Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Сите постојано сме изложени на сѐ и сешто, па затоа хаосот е рационален, но главно е како да се преживее. Тоа е израз на зголемен степен на невротичност, почнуваме да реагираме малку и по тие закони на толпа, нема голема рационалност, тврдат социолозите

ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС И НОВИТЕ МЕРКИ ПРЕДИЗВИКАА ПОТРОШУВАЧКА ТРЕСКА И НОВ РАСТ НА ЦЕНИТЕ

Неодамнешното поместување на почетокот два часа порано на полицискиот час предизвика и своевидна потрошувачка треска во маркетите, но истовремено влијаеше и на зголемување на цените на одредени артикли. Уште и пред официјално да ја соопшти Владата одлуката за новите мерки и за продолжениот полициски час, маркетите се наполнија со купувачи, кои како во некоја психоза и хистерија грабаа од полиците најразлични производи, на места оставајќи и празни рафтови. Во некои маркети, велат продавачите, имало вистинска навала од муштерии. Редови од луѓе со полни колички пред касите, слика што нѐ потсети на она што се случуваше на почетокот на пандемијата. Потрошувачите велат дека повторно забележиле и зголемени цени на многу прехранбени производи и прашуваат дали е дозволиво, бидејќи да се заработи за време на пандемија е еднакво, велат тие, на еден вид недозволиво профитерство.
– Порастот на цените е слободно одлучување на економските оператори, слобода на пазарот и ние тука ништо не можеме. Не постои закон според кој ние би можеле да реагираме, да казнуваме. Нема таква одлука од Владата, а доколку има, ние ќе ја спроведуваме, но сега нема – вели Мери Проданова, раководителка на Одделението за инспекциски надзор во Државниот пазарен инспекторат.
Во однос на неконтролираниот пораст на цените, граѓаните реагираат и се жалат и до Организацијата на потрошувачите на Македонија.

– Речиси од почетоков на годинава потрошувачи реагираат на зголемени цени на прехранбените производи и коментираат дека детектираат скриена инфлација, бидејќи секој ден некој производ е два-три денари поскап од претходниот ден. Најмногу реакции имавме за маслото за јадење, кое навистина достигна мошне висока цена, потоа на порастот на цената на лебот и белите печива, млекото, конзервираната храна. Во суштина, потрошувачката кошница што ја полнеле минатата година, сега за истите пари е многу попразна – велат од Организацијата на потрошувачите на Македонија.
Се поставува и прашање што ги исплаши толку граѓаните продолжениот полициски час, па како толпа се упатуваат во маркетите по набавки.
– Тоа е израз на зголемен степен на невротичност, почнуваме да реагираме малку и по тие закони на толпа, нема голема рационалност, многу малку имаме простор да расудуваме рационално, многу малку имаме можност, само така реагираме веднаш, како што изреагиравме на почетокот, а беше пред нецела година.

Сега тоа е непредвидливо, ќе чуеме и се пуштаме во некоја акција, во која не знаеме ни кон што води. Сега хаосот е рационален, секоја постапка што ја правиме ние како индивидуи, во голема мера го исклучува социјалното опкружување, едноставно сме упатени како себеси да се спасиме. Тука е сега проблемот и веројатно тој ќе се мултиплицира и на функционирањето на самите институции, особено во здравството. Оттаму доаѓа таа рефлексија. Сите постојано сме изложени на сѐ и сешто, па затоа хаосот е рационален, но главно е како да се преживее. Тоа е психологија на волјата. Институциите треба да преземат одговорност, но и таму има само луѓе, тоа се тие истите луѓе – објаснува професор д-р Илија Ацевски. С.К.