За разлика од практиката во другите земји каде што меѓу првата група имунизирани беа политичарите, во Македонија сепак нема да има таков момент на таканаречен „мотивациски политички пример“. Некои аналитичари, пак, сметаат дека со евентуално поместување на политичарите во приоритетната група за вакцинирање би се овозможило непречено функционирање на клучните државни институции. На пример, Собранието би функционирало без ризик од отсуства и застои, би се овозможило многу поефикасно извршување на пратеничката функција, би се откочил понепосредниот контакт со граѓаните… Ќе минат ли функционерите во приоритетната група за вакцинирање?

Вакцинирањето по строго утврден редослед и процедури

Меѓу првите слики (снимки) од земјите каде што веќе е во тек имунизацијата од коронавирусот, пренесени од светските медиуми, најчесто беше моментот на вакцинирањето на политичките лидери – вообичаено претседателот или премиерот на државата. Аргументот за јавното приоритетно вакцинирање на политичарите, речиси во сите ситуации, во сите земји беше дека на тој начин им даваат пример на граѓаните, ја изразуваат својата доверба во однос на ефикасноста на вакцината и покажуваат подготвеност за справување со пандемијата. Секако, не изостана ни демонстрирањето дополнителна политичко-партиска и автопромоција.

Веќе се изгуби логиката на принципот „политички и личен пример“ за вакцинирањето кај нас

Во Македонија, пак, ситуацијата со задоцнетиот почеток на вакцинацијата исто така беше користена како политичка тема со различна мотивација и аргументација на политичките субјекти. Конечно, по добивањето 4.680 дози од вакцините на „Фајзер“, како донација од Србија, во земјава започна имунизацијата против ковид-19, а првите вакцини ќе бидат наменети за медицинскиот персонал на Инфективната клиника. Но за разлика од практиката во другите земји каде што меѓу првата група имунизирани беа политичарите, во Македонија сепак нема да има таков момент на „прв мотивациски политички пример“. Меѓу оние што ќе бидат први вакцинирани, дури нема да биде и министерот за здравство, Венко Филипче, кој кажа дека ќе се вакцинира кога во земјава ќе пристигне втората пратка вакцини. Министерот им остава предност на неговите колеги што се изложени на голем ризик во ковид-центрите низ државата.
Од перспектива на речиси едногодишно искуство со пандемијата во Македонија, може да се каже дека и покрај временските ограничувања за движење и карантинските мерки, сепак динамиката на политичкиот активизам беше особено интензивен. Имено, се одржаа предвремени парламентарни избори, беше конституирано ново собрание, но исто така и повеќе политичари минаа низ различни искуства на справување со заразата од коронавирусот. Како превентивна мерка за заштита од вирусот, односно за одржување на физичката дистанца, новиот парламентарен состав седниците не ги одржува во пленарната сала, а и поради случаи на заразеност на одредени пратеници, често се доведува во прашање парламентарното мнозинство.

Кои аргументи сѐ уште ја држат „свежа“ темата за приоритетот за имунизација за политичарите

За подобрување на ефикасноста, сѐ уште е актуелна идејата за онлајн работа на Собранието, која е прифатена меѓу пратениците. Таквите ставови, како и фактот дека наесен Македонија ја очекуваат локални избори, што значи зголемена динамика на активности и контакти на политичарите, го држи сѐ уште свежо размислувањето за приоритетот за нивна имунизација.
– Вакцинацијата не може и не смее да биде задолжителна за никого, па ниту за политичарите. Тоа треба да се одвива доброволно, преку изразена желба на секој граѓанин. Пред да биде извршена вакцинацијата, треба задолжително да се проверат други медицински параметри кај секој што пројавил интерес, пред сѐ процентот на антитела во организмот. Иако има голем притисок за брза имунизација, треба внимателно да му се пристапи на целиот процес. Повторно ќе истакнам дека вакцинацијата не смее да биде задолжителна, ниту да има каква било дискриминација врз која било основа. Секако, тоа еднакво има значење и за политичарите, кои пред сѐ се граѓани за кои важат истите граѓански права – вели инфектологот Вело Марковски.
Во врска со интересот на политичарите за имунизација, уште пред пристигнувањето на првата пратка, лидерите на речиси сите политички опции во Македонија, но и други партиски функционери, јавно изјавуваа дека меѓу првите би се вакцинирале. По првата пратка вакцини со мошне мало ограничено количество, се чини дека политичарите го согледаа и почитуваа приоритетот за вакцинација на медицинскиот персонал од првите редови на борба против пандемијата. За втората очекувана пратка на вакцини од Кина, со најавени околу 200.000 дози, политичарите би можеле да ги реализираат своите јавни ветувања за вакцинација.

Нема протекции, вакцинирањето ќе оди во согласност со
Националниот оперативен план за вакцинација

Во однос на некаков приоритет на политичарите при вакцинацијата, од Владата велат дека „имунизацијата во државата ќе се одвива во согласност со Националниот оперативен план за вакцинација против ковид-19, во којшто се опфатени три фази и групи на граѓани според приоритет“. Во Собранието засега нема иницијатива за некаква „колективна имунизација“, ниту барања за приоритет при вакцинација на пратениците. Имунизацијата за сопствена здравствена заштита или за мотивациски пример на граѓаните е сепак индивидуална одлука на пратениците, но во извесна мера и политичка процена за можен придонес за политичкиот рејтинг.