Во периодот од 9 до 23 мај 2018 година во дневниот весник „Нова Македонија“ во форма на фељтон беше печатен мој текст насловен: „Да продолжат или да се прекинат преговорите околу „разликата“ за името на нашата држава?“. Несакајќи да се повторувам во поглед на изнесеново во него само ќе потсетам дека моја заложба во текстот беше преговорите да продожат со очекување истите „да резултираат со постигнување траен и ефективно применлив и, истовремено, морално и правно бранлив договор“. Основната вредност на ваквиот договор односно спогодба е таа што, место едната од страните во него да биде добитник, а другата губитник, и двете страни се добитници. .

За постигнување на ваков договор констатирав дека, е потребно „обете страни, без било какво условување да прифатат партнерски однос во водењето на преговорите“. Тоа би значело дека тие „од начело во справување со „разликата“ околу употребата на името „Македонија“ треба да се најдат на иста страна“ или, како што обично се вели, да бидат поставени во состојба „рамо до рамо“, а не „очи во очи“. Во отсуство на ваков пристап, подвлеков дека „страните и натаму проблемот ќе го гледаат само од аголот на нивните цврсто заземени позиции, а не и од аголот на нивните индивидуални, и истовремено, нивните заеднички интереси и, секако, од интересите пошироки од нивните“. При вакво гледање, додадов дека „прашање е на време кога проблемот повторно „ќе исплива на површина“ со сите емотивни, историски, културолошки, етнички и слични на нив други компоненти“.

Сега, имајќи го пред себе Преспанскиот договор, како финален продукт од водените преговори, и споредувајќи го со мојот пристап, подробно, изложен во цитиранот фељтон во „Нова Македонија“ за разрешуање на „разликата“ околу употреба на терминот „Македонија“ во името на нашата држава, согласно на резолуциите 817 (7 април) и 845 (18 јуни) на Советот за безбедност на ОН од 1993, можам да констатирам дека овој договор во Дел 2, насловен: Итензивирање и збогатување на соработката меѓу двете сртани“ во голема мера соодветствува со она што партнерскиот одност за кој се залагав меѓу страните го бара.

Што се однесува до преамбулата, залужува да се укаже на две некоректности. Првата се однесува во поглед на именувањето на Република Македонија, само, како „втора страна“ на договорот. Имено, втората страна, како и првата има свое име, а тоа е Република Македонија. Нејзе, согласно наведениве резолуции е одлучено за сите потреби во рамките на ОН, привремено да и се обрќаат со „поранешна југословенска Република Македонја“ додека не биде надмината разликата што се појавила околу името. Оттука, коректно би било во договорот после нејзиното уставно име со појаснувачка дикција да се упати и на формулацијата користена во цитираниве резолуци на ОН.

Втората некоректност се однесува на користењето на формулацијата. „Решавајќи ги разликите во согласност со резолуциите на Советот за безбедност 817 и 845 од 1993 година“. Некоректноста е во тоа што цитираните резолуции исклучиво зборуваат за решавање на „разлика околу името на државата“ (во случајов Република Македонија), а не како што е тоа наведено во преамбулата „Решавајќи ги разликите во согласност со резолуциите 817 и 847 на Советот на безбедност“. Со еден збор, еднината од резолуциите: „разлика“ во договорот без основ станува множина: „разликите“. Колку последново било потребно зборува самата содржина на првиот дел од Договорот.

Во овој дел од договорот, е неспорна асиметричноста манифестирана во смисла на бројноста на обврските произлезени од него за втората страна во однос на оние за првата. Тоа гледано од аспект на принципот на еквивалентност (еднаквост) на правата и обврските на начелно ниво, под одредени услови, каква што е на пример и присилата ако ја има (интерна или надворешна), може одредени обврски од договорот да ги доведе под знакот на нивната правна бранливост (в. Нихомакова етика од Аристотел, шести век пред Христа). Покрај ова, дел од обврските, какви што се оние од идентитетска природа (јазик, етничка определеност и слично, член) по своето дејство се косат со природното право, кое е трансцедетално, а не национално, и истовремено тоа е и вечно. Како такво тоа му претходи на световното право, кое доколку е во спротвност со него, истото и го дерогира (в. Антигна, од Софоле, пети век пред Христа).

Но, и не само ова. Определбата предвидена во член 8 точка 5 за основање на паритетен „стручно-дисциплинарен комитет на експерти за историски археолошки и образовни прашања“, со надлежности на арбитар за утврдување на конечната научна вистина, врз на основа на која и е предвидено ревидирање на постојите учебници, училишните помошни материјали и сл. е нешто што во многу што ме потсетува на средновековието, во кое ваков арбитер на научната вистина била католичката црква со незината инквизиција на оние кои ќе отстапат од таа вистина (за ова доволно поучни се случаите со Џордано Брудо и Галилео Галилеј). Проблематично во договорот е и прашањето за дејството на договорот ерга омнес во поглед на користење на придавката, посебно од научните и културни институци (член 1 точка 3 под ф). Ова дотолку повеќе што во член 7 став 3, а во врска со став 1 употребата на именката „Македонија“ и, во случајот, придавката „македонски“ се децидно определени во смисла дека тие „ги озачуваат нејзината територија, јазик, луѓе и нивните особини, со нивната историја, култура и наследство кои се разикуваат од оние спомнати во член 7 став 2“ од договорот, кои се однесуваат на првата страна од него. Во овој контекст, со оглед на дејството на овој договор интер партес (само за страните) определбата во него страните да побараат од сите земји членки на ОН (а посебно и од оние кои пред склучувањето на овој договор, Република Македонија ја имаат признаено под нејзиното уставно име, да ги користат термините од член 1 став 3 утврдени во овој договор, освен декларативно друго дејство и не може а има.

Како и да е, со сите овие неотпорности во договорот, за кои верувам дека македонската страна (посебно премиерот и министерот за надворешни работи) не била среќна што станале дел од содржината на договорот, но во состојба во која повеќе од 25 години Република Македонија стои во место со нејзиното интегрирање во ЕУ, била, ми се чини „принудена од прагматични причини“ да и даде шанса на иднината, а не на минатото.

Овде може да се постави прашањето: Дали можел да биде постигнат подобар договор? Мојот одговор е дека можел, но не во овој момент. Во минатото се испуштени многу шанси за ова, кои Македонија не ги искористила. При ова, според мое скромно мислење, една од основните причини за тоа била немањето на изграден национален консензус за толку значајното прашање (името на државата). Добар пример за тоа е самата друга страна од договорот (Република Грција). Со жалење ќе констатирам, поради отсуството на наведениот консензус, дури, и денес, во очи на закажаниот референдум, место да бидиеме обединети, се најдовме во состојба на неподносиво ниво на поделеност.

Ќе си дозволам, во овие моменти на искушение на нацијата и катарзата низ која минуваме и како опшество и како граѓани на државата Македонија да повикам на излезност на референдумот, не оти тоа ми е многу драго и мило, туку затоа што, договорот ни ја отвара вратата да ја надминиме консензуалната бариера поставена од сите земји членки на ЕУ, а не само бариера поставена од Република Грција, која долги, долги години ни се испречува на патот на нашата евроинтеграција.

Што се однесува до стравот дека со овој договор Република Македонија по повеќе основи конечно се обезличува, ќе си дозволам, како човек кој повеќе од 40 години од животот посветил на изучување на договорното право, да кажам дека сите одредби од договорот, а посебно оние апостофирани во предходното излагање ако бидат подвргнати на одредена проценка во регуларна процедура (домашна или надврешна) и бидат оценети како одредби спротивни на јус когент (императивните) одредби на меѓународното право и добрите обичаи, како и на одредбите на нашиот устав и добрите обичаи, сфатени како есенција на владеечкиот јавен поредок во општеството и државата, остануваат без свое правно дејство поради нивната ништовност. Позитивна страна на отварањето на ваквата оценка на дел од одредбите на договорот е таа што не подлежи на било какво временско застарување. Тоа заначи дека и некоја идна генерација граѓани, која во моментот и не постои, може во некое идно време да отвори постапка за утврдување на постоење на ништовност на дел од одредбите на овој договор. Имајќи го во предвид ова ирелевантна станува одредбата од член 20 став 9 од договорот, според која : „Одредбите д оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба“. Оваа одредба е инспирирана од римската максима pacta nun servanda (што во слободен превод значи еднаш настанатиот договор засекогаш останува непроменлив), што, уште, во средновековието е овозможено отстапување од неа во случај на постоење (утврдување) на новонастаати околности (rebus stic stantibus).

Да заклулчам: во животот се е минливо и се е менливо. Оттука, колку и да одредени решенија од договорот во моментот изгледаат ризични, сепак тој ризик и не мора да биде со трајни последици.