Пресек на единиците на локалната самоуправа по локалните избори

Во наредниов месец ќе ви ги претставиме сите општини во Македонија. Ќе направиме преглед кои се новите локални власти што ја добија довербата на своите сограѓани – градоначалници, а и новите состави на општинските совети. Со претставувањето на општините и локалните власти ќе ви понудиме слика за она што е најактуелно на локално ниво, предизвиците пред кои е исправено локалното население и приоритетите што би требало да се најдат што побргу на агендата на сработеното, заради поквалитетен живот на граѓаните.
„Нова Македонија“ во рамките на своите професионални ангажмани, како национален медиум со најдолга традиција, ќе ги поттикне сите засегнати чинители при заедничките зафати за унапредување и подобрување на локалното живеење, но и ќе обрнува внимание на пропустите или стагнирањето на проектите чија реализација граѓаните ја очекуваат со нетрпение.
„Македонија на дланка“ ќе биде проект на поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
„Македонија на дланка“ ќе биде проект што ќе генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.


Карбинци

На локалните избори, жителите на Карбинци својот глас го дадоа за кандидатот за градоначалник од редовите не ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, Виктор Паунов.
Како што истакна тој, Општина Карбинци во следните четири години ќе доживее суштински промени. Фокусот ќе биде ставен во делот на хигиената и обезбедување здрава и чиста вода за пиење. Тој нагласи дека ќе се изградат цевководи од постојната филтер-станица, па сѐ до населените места каде што трајно ќе се подобри квалитетот на водата за пиење. На жителите им ветува нова детска градинка во селото Карбинци, ново училиште во Таринци и велосипедско-пешачка патека од селото Долни Балван до Таринци. Тој истакна и дека во соработка со водостопанството ќе ги санираат каналот и гумената брана кај реката Брегалница кај Карбинци, со што ќе обезбедат техничка вода за земјоделските површини во тој дел.
Советничките места во оваа општина се распределени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои освоија шест советнички места, и СДСМ и коалицијата, кои освоија три советнички места.
Општина Карбинци, која се наоѓа во непосредната близина на градот Штип, е најкарактеристична по квалитетните житни и градинарски култури. Најпозната е по откривањето на една од најстарите населби од раниот неолит, при што биле пронајдени предмети и керамика, чија старост е проценета на околу шест илјади години пр. н.е. Малку подалеку од оваа локација бил откриен скелетот, кој го добил името Славе Македонски, за кој, според анализата на коските направена на Универзитетот во Глазгов, се претпоставува дека е стар 7.745 години, што го прави еден од најстарите скелети во Југоисточна Европа. Токму затоа оваа општина е атрактивна за туристите од целиот свет.


Могила

Општина Могила на локалните избори што се одржаа во земјава го доби својот нов градоначалник, Драганчо Саботковски, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
Во неговиот четиригодишен мандат тој истакна дека има голем број приоритети што ќе придонесат за економски развој на општината, развој на комуналната и патната инфраструктура, подобрување на условите во образованието, грижа за младите и развој на спортот и културата.
Тој потенцира дека еден од големиот број приоритети му е изградбата на градинка во селото Могила и отворање центри за ран детски развој во поголемите населени места. Потенцира дека младите ќе бидат вклучени во работењето на општината и порача дека е достапен за прифаќање на сите корисни идеи и сугестии за пофункционална општина Могила. Нагласи дека, бидејќи станува збор за земјоделска општина, ќе создаде услови за привлекување инвеститори за изградба на преработувачки капацитети за земјоделски производи.
Советничките места во Могила се распределени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија шест советници, СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина тројца советници, листата на група избирачи Златко Шурбевски еден советник и ГИ Борче Бучински еден советник.
Општина Могила можеби е една од најголемите развиени полјоделски средини во Пелагонија, која се наоѓа во близината на Битола. Оваа општина исто така изобилува со голем број населби од неолитско време.


Конче

Во следните четири години, Општина Конче ќе биде предводена од Златко Ристов, кој на неодамнешните локални избори беше кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
Како што истакна тој, во следните четири години има голем број приоритети, но ги потенцира инфраструктурното уредување на Општината и населените места, инфраструктурно-патното поврзување на Општина Конче со соседните општини, давање целосна поддршка за земјоделците и вложување во спортот, културата, туризмот и образованието и целосна реализација на проектите опфатени во програмата за Општина Конче.
Советот на Општина Конче е составен од четворица советници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, четири советници од СДСМ и еден советник од ТДП.
Општина Конче е општина каде што земјоделството, сточарството, водостопанството и шумарството се значајни стопански гранки. Во општината има производство на тутун од типот јака и општината произведува пет проценти од вкупното производство на тутун во Македонија. Во Конче има развиен ловен и риболовен туризам, а значење добива и дрвната индустрија.


Петровец

Борче Митевски, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, на неодамнешните локални избори ги освои симпатиите на жителите на Општина Петровец, со што ја доби четиригодишната доверба да ја предводи општината.
Како што изјави тој за „Нова Македонија“, има многубројни проекти за кои ќе се залага да ги реализира во својот четиригодишен мандат. Меѓу нив се изградба на нова општинска зграда во населеното место Петровец, изградба на нов културен дом, нови детски градинки во ’Ржаничино и во Долно Коњари, изградба на спортска сала во Огњанци и довршување на канализациската мрежа во Огњанци. Тој нагласи дека ќе ги продолжи инвестициите во патната и комуналната инфраструктура, како и во сето она што е потребно за решавање на проблемите на жителите на целата територија на општината.
Советничките места во Општина Петровец се распределени помеѓу неколку советнички листи, и тоа, ДУИ еден советник, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива еден советник, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија четири советници, СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина двајца советници, БДС еден советник и листата на група избирачи Александар Јаневски двајца советници.
Општината Петровец се наоѓа во близина на Скопје. Во нејзина близина се наоѓа аеродромот Александар Велики. Голем дел од населението во оваа општина се занимава со земјоделие, иако локацијата е атрактивна и за изградба на фабрики, заради близината до главниот град.