Во грчкиот Парламент пред 10 часот по локално време почна третиот дел по поднесеното барање од Нова демократија за гласање недоверба на Владата. Договорот со Македонија е во фокусот на дискусија на грчките пратеници, пренесе МИА.

Дебатата се очекува да кулминира со говорите на лидерите на политичките партии и грчкиот премиер, а ќе заврши со гласање недоверба.

Според досега изнесените ставови, не се очекуваат изненадувања. Пратениците на СИРИЗА и Независни Грци ќе гласаат против предлогот на Нова демократија, а Владата нема да добие недоверба.

Вчерашната маратонска расправа, што траеше над 16 часа, се претвори во жестока дискусија и меѓусебни обвинувања меѓу Владата и опозицијата во однос на договорот со Македонија.

Опозициските партии обвинуваа дека договорот е лош, а акцентот го ставаат на македонскиот јазик и македонското државјанство, додека пак пратениците и министрите од владејачката СИРИЗА со аргументи ги убедуваа нивните колеги од другите партии дека договорот е во рамки на грчката национална линија, национално корисен и ги штити интересите на земјата.

Особен интерес предизвикуваат информациите во грчките медиуми дека за време на денешната расправа министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас ќе донесе документи од грчкото МНР што се однесуваат на преговорите за името во минатото.

Паралелно со седницата во Парламентот, како што вчера јави дописничката на МИА од Атина, пред зградата на Парламентот, ќе се одржи нов протест во 16 часот од организации кои што „не го даваат“ и „го бранат“ името Македонија.