Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека Бугарија не ги изградила доволно добро своите позиции кон Македонија и оти затоа сега е изолирана пред своите европски партнери, додавајќи дека каков било нов договор или пак декларација меѓу двете држави нема да биде доволна, доколку сите детали не бидат конкретно вметнати и во преговарачката рамка.

Бугарскиот претседател порача и дека е потребно да се смират страстите меѓу двете страни, за да се почне отворен разговор и јасно да се видат позициите, без притоа да се донесат брзи решенија.

– Владата со големо задоцнување се сети дека треба да го штити националниот интерес, и затоа сега се во изолација. По неуспешниот обид за убедување на нашите европски партнери дека условите за нашата национална рамковна позиција мораат да бидат поставени како дел од преговарачката рамка, сега ќе биде голема грешка ако премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев изиграат еден театар за публиката, и потпишат одново една посакувана декларација, како договорот од 2017 година, без јасни критериуми – порача Радев, додавајќи и дека Бугарија треба да и даде зелено светло на Македонија, но само откако ќе бидат признаени објективните историски факти.