Фото: Маја Јаневска-Илиева

Опозицијата не отстапува од барањата СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал и да прекине со истрагите по 30 јуни, како и обвинителот да се избира по предлог од опозицијата, но и да се отворат нови предмети за расчистување на коруптивните инкриминирани дејства што ѝ тежат на македонската јавност

Гордиевиот јазол за евентуално добивање датум за почетокот на преговори за членство во ЕУ, овој пат за Македонија е заплеткано околу судбината на СЈО. Токму поради тоа, судбината на специјалното јавно обвинителство беше и една од најгорливите теми на кои дебатираа премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на опозициското ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во ТВ-дуелот. Но ниту телевизиската дебата не ја расчисти дилемата во однос на ова прашање, туку само создаде дополнителна забуна дали и кога од ВМРО-ДПМНЕ ги испратиле до Министерството за правда амандманите на новиот закон, со кој му се регулира статусот на СЈО.

Сепак, и покрај партиските расправии и временската дискрепанција, подоцна беше утврдено дека амандманите се пристигнати на електронската пошта на Министерството за правда и денеска попладне ќе се одржи нова рунда преговори меѓу власта и опозицијата за новиот предлог-закон за обвинителство, што го опфаќа и СЈО.

Дознаваме дека станува збор за 65 амандмани, кои од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат власта да ги прифати, откако двете претходни средби на работната група поминаа без договор. Опозицијата не отстапува од барањата СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал и да прекине со истрагите по 30 јуни, како и обвинителот да се избира по предлог од опозицијата. За власта законот е добар и во согласност со сите меѓународни препораки. Ако двете страни не успеат да постигнат договор, власта не ја исклучува можноста за консултации со сите пратеници, за да обезбеди двотретинско мнозинство.

Поради „драмата“ околу утврдувањето на времето на пристигнување на амандманите во Министерството за правда, јавноста првично остана лишена од информации за содржината и суштината на опозициските предлози за Законот на обвинителството. Нашиот весник, сепак, успеа да дојде до информација што содржат овие амандмани.
– Содржината на 65-те амандмани на предлог-законот за обвинителство што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ се темелат на три основни принципи, почнувајќи од целосна имплементација на 11 меѓународни документи, кои ги одредуваат стандардите како треба да изгледа современо, независно и транспарентно јавно обвинителство. Вториот принцип на кој се инсистира во нашите амандмани е заштитата на основните човекови права, односно формирање одделение за следење на одлуките и практиките на Европскиот суд за човекови права. Конкретно, почитување на принципот и практиката на Европскиот суд за човекови права дека постапки засновани на нелегитимно собрани докази не може да бидат предмет на обработка во обвинителската практика во македонскиот правосуден систем. Тоа подразбира нелегитимност на постапките започнати од СЈО по периодот од 30 јуни 2017 година – вели за „Нова Македонија“, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Стоилковски наведува дека Европскиот суд за човекови права упатува на водење постапки на јавните обвинителства засновани врз прецизни закони, при што ги наведува случаите „Малоун против Велика Британија“ и „Курслин Увинг против Франција“, каде што државите ги губат процесите токму поради прислушување спроведено со непрецизна законска покриеност. Третиот принцип на кои се повикува опозициската партија во своите амандмани е оној за независност, неутралност, отчетност, ефикасност и ефективност во борбата против криминалот. Врз основа на овој принцип, констатирано е дека главната закана за независноста на СЈО произлегува од извршната власт. Наведуваат дека меѓународните стандарди се во насока на ограничување на овластувањата на извршната власт и создавање стандардизиран систем за транспарентност.

– Во контекст на третиот принцип на кој се потпираат нашите амандмани на предлог-законот за обвинителство, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е: избор на јавен обвинител по предлог од опозицијата, СЈО да ги заврши предметите започнати до 30 јуни 2017 година, да заврши со работа овој состав на СЈО и формирање анкетна комисија што ќе ја испита нивната досегашна работа. Потоа, новото одделение на СЈО да отвори нови предмети за расчистување на коруптивните инкриминирани дејства што ѝ тежат на македонската јавност од времето на транзицијата до денес – вели Наум Стоилковски.
Инаку, во јавноста болната транзиција најчесто се поврзува со процесот на приватизацијата и со грабежот на општестве­ниот капитал.

Законот за јавно обвинителство треба да биде усогласен до 1 април, кога започнува кампањата за претседателските избори и собраниските активности ќе бидат намалени.