Центарот за испорака на новиот вид услуги при Црвениот крст на Македонија ќе воспоставува и развива нови методи, кои ќе се базираат на силна меѓусекторска соработка меѓу институциите, семејствата, училиштата, работодавците и здравствените работници, како и сите други чинители во системот на кризниот менаџмент на државата, што ќе придонесе за посеопфатен одговор на полето на обезбедување психосоцијална поддршка за лицата погодени од кризни состојби и ќе даде посебен придонес за обезбедување систематизирана поддршка и помош на населението за зачувување на менталното здравје

И ЦРВЕНИОТ КРСТ ПРВПАТ СО НОВ ВИД УСЛУГИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Црвениот крст на Македонија, како и во многу кризни состојби порано, така и сега, во оваа пандемиска криза, преку своето дејствување, на граѓаните им обезбедуваше и сѐ уште им обезбедува поддршка во разни форми. Волонтери на организацијата делеа хуманитарна помош, даваа основна и здравствена заштита, а честопати ги даваа и потребната прва психолошка помош и психосоцијална поддршка. Последниов вид поддршка граѓаните го добиваа од институциите, од владини и невладини организации. Сега Црвениот крст за првпат создаде концепт за нивно заедничко дејствување, а преку Центарот за воспоставување систем за испорака на прва психолошка помош и психосоцијална поддршка на населението. Центарот ќе има цел долгорочно да обезбедува поддршка за градење граѓански и национални капацитети за обезбедување психосоцијална поддршка за различни целни групи, за сите граѓани, како и за волонтерите, вработените и за сите корисници на услугите на Црвениот крст на Македонија. А како и секоја криза, и оваа со ковид-19 остави многу последици врз сите, врз оние што беа на браникот на борбата со заболените, врз оние што изгубија блиски во борбата со болеста, оние што останаа без работа…
Катастрофите, конфликтите и здравствените проблеми оставаат сериозни последици по менталното здравје на населението. Емоционалните рани можеби се помалку видливи од уништувањето на домовите, но честопати е потребно многу подолго време луѓето да закрепнат од емоционалното страдање отколку да ги надминат материјалните загуби.

Црвениот крст на Македонија, преку своето дејствување, обезбедува поддршка за погоденото население во форма на хуманитарна помош, засолништа и основна здравствена заштита, но еден од важните сегменти за помош е и обезбедувањето прва психолошка помош и психосоцијална поддршка. Психосоцијалната поддршка и првата психолошка помош претставуваат интегрален дел од одговорот на Црвениот крст при вонредни состојби, со цел да им се помогне на луѓето и заедниците да закрепнат од психолошките последици и да се обноват социјалните структури по одредена итна кризна состојба. Навремената и соодветна прва психолошка и психосоцијална поддршка може да спречи вознемиреност и страдањата да прераснат во нешто потешко. Таа им помага на луѓето подобро да се справат со секојдневниот живот, односно да продолжат да водат нормален живот – нагласува Јасмина Кузмановска, раководителка на Секторот за програми, проектно работење и мобилизирање фондови при Црвениот крст на Македонија.
Центарот за системска испорака на психолошка и психосоцијална помош ќе воспоставува и развива нови методи, кои ќе се базираат на силна меѓусекторска соработка меѓу институциите, семејствата, училиштата, работодавците и здравствените работници, како и сите други чинители во системот на кризниот менаџмент на државата, што ќе придонесе за посеопфатен одговор на полето на обезбедување психосоцијална поддршка за лицата погодени од кризни состојби. Центарот ќе даде посебен придонес за обезбедување систематизирана поддршка и помош на населението за зачувување на менталното здравје и ќе функционира во соработка со Министерството за здравство и Министерството за образование и наука, како и со Министерството за труд и социјална политика, во насока на надминување на стигмата за промовирање отворен разговор за менталното здравје и барање психолошка поддршка во случај на потреба, како и поддршка на ранливи целни групи.
Првата психолошка помош е првиот облик на помош што се дава непосредно по настанатата непогода, а има цел да го згрижи поединецот, додека не добие повисок степен на поддршка.

Додека психосоцијалната поддршка е и емоционална поддршка што им се дава на лица или групи, a има цел да даде сеопфатна помош, вклучувајќи и информација за други облици на помош од страна на институции и организации, како и самопомош. Досега во земјата постојат организации што нуделе ваков вид помош, но нешто што ни недостига е системско, институционално решение на ниво на држава. Црвениот крст е организација што ги има ресурсите преку својот модел што го развива да ги обедини сите релевантни организации и институции и оваа услуга да ја понуди на еден поинаков начин – појаснува Кузмановска.
Таа додава дека Црвениот крст од самиот почеток на пандемијата на ковид-19 активно се вклучи во поддршката на населението, особено на оние најранливите, старите, самохраните родители, материјално необезбедените, граѓани што ја изгубија работата поради лошите економски услови и сите други што почувствуваа потреба од поддршка. Беа мобилизирани човечки и финансиски ресурси за да им се излезе во пресрет на сите граѓани. Засега волонтерите на Црвениот крст се обучени да даваат прва психолошка помош и поддршка, а за случаи што бараат поинаков третман, граѓаните може да бидат упатени до соодветни организации/институции за понатамошен третман. Кузмановска нагласува дека улогата на Црвениот крст е да им помогне на сите граѓани и да им понуди бесплатна помош и поддршка, а услугата е достапна за сите. Засега функционира советувалиштето во Црвениот крст на Град Скопје, но понатаму следува отворање (најверојатно од 2022 година) на регионални советувалишта во неколку општински организации на Црвениот крст.
Центарот при Црвениот крст ќе нуди услуги секој работен ден, односно од понеделник до петок, од 10 до 16 часот, а вакви центри, освен во Скопје за Скопскиот Регион, ќе функционираат и во Велес за Вардарскиот Централен Регион, потоа во Битола за Пелагонискиот Регион, еден во Гостивар за Југозападниот и Полошкиот Регион и во Кочани, чии корисници ќе бидат жителите од градовите на Источниот, Североисточниот и Југоисточниот Регион.