Телефонски разговор Заев – Борисов

Премиерот Зоран Заев денеска имаше телефонски разговор со неговиот бугарски колега Бојко Борисов на кој најпрво му посака добро здравје и брзо опоравување од коронавирусот, на што Борисов информираше дека се чувствува многу подобро и дека здравствената состојба му е стабилна.

Како што информираат од владината прес-служба, во телефонскиот разговор Заев и Борисов размениле информации околу подготовките за претстојниот самит во Софија во рамки на Берлинскиот процес и договориле уште еден телефонски разговор за утрешниот ден на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во рамки на Самитот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн.

Заев и Борисов воедно изразиле меѓусебно уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции.