фото Игор Бансколиев

Пред Собранието прексиноќа се одржа протестот во организација на движењето „Бојкотирам“ уставни промени преку кој беше побарано стопирање на постапката за уставни измени, поништување на договорот од Преспа, трајна заштита на името на Македонија…

Учесниците се против, како што рекоа, нелегалната промена на името и бришењето на АСНОМ, и бараат оставка на Владата, распуштање на Собранието, вонредни парламентарни избори, како и да не се повторат настаните во Собранието од 27 април минатата година.

Како што најавија, од вчера требаше да почнат и со блокади на главните сообраќајници и крстосници во Скопје и во сите градови низ Македонија додека не се исполнат поставените барања.

Во меѓувреме, тие секојдневно ќе бидат пред паркот „Жена-борец“ во Скопје во периодот од 16 до 20 часот, вклучувајќи и на први декември кога е предвидена собраниска седница за предлог-амандманите на Уставот.

Пред присутните се обратија Солза Грчева, Томче Ширков, Тодор Петров…
Протестот, како што соопшти организаторот, го поддржаа македонската заедница во Канада, Светскиот македонскиот конгрес и Македонското меѓународно движење за човекови права.

Движењето „Бојкотирам“ го најави протестот преку социјалните мрежи како натпартиски, сенароден и ненасилен. За граѓаните беше организиран превоз од повеќе градови од внатрешноста.