Фото: Маја Јаневска Илиева

Асимптоматските случаи што се позитивни на пи-си-ар тест треба да се тестираат и со серолошки тестови, бидејќи ако пи-си-ар е позитивен, а серолошките тестови се негативни, веројатно тогаш не е во прашање инфекција, туку само контаминација или колонизација со вирусот, а тогаш нема инфективност

Асимптоматските случаи позитивни на пи-си-ар да се тестираат и со серолошки тестови

Пи-си-ар тестот е одбран за тестирање, затоа што сепак е многу попрецизен од серолошките тестови. Но асимптоматските случаи што се позитивни на пи-си-ар треба да се тестираат и со серолошки тестови, бидејќи ако пи-си-ар е позитивен, а серолошките тестови се негативни, веројатно тогаш не е во прашање инфекција, туку само контаминација или колонизација со вирусот, а тогаш немаме инфективност, објаснува епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.

Инфекција, контаминација, колонизација…

Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски за „Нова Македонија“ вели дека од епидемиолошки аспект, помала штета ќе се направи ако на некој што е позитивен (но можеби нема инфекција) му се пропише изолација, отколку да не биде сторено тоа.
– Голем број студии покажале дека случаите со асимптоматски инфекции се заразни иако не во таа мера како симптоматските. Инаку, треба да се прави разлика меѓу инфекција (кога вирусот е веќе навлезен во клетките на домаќинот), колонизација и контаминација. Во трите случаи, пи-си-ар може да биде позитивен, но при колонизација и контаминација тоа ќе бидат лажно позитивни наоди. Вистински позитивен тест ќе има само ако се работи за инфекција, без или со симптоми. И само тогаш постои инфективност – смета Даниловски.

Пренос во заедницата и комбинирано тестирање

Тој објаснува дека сега, кога имаме пренос во заедницата (community spread), идеално би било само позитивните но асимптоматски случаи да се тестираат комбинирано, со пи-си-ар и плус со серолошки тест.
– И во светот примарно користат пи-си-ар. Случаите со симптоми, лесни и тешки, мислам дека секаде се упатуваат и на серолошко тестирање, за да се процени во која фаза на болеста се наоѓаат. Наодот само на ИгМ-антитела ќе укажува на свежа инфекција, на ИгМ и ИгГ на инфекција во средина на својот тек, а наодот само на ИгГ ќе покаже инфекција во своја терминална фаза. Морам да истакнам дека кај нас веќе го определуваат и клеточниот имунитет (Т-лимфоцитите) во имунохематолошката лабораторија на Клиниката за хематологија, за хоспитализираните болни – појаснува професорот.

Методологија што внесува вознемиреност кај граѓаните, но и во околните земји

Неодамна во телевизиско гостување професорот инфектолог Вело Марковски кажа дека бројките во дневните извештаи за ковид-19 се нереални.
– Имаме преземено методологија што е погрешна и која ни прави многу паника и ни направи штета во однос на соседните земји, во однос на затворањето на границите. Ние правиме одреден број тестирања, некаде од 1.500 до 3.000 во денот со таа пи-си-ар технологија, и добиваме околу 10 отсто позитивни случаи. Но тие позитивни некако полека се прикажуваат како заразени, како болни, што не е точно. Сосема поинаква ќе беше сликата ако ние кажеме денес направивме 3.000 теста, од кои 300 се позитивни, но со симптоми се 20 или 30 – вели Марковски.
Тој додава дека така веќе сликата би била реална, бидејќи голема е разликата меѓу термините инфекција и инфективна болест.
– Не значи дека вирусот ќе направи болест. За мене нејасно е зошто сега се оди само со пи-си-ар технологија. Знаеме дека 80 отсто од случаите се асимптоматски. Паралелно моравме од почетокот да правиме серолошки тестови, кои се меродавни – додава професорот.