притвор, обвинителката Русковска имплицитно ги обвинува судиите што дозволиле домашен притвор без гаранции за поткуп, а тие ѝ возвраќаат со пријава на обвинителката во МВР поради закани по СМС. Па, ова го нема ни во најлошите филмови на Холивуд!

Но, знаете зошто паѓа снегот, нели? Не за да го покрие брегот, туку за да ги открие трагите на сите мешетари. Можеби затоа Кејти е најдоброто нешто што можеше да ни се случи за да видиме дека овде не останало ништо здраво! Ништо! Ниту се оправа, ниту се поправа. Да не се залажуваме, да не тресеме празна слама за реформи – пишува професорката Билјана Ванковска по одлуката за домашен притвор за Катица Јанева и комуникацијата на релацијата Обвинителство – Апелациски суд.
Разочараноста на јавноста и граѓаните, од сета таа нефункционалност на правниот систем во Македонија, веќе се граничат со целосно неверување дека на регуларен начин ќе можат да си остварат некое свое право по судски пат.

– Сѐ во општеството функционира по принципот на сврзани садови, односно и правосудството не отскокнува од општата слика на функционалноста на сите институции во државата. Значи какво што е нивото во здравството, во образованието, во администрацијата… такво е и во правосудството. Проблемот со нефункционалноста на институциите произлегува од политичката практика секоја нова гарнитура на власт да прави нова држава. Институциите како да немаат меморија, односно секој што ќе дојде на раководна позиција како да сака да избрише сѐ што направиле претходниците. Колку и да имаат спротивставени политички позиции и интереси, партиите треба да изградат заедничка стратегија за некои клучни процеси за државата. Кадрите што водат некои стратегиски процеси треба да го задржат континуитетот во работата – смета адвокатот Александар Тортевски.

Во однос на актуелните меѓусебни расправии на институциите во правосудството, по повод случајот „Рекет“, Тортевски смета дека тие се непримерни и дека постојат правни инструменти како да се спроведе истражна постапка доколку има одредени сомневања, која е многу подискретна, без да се прават јавни скандали и да се одвлекува вниманието од вистинскиот судски предмет. За дел од јавноста, непримерната комуникација меѓу обвинителката Рускоска и судиите од Апелацискиот суд, претставува „театар за јавноста“, но ја поткрепува и перцепцијата за правосудството како раштиман оркестар.

Фото: Игор Бансколиев

Судскиот совет со осуда за Рускоска

Републичкиот Судски совет најостро го осуди однесување на јавната обвинителка Вилма Рускоска и смета дека е во спротивност на етичкиот кодекс на јавните обвинители.
– По повод изјавата на јавната обвинителка за организиран криминал и корупција – Скопје, Вилма Рускоска, во врска со законитоста на одлуката на Кривичниот совет при Апелацискиот суд Скопје за определување на мерката – куќен притвор, за обвинетата Катица Јанева, по спроведениот увид во Апелацискиот суд, Судскиот совет констатира дека ваквите изјави сo закана спрема судиите, од еден од учесниците во судските постапки претставува: грубо кршење на принципот на еднаквост и рамноправност на учесниците во кривична постапка, влијание врз јавноста по однос на законитоста на судската одлука спротивно на Уставот и позитивните законски прописи, злоупотреба на правата во судска постапка, недозволено мешање и притисок врз судиите при донесувањето судски одлуки и нарушување на угледот на судот и судската власт преку создавање правна несигурност како еден од сегментите на принципот на владеeње на правото – се наведува во реакцијата од Судскиот совет.


СМС – „Од гаќи ќе ве истресам“

Содржината на пораката на јавната обвинителка Вилма Рускоска до судиите на Апелацискиот суд, го привлече вниманието од тежината и (не)оправданоста на одлуката за пуштање на Катица Јанева од притвор.
– Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите – е содржина на СМС-от што обвинителката Вилма Рускоска ја испратила до судиите во Апелацискиот суд во Скопје.
Несекојдневната остра реакција на обвинителката фрли нова светлина на односите во правосудството.