Фото: Игор Бансколиев

Преземањето одговорност за соборувањето на интернет-страницата на агрегаторот „Тајм.мк“ од страна на наводната хакерска група „АнонОпсМКД“, како и дополнително упатените закани во јавноста преку социјалната мрежа Твитер од страна на истата група, предизвика вознемиреност и несигурност во јавноста. Поаѓајќи од таквите состојби, „Нова Македонија“ се обрати до Јавното обвинителство и до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, за да дојде до одговори од поширок јавен интерес

Во очекување ефикасна реакција на институциите по преземањето одговорност за хакерските напади од страна на АнонОпсМКД

Хакерската група, која како таква јавно се легитимира преку социјалната мрежа Твитер, презема одговорност за сајбер-нападот врз агрегаторот на вести „Тајм.мк“ на денот на изборите. Твитер-налогот АнонОпсМКД преку кој е преземена одговорноста за стореното дело е отворен месецов. Во соопштението што се лиферува преку твитер-налогот АнонОпсМКД се индицира дека групата ги знае сторителите за соборувањето на интернет-страницата на ДИК и дека самата се оградува од нападот на страницата на ДИК. Во текстот се упатени и закани за нови напади доколку биде поставен премиер Албанец по составувањето на новата влада. Групата се оградува дека е под влијание на одреден партиско-политички центар на моќ. Уште повеќе, авторот на пораката ја отфрла и поврзаноста со странски држави и служби, истакнувајќи дека се „финансирани од гневот кон сите уништувачи на Македонија“.

– Неколку точки објаснување околу целиот „хаос“. Не сме поврзани со нападот на ДИК, за тој напад обратете се кај браќата во Косово. Доколку ви треба помош за наоѓање на сторителите, отворете дарквеб. Сега едно предупредување, буквална закана кон сите партии. Ако дозволите ДУИ да ве натера да изберете Албанец за премиер, во размена за мандати, ќе ви се случи целосно затемнување во рок од 24 часа. Очекувајте повеќе твитови и интересни напади наскоро – се наведува, меѓу другото, во пораката објавена на Твитер минатиот петок.
Два дена подоцна, АнонОпсМКД објави и наводни докази за соборувањето на „Тајм.мк“, а истиот ден беше забележана и последната активност на твитер-налогот.
Со преземањето одговорност за соборувањето на интернет-страницата на агрегаторот „Тајм.мк“, од страна на наводната хакерска група „АнонОпсМКД“, како и дополнително упатените закани во јавноста преку социјалната мрежа Твитер од страна на истата група, се предизвикаа вознемиреност и несигурност во јавноста. Поаѓајќи од таквите состојби, „Нова Македонија“ се обрати до Јавното обвинителство и до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, за да дојде до одговори од поширок јавен интерес.

Во одговорот од Обвинителството што го добивме, ЈО информира дека постапува во координација со МВР за да ги открие причините за нефункционирањето на страницата на ДИК. Во таа насока се спроведува анализа на софтверскиот систем, која треба да утврди дали воопшто постојат елементи за сторено кривично дело, како и за евентуалните сторители. Обвинителството посочи и дека ги следи сите информации за случајот и оти ќе постапи во согласност со надлежностите доколку бидат утврдени елементи на сторено кривично дело.
– Во координација со Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи постапува во насока на утврдување на причините за нефункционирањето на интернет-страницата за објава на изборните резултати на Државната изборна комисија. Притоа се прави анализа на софтверскиот систем, од која ќе зависи дали ќе бидат утврдени елементи на сторено кривично дело и евентуални сторители на кривично дело. Јавното обвинителство внимателно ги следи сите информации во врска со овој предмет и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, ќе постапи во согласност со своите надлежности – се вели во одговорот од Јавното обвинителство.

Во исто време кога интернет-страницата на ДИК беше цел на хакерски напад, соборени беа и страниците на агрегаторот „Тајм.мк“ и на телевизија Телма, а пробивите во компјутерските системи во државните институции го наметнаа прашањето дали државата презема доволно мерки за заштита и особено дали се води сметка за стручноста на кадарот што треба да се грижи за безбедноста на системите. Новите закани за хакерски напади претставуваат уште еден аларм до надлежните институции да го расветлат случајот за кој јавноста очекува одговори. С.Н.М.