Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дури и кога се пијат лекови пропишани од лекар, тие можат да му наштетат на организмот ако не се земаат правилно, бидејќи, како што велат фармацевтите, многу од нив се врзани за времето, исхраната, телесната тежина на пациентот и за многу други фактори

Пандемијата ги исплаши луѓето и ги натера да стравуваат за своето здравје. Здравите упорно се обидуваат да си го зачуваат имунитетот и да останат незаразени, а болните да оздрават. Токму поради тој страв, кај многумина, уште поизразена стана навиката да користат што повеќе медикаменти и витамини занемарувајќи ги предупредувањата оти пропишаната терапија за еден не мора да биде соодветна за друг корисник и оти не треба да се постапува според искуствата и препораки што сѐ почесто се споделуваат во непосредната комуникација и на социјалните мрежи. Токсиколозите добро велат дека единствена разлика меѓу лекот и отровот е дозата, која не може да биде идентична за секого.
– При земањето голем број лекови не само што се оптоварени органите за варење, особено органите што се задолжени за елиминација на лекот од организмот, туку е многу важна и интеракцијата помеѓу лековите, редоследот по кој треба и може да се земаат. Појавата на несаканите реакции од самиот лек е една работа и секој моќен потентен лек ја има, а интеракција со други лекови доколку се земаат во исто време може да доведе до истакнување на несаканите реакции или, пак, до намалување на дејството на еден од лековите. Тоа значи дека мора да се следи одреден протокол при примањето на лековите, на одредени лекови на рецепт, на витаминските препарати, на пробиотиците и на другите додатоци во исхраната.

Не само што тие самите дејствуваат во организмот туку тие дејствуваат и заеднички едни со други, имаат интеракции и покажуваат дополнителни несакани ефекти затоа што едни со други имаат заеднички несакани реакции. Многу е важно да се знае дека некои од лековите што се земаат се врзани за исхраната, со самото време кога човекот ќе земе оброк. Важно е и временското растојание на земање помеѓу два лека што меѓусебно прават интеракција, тоа значи дека не може сабајле да ја наполните раката со лекови и да ги испиете сите. Мора помеѓу некои лекови да има временско растојание – објаснува професорката д-р Бистра Ангеловска, претседателка на Комората на фармацевти.
И покрај овие упатства, токсиколозите неретко имаат работа со „предозираните“ пациенти.
– Сме имале случаи кога пациенти испиле повеќе таблети од пропишаната терапија и се јавиле во нашава клиника за совет или, пак, биле на третман во дневната болница на опсервација. Морам да кажам тоа се пациенти со благи и лесно изразени форми. Многу малку случаи се на ненамерно труење со лекови поради неправилно применета терапија и најчесто станува збор за случаи кога наместо една испиле две или три таблети. Се јавуваат на нашиот телефон и ние им советуваме што треба да направат – раскажува проф. д-р Жаклина Перевска од Клиниката за токсикологија во Скопје.
Фармацевтите велат дека треба да се внимава и со земањето на витамините. Така, според нив, витаминот Ц, на пример, треба да се зема пред јадење, а витаминот Д со јадење или по јадење и дека во преголеми дози можат да имаат несакано дејство.
Но она на што фармацевтите особено предупредуваат е земањето антибиотици.

– Антибиотиците се лекови од прва линија за лекување на бактериските инфекции. Тоа е неоспорно. Ковидот е предизвикан од вирус што значи дека на вирус антибиотиците не дејствуваат, но кај потешките клинички слики со оглед на тоа дека може да дојде и до секундарни бактериски инфекции кај средно тешките случаи се препорачува давање одреден антибиотик во одредено времетраење во одредена доза што ќе ја препорачаат лекарот и фармацевтот. Доколку се прекине земањето на антибиотикот или самиот пациент ја промени дозата, ризикува да стане резистентен на тој антибиотик. Значи дека тој лек на таа бактерија за која е наменет нема повеќе да дејствува, нема да дејствува и следен пат доколку пациентот повторно ја има таа бактерија – вели проф. д-р Ангеловска.
Таа додава дека бактериската резистенција на антибиотиците е еден од најголемите глобални светски проблеми во однос на терапијата. Таа настанува при неадекватна употреба на антибиотици, кога тие се земаат непотребно, кога се земаат во помала доза од потребното, тоа е субдозирање или кога се земаат во пократко време, кога на пример самиот пациент да ја прекинува терапијата, бидејќи и тогаш се стимулира резистенцијата.
Поради резистенцијата на антибиотици фармацевтите доаѓаат во ситуација кога во одреден момент немаат доволно јак антибиотик да лекуваат некоја обична инфекција. Светската здравствена организација (СЗО) веќе предупреди дека сѐ повеќе се појавуваат бактерии што се резистентни на сите познати антибиотици, нешто што човештвото го доведува во сериозна опасност. Уште пострашно е што при размножувањето на тие бактерии и нивното пренесувањето на друг човек, тие и кај него се резистентни на антибиотикот и тој не може да се лекува.

– Тоа значи дека лековите, а особено антибиотиците, не смеат да се земаат на своја рака. Покрај тоа антибиотиците при елиминацијата, бидејќи се токсични, можат да предизвикаат оштетување на црниот дроб и на бубрезите, а некои покажуваат токсичност за одредени други делови од организмот. Антибиотиците освен што ги уништуваат лошите бактерии, ги уништуваат и добрите бактерии што ја прават цревната флора и ги одржуваат варењето и дистрибуцијата на храната низ дигестивниот тракт – објаснува Ангеловска.
Конечно, во однос на стравот на граѓаните за нивното здравје и на земањето витамини, фармацевтите се категорични дека витамините и минералите во едно нормално количество и во една нормална исхрана луѓето ги примаат преку храната. Во услови на пандемијава и на секојдневниот стрес, потребни се додатоци на исхраната, особено кај тие што се изложени на ковид-инфекцијата, но тоа мора да биде според упатствата на лекарите и на фармацевтите.