Фото: Игор Бансколиев

Партиите се кренаа на нозе барајќи правда и против неефикасноста на
правосудството. Која е причината за ваквите случувања? Дали македонскиот правосуден систем е урнисан до тој степен што е неопходно негово целосно
деинсталирање или, пак, токму политиката пуштила длабоки корења во него и го оневозможува да дејствува

Во интервал од една недела двете најголеми политички партии во државава излегоа на протестен марш барајќи правда и правна држава. Минатата седмица тоа го стори владејачката СДСМ, под мотото „Чекориме за правда“, додека вчера протестираше и ВМРО-ДПМНЕ. Доколку се направи подлабока анализа, ќе се увиди дека заедничкиот именител и на двата протеста е ист. Дека пораките и барањата и од двата протеста всушност се упатени на една иста адреса, а тоа е правосудниот систем на државата. Интересно е да се напомене дека двете најголеми политички партии од власта и опозицијата всушност ја отсликуваат и мнозинската волја на граѓаните, што практично значи дека постои огромно, масовно незадоволство и кај политичарите и кај граѓаните од (не)функционирањето на правосудниот систем. Зошто е тоа така и кои се причините двете најголеми политички партии да протестираат и да бараат правда и правна држава? Истовремено домашното правосудство постојано се посочува како проблематично речиси во сите меѓународни извештаи за напредокот на земјава. Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме велат дека, за жал, во Македонија политичките партии низ годините пуштиле длабоки корени во правната држава и во дејствувањето на правосудниот механизам. За тоа има редица примери во минатото, а сега преку вакви протести, кои се партиски за броење на членството и ништо повеќе, се пробува да се сменат тврдењата на граѓаните за заробена правна држава пред избори, што е апсурд и бесмислица. Според нив, правна држава и здрав судски систем се прават преку почитување на законите и Уставот, а не со газење преку нив за дневнополитички потреби.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, за актуелните состојби коментира дека е недопустливо политиката преку вакви ад хок протести за правда, организирани од политичките партии, и натаму да продолжи директно да се меша во работите на правосудството и да прави притисок врз судската власт во земјава. Според Илиев, единствено со почитувањето на законите, Уставот и спроведувањето на реформите во судството може да се дојде до правна држава, а не преку протестите што деновиве ги организираа и двете партии.

– Правдата и правната држава се чинат со почитување на Уставот, законите, со носење реформи во правосудниот систем итн. Сѐ додека на овој начин се организираат партиите преку протести да бараат правда и правна држава на улиците, не упатува на едно и ништо друго освен дека сакаат да влијаат на гласачите пред претстојните избори. Гледаме дека тоа ни се повторува пред секои изборни циклуси, а ветувањата за правна држава и правниот поредок се забораваат веднаш по изборите и затоа истиот проблем ни се провлекува со години и немаме решение. Ако продолжат вака состојбите, правосудството ќе биде вечен заложник на партиските договори и преговори, а тогаш не ѝ се пишува добро ниту на државата, а уште помалку на граѓаните – истакнува Илиев.

Од друга страна, на оваа тема слично размислува и македонски режисер и продуцент Јани Бојаџи. Според него, нема заедница во светот што не пропаднала во војна и меѓусебни колежи заради растурање на составот на владеење на правото и правдата.
– Да не се лажеме, драги мои, никој, ама никој во Македонија не верува повеќе во владеењето на правото и достижноста на правдата за секого! Во оваа земја е урнат целиот правен состав, почнувајќи од највисокиот – уставотворниот, па до поединечните закони и прописи, кои определуваат најобични правила од областа на сообраќајот, да речеме! Во оваа земја не се извршуваат ни правосилни судски пресуди против функционери што докажано направиле финансиски криминал, со што до крајни граници се руши довербата на обичниот Македонец во владеењето на законите за секого! Во оваа земја се ослободени од законска одговорност криминалци што со оружје се кренале против сопствената земја и убивале недолжни цивили – вели Бојаџи.
Тој предлага и серија мерки за надминување на ваквите состојби во правосудниот систем.

– Уривање на целиот судски состав и распуштање на сите судии и сета судска администрација и распишување државни огласи на кои ќе се изберат судии и обвинители според американски начин на непосредни и тајни избори. Со ограничување на возраста на судиите за почеток на судечка кариера на 50 години (британска практика), со кревање на границата за пензија на 70 години и воспоставување вредносен состав што ќе се темели на професионализам, квалификации, компетенции, знаења, вештини, но и на профилактика, ветинг, препораки, јавна граѓанска поддршка и, секако, највисокиот критериум, избор од страна на граѓаните, ќе може да се намали до подносливи граници влијанието на политички, економски и странски центри на моќ врз судиите и судската администрација – завршува Бојаџи.

Една недела по власта и опозицијата излегува на протест
Фото: Игор Бансколиев

[email protected]