Бугарскиот претседател Румен Радев побара од надлежните бугарски и македонски институции да реагираат на тврдењата за дискриминација во писмото кое го добил од бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.

Во неговото барање Радев се повикува на човековите права и заштитата од дискриминација како основа на демократијата, посочувајќи оти станува збор за Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија. Бугарскиот претседател наведува дека почитувањето на правото на самоопределување на Бугарите во Македонија е клучниот чекор за развој на добрососедските односи меѓу двете држави.

– Над 100 илјади граѓани во Република Северна Македонија имаат бугарско државјанство, добиено врз основа на изразување на слободна волја и потврдување на нивното етничко бугарско потекло. Бугарите во РСМ треба да имаат исти права како и другите граѓани во државата, со почитување на највисоките светски и европски стандарди – вели Радев, додавајќи дека ги поддржува барањата за олеснување на процедурите за добивање бугарско државјанство за оние со бугарски идентитет во Македонија.