Сѐ уште не стивнуваат реакциите во јавноста по телефонската злоупотреба на руските комичари, кои успеаја да го измамат и државниот протокол и да ги заобиколат безбедносните проверки, а да му се претстават на премиерот Зоран Заев како високи светски политичари.

Домашните познавачи на дипломатскиот протокол и комуникација сметаат дека е недозволиво „каналите на кореспонденција на највисоките државни функционери да се отвораат од страна на професионалните владини служби со целосно нестручен, волунтаристичкиот пристап“ и со тоа нашите највисоки функционери и самата држава да се изложува на непотребен меѓународен срам. Од друга страна, тие исто така советуваат дека во дипломатскиот речник кај политичарите во земјава со голема претпазливост и внимание треба да се влезе во „размена на информации“, бидејќи според нив, во последно време сѐ потенка е линијата меѓу формалната и неформалната комуникација на државниците, кои сѐ помалку се држат кон државничката и дипломатската етикеција.

Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет, Викторија Кафеџиска, вели дека е многу тешко да се разграничи неформалниот од формалниот разговор на дипломатите и политичарите правен по телефон, лице во лице, на некој собир или на социјалните мрежи. Иако новото време наметнува нови норми, сѐ понеформални, неслужбени, или неофицијални, таа советува дека претпазливоста и воздржаноста во тие разговори е од клучно значење за обликување на сликата што странците ја прават за нас односно, за Македонија преку разговорот со нашите политичари. Професорката вели дека е неопходно да има почитување на кодексот во дипломатскиот протокол и комуникација, кој, според неа, е сериозна професија, а не (партиска) играчка.

– Во основа, како прво за сето тоа што се случи деновиве само говори дека станува збор за пропуст на тие протоколи во државниот апарат. Во дипломатијата се знае добро како се комуницира особено на толку високо ниво. Последниот случај во јавноста со руските комичари го докажува токму спротивното, дека нашата дипломатија, за жал, не може да се потпира на партиски кадри, туку треба да разбереме дека ние веќе мора да имаме образовани луѓе што ги познаваат материјата и дипломатијата. Премиерот, хипотетички кажано, и да не знае со кого разговара мора да има луѓе околу него што треба да го посоветуваат како и за што тој треба да говори – објаснува Кафеџиска. Според неа, точно е тоа што премиерот Заев тврди дека е жртва на измама, но одговорност кај службите мора да има.

– Мора многу да се внимава на комуникацијата на државните челници особено на социјалните мрежи, кои во последен период предничат во комуникацијата кај дипломатите. Пред да се изговори или напише нешто треба секој збор да се стави на кантар, па потоа да се објави, бидејќи еден збор колку може да повреди и навреди некој стотина нема да можат да го исправат тоа. Во денешно време сите сме изложени на јавност и токму затоа е нужна внимателноста во нашите настапи особено институција или држава го проектираат сите негови челници, а не само лидерот. Протоколот и комуникацијата со него се заемни алатки, кои мораат да ги поседува една напредна демократска држава што сака да биде сериозно сфатена на меѓународно поле – вели Кафеџиска.

Меѓународната консултантка за дипломатски протокол, Лукреција Маљковиќ Атанасовска, на прашањето колку протоколот дава сигурност и е важен со намера да се избегнат сите деловни или дипломатски непријатни ситуации кога станува збор за комуникација со луѓе од друг повисок статус, вели дека тој е систем со кој на носителот на функцијата му се обезбедуваат привилегиите, кои му следуваат со неговата позиција.

– Како прво, тој е збир на меѓународно признаени и препознаени правила на куртоазија. Тој не гарантира дека ќе се избегнат сите деловни и дипломатски непријатни ситуации, затоа што некои ситуации се надвор од надлежностите и влијанието на протоколот. Протоколот не може да биде одговорен доколку доцни авион поради лоши временски услови или, пак, доколку носителот на функцијата направи некој неочекуван гаф, кој протоколот не можел да го предвиди. Она за кое вие зборувате околу „поинаквите правила“, тоа е дел од етикецијата – правила што се дел од културолошките обичаи, традициите, менталитетот, верските правила, мултикултурата и сл. на една група или народ и кои протоколот ги признава и чие познавање е исто така важно. На пример, протоколот ги признава и мора да ги почитува обичаите во арапските земји затоа што се дел од една друга култура – објаснува Маљковиќ Атанасовска. Според експертката, и кај формалната и неформалната комуникација меѓу државниците мора да се употребува дипломатскиот речник.

– Дипломатската преписка може да биде официјална, полуофицијална и приватна. Таа се разликува во форматот и формалните елементи, но во секој случај е дипломатска преписка, која мора да ги содржи вообичаените форми на обраќање, изразување, потпишување, или она што се нарекува дипломатски јазик. Така и кај комуникацијата, секој што општи било на локално или меѓународно ниво, во рамките на својата функција, мора да го познава дипломатското изразување. Всушност, тоа е и основна карактеристика на дипломатијата, да можете да ја пратите јасно својата порака и да го изразите својот став без да предизвикате непријатности или проблем кај другата страна, освен ако не станува збор за ултимативни ситуации. Тоа значи, пораки што се јасни, недвосмислени, едноставно пренесени, незбунувачки, на јазик што е разбирлив и за другата страна – објаснува Маљковиќ Атанасовска. На крајот меѓународна консултантка за дипломатски протокол додава дека е разбирливо дека неформалната комуникација може да биде поопуштена, но и таа треба да се движи во рамките на дозволеното и прифатливото.

[email protected]