Единствен проблем за кој нè информираат учениците е дека понекогаш имаат проблем да се вклучат на Тимс и дека имаат проблем со интернет-пристапот. Сепак, тоа се ситни проблеми, кои се јавуваат само повремено и во договор со предметниот наставник може да се надомести отсуството, а класниот раководител може да го оправда изостанувањето – се разбира, доколку родителот потврди дека навистина станува збор за технички проблеми, вели директорот

ИНТЕРВЈУ СО АЛЕКСАНДАР СИБИНОВСКИ, ДИРЕКТОР НА СРЕДНОТО УЧИЛИШТЕ „ВЛАДО ТАСЕВСКИ“

Еден месец помина откако започна новата учебна година во училиштата во државата. Во средното образование наставата се одвива онлајн, а предизвиците со кои се соочуваат и професорите и учениците често знаат да бидат големи. Сепак, „Владо Тасевски“ е едно од училиштата во кои проблеми речиси и нема, бидејќи сите ги имаат потребните услови за работа и наставата се одвива непречено. Овде има ученици што се запишани на сообраќајната, електротехничката и на машинската насока.
За тоа како се одвива процесот на учење на далечина, како и практичната настава, во ова интервју разговараме со директорот Александар Сибиновски.

Вие сте прв човек на ова стручно училиште веќе неколку години. Како се одвива онлајн наставата во „Владо Тасевски“?
Онлајн наставата, која се реализира веќе еден месец, сега засега се одвива непречено.Училиштето е целосно опремено и наставниците ги имаат сите услови за реализација на овој вид настава. Според податоците што ги добивам од колегите, учениците редовно присуствуваат на часовите, ги следат предавањата и ги извршуваат поставените задачи. За учениците овој вид комуникација на релацијата наставник – ученик е лесно прифатлив, со оглед на тоа дека тие немаат проблеми во однос на користењето на ИТ-уредите и ним таа „средина“ им е сосема природна. За колегите, пак, физичкото неприсуство на учениците и празните училници се неприродно опкружување, но сепак тие го прифатија овој тип настава и даваат сè од себе содржините предвидени во наставната програма да ги доближат до учениците, да го слушнат нивното мислење, да одговорат на нивните прашања и да го разјаснат она што не е доволно јасно. Наша цел, како училиште и како тим наставници, е да го премостиме овој период и притоа да им овозможиме на учениците да добијат соодветна замена за редовниот образовен процес.

Дали има проблеми со кои се соочувате и кои се тие?
Училиштето е одлично опремено за непречено изведување на наставата. Имаме добар интернет и соодветна опрема во сите училници и кабинети, така што од тој аспект немаме никакви проблеми. За оние предмети што се сведуваат на решавање задачи, шеми, цртежи и сл. се користат паметни табли. По спроведените анкети од страна на класните раководители, добивме информации за тоа дали и колку ученици немаат соодветна опрема за следење на наставата. Во комуникација со родителите или старателите на овие ученици, ние како училиште понудивме помош во опрема што ја имаме, а која во моментов не е ставена во функција. Единствен проблем за кој нè информираат учениците е дека понекогаш имаат проблем да се вклучат на Тимс и дека имаат проблем со интернет-пристапот. Сепак, тоа се ситни проблеми, кои се јавуваат само повремено и во договор со предметниот наставник може да се надомести отсуството, а класниот раководител може да го оправда изостанувањето – се разбира, доколку родителот потврди дека навистина станува збор за технички проблеми.

Дали вработениот кадар е заштитен и безбеден на работното место, се почитуваат ли протоколите?
Како училиште, следејќи ги протоколите и упатствата на надлежните институции, се погриживме да обезбедиме услови за безбедна работа на наставниците. Определивме термини за користење на училниците и кабинетите од страна на наставниците, така што колегите, генерално, не менуваат простории во текот на работниот ден. Кога наставникот завршува со работните обврски за тој ден, просторијата задолжително се проветрува и дезинфицира, па дури потоа во неа може да влезе друг колега. На сите влезови и излези од училиштето има пунктови за дезинфекција, а средства за дезинфекција има и во сите училници и кабинети. До неодамна сите состаноци (совети) ги држевме на отворен простор, а сега за таа намена се користи аулата на училиштето – се разбира, со почитување на пропишаните мерки за дистанца и носење заштитни маски. Сeпак, подготвени сме за навремена и соодветна реакција во случај некој од вработените да покаже знаци на инфекција, сè со намера ризикот по колективот да биде сведен на минимум.

Во училиштата за средно образование, практичната настава се одвива со физичко присуство. Како се одвива таа настава кај вас?
Како средно стручно училиште, кое образова кадри од електротехничка, машинска и сообраќајна струка, ние сме обврзани дел од наставниот процес (часовите по практична настава) да ги реализираме со физичко присуство на учениците. Мошне внимателно направивме план за реализација на часовите по практична настава и се погриживме да обезбедиме услови за безбедно присуство на учениците во училиштето. Тимот наставници што ги реализираат часовите по практична настава се грижат за спроведување на протоколите и мерките за заштита. За влез и излез на учениците во училиштето се ставени на располагање и главните и помошните влезови, со намера да се спречи поголем број ученици да се сконцентрираат на едно место, со точно обележани насоки за движење. На почетокот на наставата, наставниците по практична настава и дежурните наставници ја контролираат температурата на учениците, внимаваат на тоа секој ученик да носи заштитна маска и да ги дезинфицира рацете, а потоа ги пропуштаат учениците во училниците што се предвидени за реализација на практична настава (во секоја училница по една група ученици). Притоа, практичната настава по трите струки се реализира во посебни делови од училиштето (со посебен влез и излез). Во училниците учениците седат на пропишано растојание и задолжително носат маски. Процедурата за дезинфекција се повторува и по големиот одмор, а дежурните наставници спречуваат групирање на учениците во училишниот двор. За време на паузите меѓу часовите се врши проветрување на училниците. Во согласност со упатствата, обезбедивме и соба за изолација за ученици што ќе пројават некој симптом додека се во училиште. Досега немаме регистрирани случаи на заболени ученици и искрено се надеваме дека тој тренд ќе продолжи и понатаму и дека почитувањето на мерките за претпазливост ќе овозможи непречена реализација на овој сегмент од наставниот процес.

Дали сметате дека, со оглед на тоа што наставата е онлајн, професорите ќе успеат да обезбедат објективни оценки за учениците во првото тримесечје, па и на полугодие?
Со оглед на тоа дека МОН даде упатство учениците да бидат оценети до 20 ноември, наставниците веќе ги спроведуваат различните облици за проверка на знаењата на учениците. Како инструменти се користат формите на писмено проверување (тестови, квизови, есеи), но и усно проверување на знаењата преку комуникација на Тимс, со вклучување на учениците со камера. Она што е најважно во овој момент е дека нема прекин на наставниот процес, дека наставната програма се реализира и дека учениците се секојдневно во директна комуникација со своите наставници, од кои можат да побараат помош, дополнителни појаснувања и да добијат материјали што им се неопходни за да стекнат солидни знаења. Секако, се трудиме оценките што ќе ги добијат да бидат колку што е можно пообјективни, а доколку некоја од страните (ученици и наставници) смета дека одреден инструмент не ги дал очекуваните или дал несоодветни резултати, секогаш постои можност ученикот да се препраша или допраша и оценката да се коригира. На крајот на краиштата, она што е најважно е учениците да стекнат знаење. Оценката е сепак само бројка. Важно е да разговараме со децата, да им помогнеме да останат во добро психичко здравје, за да можат да се носат со сè она што им се случува и што ќе им се случува. Лично сметам дека сега, повеќе од кога и да е, учениците треба во нас да препознаат и свои пријатели, луѓе со кои можат да поразговараат за она што ги мачи или за проблемите со кои се соочуваат. Само на тој начин од сево ова ќе излеземе како победници, како подобри луѓе.