Фото: Игор Бансколиев

Во сегашните политички околности, клучното прашање е кој е пакетот на „итни и најефектни мерки за брза консолидација на државата“, за да се надминат политичката, економската, енергетската, здравствената и дипломатската криза, што е од највисок интерес на граѓаните и општеството во целина. Во таа насока прашавме политичари и професори со долгодецениско искуство, вештини и знаење за тоа што ѝ е потребно на земјата, односно какви мерки се најнеопходни за консолидација и стабилизација на државата во моментов, без разлика на политичките калкулации за тоа кој го има мнозинството и без оглед каков ќе биде исходот од седницата за
гласање доверба на Владата

ЕГЗЕКУТИВНА ВЛАСТ Ѝ Е ПОВЕЌЕ ОД ПОТРЕБНА НА МАКЕДОНИЈА

Македонија се соочува со политичка, енергетска, економска, здравствена, но и дипломатска, односно со криза во надворешната политика, поради ветото од Бугарија, кое ја држи земјата надвор од Европската Унија.
Последиците од сите овие кризи веќе на големо ги чувствува стопанството, а и граѓаните, кои се соочени со постојан раст на цените, недостиг од енергенти, здравствени предизвици и пораст на заразени од ковид-19. Сето тоа сѐ повеќе создава чувство на разочараност и апатија. Стопанството е исто така во тешка, би рекле безизлезна состојба, соочено со крајно неповолни и нарушени услови за стопанисување и водење бизнис.
Во вакви околности, клучното прашање е кои се најбрзите, но наедно и најефектните мерки за брза консолидација, за да се надминат сите овие кризи, нешто што би било во интерес на граѓаните, економијата и општеството во целина.
Во таа насока, „Нова Македонија“ праша веќе искусни политичари и професори што ѝ е потребно на земјата, какви мерки треба да препознае и спроведе извршната власт, за брза интервенција за решавање на сите овие кризи, без разлика на политичките калкулации за тоа кој го има мнозинството и каков ќе биде исходот од седницата за гласање доверба на Владата.

Најпрвин и веднаш – решавање на политичката криза

Експертите се согласни. Тие велат ни е потребна извршна власт што ќе работи одговорно, а за брзо извлекување на државата од кризите е потребно таа прво да се занимава со домашните проблеми, кои позитивно ќе се рефлектираат и на надворешните политики.
Историчарот Тодор Чепреганов смета дека во моментов во систем каде што сѐ е политизирано, и по хоризонтала и по вертикала, тешко е да се даде одговор кој од нив, а и што може да ја извлече земјата од сите овие кризи, од кои некои се внатрешни, а некои се светски.
– Тоа можеби може да го направи само влада што ќе биде во основа државничка. Само таква влада може да ја извлече земјата од оваа политичка и економска криза. Сите луѓе што нешто вредат во системот да си ги заземат местата каде што можат да помогнат. Не е потребно да се ставаат само личности врз основа на нивната партиска припадност – вели Чепреганов.
Тој смета дека луѓето треба да се гледаат врз основа на тоа што направиле, нивната наобразба, искуство, компетентност, патриотизам и, се разбира, работа, работа и само работа во интерес на нацијата и државата. Без разлика со кој проблем би влегле приоритетно во костец по решавањето на политичкава криза, работата и посветеноста кон народот е она што треба да го направи извршната власт, во функција на граѓаните.
– Главното решение за да излеземе од овие кризи е да се смени вредносниот систем на оние што ќе бидат на чело на Владата. Сѐ додека се политизираат и партизираат сите места и во политиката и во економијата, Македонија нема да закрепне и ќе биде само подолу и подолу. Тоа е единствениот брз спас од оваа состојба – заклучува професорот.

Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка и бивш министер за финансии, смета дека е потребна компетентна влада, пред сѐ чесна влада што ќе работи на остварување на заедничките интереси, односно општествените, а не на задоволувањето на потребите на одредени групации, на интереси на партиски врхушки и на нивни клиенти.
– Потребна е влада со знаење и со одговорност, влада што сака да работи чесно. Влада што е свртена да ги решава пред сѐ домашните проблеми на граѓаните, а решавајќи ги внатрешните кризи и конфликти, така ќе има и подобра преговарачка подлога за која било надворешна потреба – вели Гошев.
Според него, во овој период сите сегменти во земјава се во криза.
– Имаме криза на сите полиња, зашто имаме една деградирана држава. Прашањето е како ние се справуваме во овие ситуации, дали сме граделе капацитет или сме го рушеле системот. Зашто кризи секогаш имало и ќе има, но прашањето е кој колку е подготвен да се справи со моментите кога има екстерни или интерни шокови во државата – посочува бившиот министер за финансии.
Гошев вели дека во оваа ситуација имаме само дневни политики и дневни интриги, а на ниту едно прашање не се гледа на долг рок.
– Ова што се случува е гола битка за власт, доаѓање на власт и заграбување на пленот во име на сите. Крајно неодговорно е ова сега што се случува од сите учесници во политичката сцена – заклучува Гошев.

По политичката стабилизација, ургентно во костец со решавање на енергетската криза

Актуелната состојба во која се наоѓа Македонија и предизвиците што ѝ се наметнуваат на домашен и меѓународен план, според анализите на претседателот на Светскиот македонски конгрес и пратеник во првиот парламентарен состав на независна Македонија, Тодор Петров, се дека политиките на егзекутивната власт веќе треба да препознаат пет приоритети со кои треба ургентно да се соочи, за кои треба да бидат подготвени решенија во најдобар интерес на граѓаните и на државата.
– Она што во моментот како најургентен предизвик се наметнува на секој што има амбиции да ја предводи извршната власт е ангажирање на сите капацитети и можности за менаџирање на сериозните најави за претстојната енергетска криза. Секако, не смеат да се запостават и предизвиците на пандемијата, со сите нејзини импликации врз економијата, финансиите и социјалата. Меѓу приоритетите за премиерот треба да биде и наоѓање решение како да се вратат преговорите со Бугарија на принципите на меѓународното право, пред сѐ на принципот на суверена еднаквост, со што би се направил принципиелен пробив во евроинтеграциите, но и би станал принцип во градењето на меѓународните односи на Македонија, воопшто. Моменталниот однос на силите во парламентот, тешкотиите во функционирањето со тенкото мнозинство, во приоритетите на секој премиер го наметнува и организирањето предвремени парламентарни избори – вели Тодор Петров.

Пораката на поранешните претседатели на Македонија во МАНУ

На неодамнешната конференција во МАНУ, по повод 30 години независност на Македонија, поранешните претседатели на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, како завршна поента на своите излагања истакнаа што ѝ е најпотребно на земјата во актуелната состојба.
Според претседателот Бранко Црвенковски, ургентно е потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус.
– На Македонија ѝ е ургентно потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција, сѐ додека клучните работи не бидат доведени во ред.
Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со корупцијата. Според мене, треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на партиите. Ако со помош на корупција се освојува или зачувува власта, немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата.
Итно ни е потребен еден строг ригорозен закон за потеклото на имотот, кој ефикасно и неселективно ќе се применува за секого без исклучок.
Платформа во која ќе се дефинираат план и временска рамка за спроведување за рационализација на администрацијата и јавниот сектор во државата.
Платформа во која ќе се дефинираат политика и рокови за намалување на вкупниот надворешен долг на државата на подносливо ниво.
И, што е можеби и најважно, бидејќи се однесува на генералната стратегија на државата: да работиме упорно и посветено, да направиме сѐ во рамките на нашите можности да ја постигнеме нашата стратегиска цел – полноправно членство во ЕУ – истакна во МАНУ Бранко Црвенковски.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, низ еден своевиден несекојдневен, помалку политички, а повеќе универзално-вредносен агол, посочува која е основата да се дојде до она што ѝ е најпотребното на Македонија. Тој ги цитираше бесмртните зборови на Елен Гулд Вајт од крајот на 19 век.

Што е она што сега ѝ е најпотребно на Македонија? Најпотребно ѝ е она што е најпотребно и за светот! Нема потреба ништо ново да се измислува или размислува, сè е кажано во бесмртните зборови на Елен Гулд Вајт од крајот на 19 век: „Најголемата потреба на светот е потребата за луѓе: луѓе што не можат да се купат или продадат, луѓе што се искрени и чесни во длабочината на својата душа, луѓе што не се плашат да го наречат гревот со неговото вистинско име, луѓе чија совест е верна на должноста како магнетната игла на полот, луѓе што ќе останат на страната на праведноста дури и ако небото се сруши“.
И навистина, денес на Република Македонија повеќе од кога и да е ѝ се потребни луѓе. Луѓе што со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци, дека се македонски народ. Луѓе што говорат и творат на македонскиот јазик дури и кога некој друг го негира. Луѓе што ќе се гордеат со нашите историски дострели, личности и настани што сега некој сака да ни ги одземе. Луѓе што ќе ја шират македонската вистина тогаш кога некој сака да ја измени, да ја продаде, да ја избрише. Луѓе што нема да се автоцензурираат и кои со храброст ќе говорат што е Македонија. Македонија има потреба од луѓе што нема да се плашат да ги посочат виновниците. Виновниците што посегнаа да ги цензурираат и нашите колективни сеќавања. Да ја цензурираат македонската историја, македонската култура, да ги менуваат фактите онака како што им треба на другите. Виновниците што дури посегнаа да ја цензурираат и контролираат македонската свест. Сега ни се потребни луѓе што допрва ќе градат држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината. Луѓе и народ што конечно ќе се домакедончат – истакна поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

[email protected]