Фото: Маја Јаневска-Илиева/илустрација

Иако „новодојдените“ мигранти од Авганистан во Македонија се со регулиран статус, двете претходни големи бегалски кризи што ги поднесе земјата (косовската бегалска криза во 1999 година и бегалците од војната во Босна и Херцеговина во 90-тите години на минатиот век) аргументирано поттикнуваат сомнежи околу можноста да се зголеми бројот на бегалците од Авганистан и за тоа колку можеме да се потпреме на гаранциите дека повеќето од нив нема да останат тука подолго време

Мигрантските бранови се неизбежни, како да се постапи?

Повлекувањето на т.н. мировни сили на САД и на сојузниците од Авганистан по 20-годишната мисија во таа азиска земја, повторно, и можеби најсилно по 2015 година ги разгори прашањата и стравовите на европските земји од нови мигрантски бранови. Преземањето на власта во Авганистан од страна на талибанскиот режим предизвика панична потреба за напуштање на земјата на голем број Авганистанци што соработувале во текот на изминатите две децении со меѓународните сили во земјата, кои талибанците сепак ги сметаат за окупациски. САД, како најголем и најмоќен носител на мисијата во Авганистан, настојуваат да им обезбедат прибежиште на своите авганистански соработници, до нивното конечно стационирање и добивање азил во нивната земја, или во некоја од европските земји. И Македонија, како НАТО-сојузник, (која учествуваше во мисијата во Авганистан, воено и цивилно, и пред да стане членка на НАТО), веќе привремено прими околу 150 бегалци од Авганистан, кои според договорот би требало да останат три месеци.

Еден од пет илегални мигранти се враќаат во своите земји

Во европскиот политички амбиент, над кој лебди стравот од нови мигрантски кризи, по 2015 година, сѐ почесто се прават истражувања за прашања поврзани со (и)легалните мигранти. Така, според едно неодамнешно истражување, секоја година од 2008 година, на околу половина милион државјани, кои не се членки на ЕУ им е наредено да ја напуштат Унијата, бидејќи влегле или престојувале таму без дозвола. Меѓутоа, во практика, помалку од еден од пет илегални мигранти се враќаат во своите земји надвор од Европа. Ова е заклучокот од новиот специјален извештај објавен од Европскиот суд на ревизори (ЕЦА). Судот го објави својот извештај и очекува тој да се искористи во претстојните дискусии за новиот пакт на ЕУ за миграција и азил. Една од причините за ниското ниво на враќање на илегалците е проблематичната соработка со земјите од каде што пристигнале мигрантите. ЕУ склучила 18 законски обврзувачки договори за реадмисија и започна официјални дискусии со шест други земји, но досегашната соработката на ЕУ со земјите надвор од Унијата досега многу не помогнала.
Иако „новодојдените“ мигранти од Авганистан во Македонија се со регулиран статус, двете претходни големи бегалски кризи што ги поднесе земјата (косовската бегалска криза во 1999 година и бегалците од војната во Босна и Херцеговина во 90-тите години на минатиот век) предизвикуваат аргументирани резерви и сомнежи во македонската јавност околу можноста да се зголеми бројот на бегалците од Авганистан и за тоа колку можеме да се потпреме на гаранциите дека повеќето од нив нема да останат тука подолго време. Навистина, македонските власти потврдија дека престојот на мигрантите ќе биде финансиски покриен од меѓународните организации за кои тие работеле, но сепак не се целосно стивнати прашањата за гаранции дали тоа целосно ќе биде спроведено.

Извештајот на ЕЦА е за илегални мигранти, а престојот на Авганистанците кај нас им е регулиран и легален

Универзитетскиот професор филозоф и поранешен пратеник во македонското собрание, Ферид Мухиќ, смета дека најголемата „гаранција“ дека бегалците од Авганистан нема да останат во Македонија, ниту да бараат азил, е тоа што нивната цел е да стигнат во САД, или во некоја од земјите на ЕУ.
– Разликата меѓу состојбите со бегалците од специјалниот извештај објавен од Европскиот суд на ревизори (ЕЦА) и бегалците во Македонија, кои неодамна пристигнаа од Авганистан е во тоа што во извештајот на ЕЦА се зборува за илегални мигранти, додека на тие што ги примивме од Авганистан престојот во Македонија им е регулиран и легален. Според договорот, одредено е и времетраењето на нивниот престој, а и потврден е моментот за плаќање на трошоците за нивниот престој сѐ додека се кај нас, од страна на меѓународните организации. Тоа е еден вид меѓународен договор што треба да се почитува и не сакам да верувам дека е само за да ни се „замачкаат очите“. Сепак, најголемата „гаранција“ дека Авганистанците нема да останат во Македонија (дури и да сакаме да ги задржиме) е тоа што нивната желба и крајна цел е да заминат во САД или во некоја од земјите на ЕУ и веројатно и самите ќе ги вложат сите сили и ќе ги повлечат сите врски што ги имаат за побрзо да си ги средат документите и да заминат до својата крајна цел – вели професорот Ферид Мухиќ, кој потенцира дека меѓународните организации презеле обврска да се грижат и целосно да го финансираат престојот на бегалците, дури и да се одложи времетраењето на нивниот престој во Македонија.
За време на косовската криза, од 1999 година, во бегалските кампови во Македонија беа сместени околу 400.000 бегалци, од кои значителна бројка долго време остана во земјава и по завршувањето на кризата. Најголем проблем околу репатријацијата на бегалците се создаде со околу 6.000 Роми од Косово, на кои косовските власти по надминувањето на кризата не сакаа да им дозволат да се вратат во нивните домови, поради наводна соработка со српската страна. Поголем дел од таа бројка, со текот на годините заминаа во некои европски земји, но подолго време во Македонија се оперира со бројка од околу 1.500 Роми од Косово, (Ашкалии), останати во земјава, кои веројатно и понатаму ќе продолжат да живеат тука. За време на војните од распадот на Југославија во 90-тите години на 20 век, во Македонија дојдоа околу 80.000 бегалци од Босна и Херцеговина, но речиси сите, по своја желба се вратени во својата земја по завршувањето на војната, односно останати се можеби мал, незначителен број.

Проблемот со мигрантите е само започнат

Со таква историја на удомување илјадници бегалци во својата тридецениска независна државност, која значително се одразува на развојот на државата, Македонија треба да биде внимателна со сите опасности од можноста на нови мигрантски бранови, смета македонскиот дипломат Ристо Никовски.
– Проблемот со мигрантите е само започнат. Тој ќе продолжи и ќе се зголемува. Во 2015 година беше достигнат врвот на миграциите, во поновата историја, кој наликуваше на библиска преселба на народите. Но проблемите во Азија и во Африка и понатаму продолжуваат и се продлабочуваат, а таквите состојби навестуваат нови напливи на мигранти, кои изгледаат дека се неизбежни. Прашање е кога повторно ќе се засилат и за какви бројки ќе се работи. Нов момент во очекуваните бегалски напливи е што европските земји ги затвораат границите и сега не се подготвени да примаат нови дојденци. Најдобар пример за тоа е Австрија. Настаните во Авганистан само потврдуваат дека проблемот повторно е актуелен. Во сегашните услови, кога европските земји не се подготвени за прием на нови мигранти, голема е опасноста дека тие ќе останат на Балканот. Македонија мора да ги преземе сите мерки да не стане жртва на новите миграциски процеси. Но засилените миграции се реален расплет што ни следува. Досега прифатените бегалци од Авганистан се мала бројка и за нив ќе се најде решение, бидејќи нивниот престој кај нас е организиран од САД и меѓународните организации. Не би требало да има проблеми ниту со финансирањето на нивниот престој. Но треба да се биде внимателен во однос на мигрантските бранови што ги најавуваат. Особено што ниту земјите на ЕУ, а веќе ниту Турција (која прими три милиони бегалци од Сирија) веќе не се расположени за прием на нови бегалци – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.