Во зависност од состојбите со пандемијата, секоја земја одделно носи мерки и протоколи за да се заштити здравјето на населението. Во Австрија, на пример, не можете да одите на фризер или на масажа без ПЦР-тест што не е постар од 48 часа. Какви се состојбите кај нас

Пандемијата на ковид-19 и појавата на нови дваесетини видови продолжува да ги вознемирува и да ги плаши граѓаните во светот. Во зависност од состојбите, секоја земја одделно носи мерки и протоколи за да се заштити здравјето на населението. Така, неодамна Австрија ги ублажи мерките, иако кафулињата и рестораните и понатаму не работат, децата се враќаат на училиште во смени, но со задолжително тестирање двапати неделно. Но она што е интересно е дека во Австрија не можете да одите на фризер или на масажа без ПЦР тест што не е постар од 48 часа, бидејќи властите предупредуваат на опасноста од трет бран, а бројот на заразени лица почнал да расте. Германија го продолжи целосниот карантин до 7 март, за да се спречи ширењето на мутантните варијанти на вирусот што се појавија во оваа земја, а како што најави германската канцеларка Ангела Меркел, од 1 март треба да се дозволи работа на фризерските салони со строго почитување на хигиенските мерки и носење маски. Црна Гора го врати полицискиот час од 21 до пет часот наутро, а таму козметичките и фризерските салони ќе работат од седум до 18 часот. Кај нас за на фризер или бербер не се бара ПЦР-тест, но берберите и фризерите исто така носат маски, како и нивните муштерии, и мора да ги применуваат сите здравствено-хигиенски мерки и протоколи за заштита од коронавирусот.

– Вработените во козметичкиот салон доколку прават третман на клиент, мора да носат маска, визир и ракавици. Клиентот уште на самиот влез го дезинфицираме со средство по негов избор, со „дезентал“, 96-отстотен алкохол или со гел. Потоа клиентот е должен да ги остави чевлите во шкаф, а потоа секој клиент влегува во посебна просторија за третман. Така е во козметичкиот салон, додека во фризерницата на влезот клиентите се должни веднаш да извршат дезинфекција на рацете. Ако пред пандемијата можеше две клиентки истовремено да имаат третман за миење коса, сега тоа се прави само на една, се распоредуваат, а фризерките работат на растојание на 1,5 метар. Носењето маски е задолжително и ние им даваме да стават маски оние што не носат. Алатот и приборот што се користат, по секоја муштерика постојано се дезинфицираат, како и столчето и местата каде што муштериите ги оставаат своите мобилни телефони. Можеме да го правиме тоа бидејќи и немаме толку работа како порано – вели Александра Нитаќ Цветковска, сопственичка на козметички и фризерски салон.
Во Министерството за здравство прашавме дали можеби ќе ги следат состојбите во другите земји во кои се бара ПЦР-тест и за на фризер.
– Комисијата за заразни болести ја следи состојбата со коронавирусот во земјава и во регионот и врз база на прогресот и исклучиво врз основа на процена од страна на епидемиолозите и стручните лица ги изготвува протоколите и промените во нив. Истото важи и за ПЦР-тестовите. За сите промени јавноста е навремено информирана – ни рекоа од Министерството за здравство.

И вработените во фитнес-клубовите се придржуваат кон протоколите, работат со намален број посетители, но кај нас не се бара ПЦР-тест за да се влезе во кој било од нив.
– По протокол задолжително користиме средство за дезинфекција, поточно „дезентал“, маски и мора да има дистанца помеѓу вежбачите. На влезот мериме температура и задолжителна е дезинфекција на рацете. Користењето на просторот е ограничено на 1,5 час. Направите и просторијата постојано се пребришуваат. Сега примаме ограничен број луѓе и според просторот може да има само 30 вежбачи. Ние вработените исто така носиме маски и визири. Имаме добра вентилација и на секој час вентилираме за да го прочистиме воздухот – вели Ирена Симуноска, инструкторка во фитнес-клуб.