Бугарија очекува билатералниот дијалог со Македонија да води до конкретни резултати, истакнал бугарскиот претседател Румен Радев во телефонскиот разговор со Оливер Вархеи, воден на иницијатива на еврокомесарот за проширување, пренесува бугарски „Фокус“.

Бугарија е отворена за дијалог, постави јасни прашања на нејзиниот сосед и очекува одговори, како и конкретно делување од Македонија, како што нагласил Радев.

Според бугарскиот претседател, агендата на билатералните односи помеѓу Софија и Скопје не треба да биде предмет на надворешни влијанија. Тој смета дека дијалогот треба да биде отворен и со посветеност од двете страни, што би требало да го придвижи напред евроинтегративниот процес на Македонија.

Радев го потенцирал и почитувањето на правата на државјаните на Македонија кои отворено го истакнуваат бугарскиот идентитет, спомнувајќи го и наводниот говор на омраза и почитувањето на бугарската историја и културно наследство во Македонија, како актуелни прашања.