Фото: Архива

Банките не смеат за ажурирање на податоците на граѓаните да ги прифаќаат како документ за идентификација ливчињата со потврда за изработка на лична карта наместо валидна лична карта. Во таков случај би добиле кривична пријава од Управата за финансиско разузнавање, т.е. од финансиската полиција

Граѓански проблем што веднаш треба да биде решен

Конкретното соочување на граѓаните со проблемот причинет од административниот застој со „неможноста да се добијат нови лични карти од МВР, откако им истекла важноста на старите лични карти“, почна да се случува со банките.
Состојбата со личните карти, која предизвика граѓански аларм заради опструкцијата за воспоставување нормална општествена релација и кореспонденција на граѓаните со институциите, веќе ефективно се одразува врз граѓаните во секојдневниот живот.
Во последниве неколку дена се случува хаос со блокирани сметки во банка, неможност да се подигнат средства од шалтер, да се направат трансакции, поради неможноста да профункционира замисленото решение на одговорните институции, наместо со нови лични карти, граѓаните да го докажуваат својот идентитет со ливчиња, т.е. потврди дека изработката на личната карта им е во процедура, како некаков доказ дека сѐ уште можат да ја користат старата лична карта.
Заплетот со проблемот „лични карти“ се движи кон кулминација. За тоа придонесува и обврската на банките да го почитуваат и спроведуваат Законот за спречување на перењето пари и други приноси, кој е основата на Управата за финансиско разузнавање преку редовно ажурирање на податоците на граѓаните и на фирмите, за да се контролираат евентуалните обиди за финансиски криминал. Банките се должни да работат според контролните механизми на Управата, инаку, во спротивно, би извршиле кривично дело. Управата за финансиско разузнавање, и да сака, не може ливче од МВР да признае за лична карта, т.е. документ за идентификација наместо лична карта. Оттаму, ни банките не смеат за ажурирање на податоците на граѓаните да ги прифаќаат пусулчињата како документ за идентификација наместо валидна лична карта, зашто би добиле кривична пријава од Управата, т.е. од финансиската полиција.

Од Службата за односи со јавноста на МВР велат дека навремено е испратен допис до Народната банка и до комерцијалните банки, да бидат земени предвид старите документи за лична идентификација, поради законската неможност да се издаваат нови документи.
– Земајќи ја предвид неможноста за издавање нови лични карти, поради ситуацијата во која новиот закон за лични карти е блокиран во Собранието, иако е поднесен уште пред шест месеци, упативме препорака од МВР до Народната банка и до сите други банки да ги земаат предвид старите лични карти, со прилог од потврдата дека новата лична карта е во изработка. Потребно е Народната банка да испрати упатство до преостанатите банки како да постапуваат во однос на препораките од МВР за да се надмине непосакуваната ситуација, во која би била нарушена финансиската функционалност на граѓаните и правните субјекти. За овој проблем и наоѓање решение за него е расправано и на седница на Владата. Но Законот за личните карти и понатаму останува блокиран во Собранието – велат од Службата за односи со јавноста на МВР.
Застојот во издавањето на личните карти е предизвикан во извесна мера од избрзаното ажурирање на софтверот на МВР. Имено, софтверот е веќе усогласен со измените предложени во Законот за лични карти, односно подготвен за издавање документи со новото уставно име на државата, кои ќе бидат двојазични (според Законот за употреба на јазиците), без да се сочека законот да биде усвоен во Собранието. Па, така, сега ни технички не можат да се издаваат лични карти со старите обрасци, а законски – не може да се издаваат ни новодизајнираните, но сѐ уште неодобрени во парламентот. Пратениците и оваа седмица се на годишен одмор, што значи дека Собранието засега не е во можност да ја извршува својата законодавна функција, и покрај ургентноста на проблемот што се појави со загрозената финансиската (не)функционалност на граѓаните, но и на правните субјекти. Притоа, неизвесна е брзината на усвојувањето на Законот за лични карти, дури и кога пратениците ќе се вратат на работа во Собранието, бидејќи пред да заминат на одмор за овој закон беа поднесени речиси 1.500 амандмани.

Од контактите што „Нова Македонија“ ги направи со претставници на дел од комерцијалните банки што функционираат во земјава, иако се воздржани за официјални изјави и соопштенија, може да се изведе заклучок дека речиси заеднички став е дека и тие се непријатно затекнати од настанатиот проблем, речиси исто како и нивните клиенти, но работат на негово надминување, во рамките на нивните законски надлежности. Според нив, едно од решенијата за надминување на проблемот е Владата да постапи исто како во случајот со пасошите на кои им е истечена важноста, односно да донесе одлука и официјално да ги информира дека е продолжена и важноста на истечените лични карти. Во однос на примената на истечените пасоши, банките имаат законска информација дека е продолжена нивната важност, но за личните карти сѐ уште немаат такво известување.
Досега повеќе од 30 илјади граѓани поднеле барање за нова лична карта, но и понатаму е актуелна неизвесноста кога ќе бидат во можност да ја добијат. Во меѓувреме, од одредени банки стигнува известување за клиентите за потребата од ажурирање на податоците, токму на денот на истекување на важноста на личната карта.