Фото: Маја Јаневска-Илиева

Каква иницијатива треба да покаже Македонија за својата европска иднина

Новата методологија за преговарање за членство во ЕУ, сѐ уште е енигма и во Европската комисија, а за Македонија и понатаму остануваат неизвесност критериумите што ќе бидат поставени, иако политичарите во земјава изјавуваат дека прифаќаат секакви критериуми, само прво да се добие фамозниот датум. Сето тоа ја става Македонија во нов вител од спиралата на тридеценискиот апсурд, во кој нашата држава само дејствува реактивно на некои поставени услови, без иницијатива и сопствена проактивност за достигнување на европските стандарди

Впечаток е дека и по триесетгодишна амбиција и обиди да стане дел од Европската Унија, Македонија како да е влезена во маѓепсан круг во кој си ја брка сопствената опашка. Нашата држава доби нови „аргументи“ по минатогодишното недобивање датум за почеток на преговорите за членство, и покрај убеденоста дека ги исполнила сите услови. Изговорот на ЕУ, односно на Франција последниот пат беше дека сега Унијата, всушност, не е подготвена за проширување со земји што не ги исполнуваат европските критериуми. Таквата фингирана ситуација на ЕУ во која Македонија беше убедувана дека ги исполнува сите услови, а потоа од некаде изникнува некој нов услов, се повторува веќе 30 години. ЕУ тврди дека тоа е нормално и прописно, но тоа, сепак, доведе Франција да се ангажира да подготви нова методологија за преговори за членство во Унијата, а во земјава до партиски договор за предвремени избори.
Сето тоа ја става Македонија во нов вител од спиралата на тридеценискиот апсурд, во кој нашата држава само дејствува реактивно на некои поставени услови, без иницијатива за сопствена проактивност за достигнување на европските стандарди.

Иако веќе почна да функционира техничката влада во Македонија, што значи дека веќе имаме помалку од 100 дена до изборите, предизборниот период за ЕУ не претставува изговор за да се запостават реформите на македонското општество што постојано се бараат. Активни се очекувањата Европската комисија (ЕК) да ја претстави новата методологија за проширување на Европската Унија, а идеално би било во март да ја усвојат земјите-членки, изјави на крајот од минатата година Франсоа Лефон, советник на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, испратен во земјава од француската влада. Покрај другото, Лефон порачува дека за добивањето датум треба да бидеме флексибилни, а дали тоа ќе се случи во март или во мај, најмногу зависи од тоа дали ќе следуваат јасни сигнали дека Македонија разбрала што им е важно на земјите-членки на Унијата. Тој смета дека и со техничка влада, парламентот во преостанатиот период до распуштањето може да испорача конкретни резултати, дека има време за добри решенија и за напредок во одредени области.

– Ако навистина сите политички партии се за членство во ЕУ, како што велат, треба да се способни да се договорат за реформите за да ѝ докажат на Европската комисија дека се посветени на доброто на земјата. Инаку, ќе видиме дека ова се само политички игри. Ако партиите се посветени на европскиот пат, ќе сфатат дека овој момент е поважен од нивните политички игри. Па дури и со техничка влада би можеле да направиме некои работи – смета францускиот експерт.

Франсоа Лефон: И со техничка влада може да се испорачаат резултати

Веќе наредната седмица се очекува земјава да ја посети новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархели, а на средбите со македонските политичари да разговара за новата методологија предложена од Франција и за текот на реформите, особено за донесувањето на Законот за јавно обвинителство. Европската комисија до крајот на февруари ќе објави мини-извештај за Македонија и за Албанија, а новата методологија, според најавите, се очекува да биде усвоена во март. Еврокомесарот Вархели, веќе и порано изјави дека пристапните преговори со Македонија и со Албанија треба да почнат напролет. Тој тогаш рече дека ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври.

Најновите изјави на главниот скептик за проширувањето на ЕУ, францускиот претседател Емануел Макрон, по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Париз, дека е подготвен да ги повлече резервите за проширување на следниот совет на ЕУ во мај, доколку Европската комисија до крајот на месецот ја изработи предлог-методологијата за проширување, со која би се адресирале барањата на Франција, оптимистите во Македонија ги толкуваат како надеж дека земјава сепак ќе добие датум за почеток на преговорите.

– Ги споделувам вашите напори да постигнете единство на самитот во Загреб во мај и тој да биде успешен за Европа. Франција предложи нова методологија, со намера процесот за проширување да не биде само бирократски процес, туку вистински политички пат напред, кој може да биде и забрзан и реверзибилен, кој содржи услови, но и конкретни придобивки за земјите-кандидати – изјави Макрон по средбата со Пленковиќ.

Фото: Игор Бансколиев

Сепак, новата методологија за преговарање за членство во ЕУ, сѐ уште е енигма и во Европската комисија, а за Македонија и понатаму остануваат неизвесност критериумите што ќе бидат поставени, иако политичарите во земјава изјавуваат дека прифаќаат секакви критериуми, само прво да се добие фамозниот датум.
– Очигледно е дека ние во Македонија и понатаму му робуваме на датумот за почеток на преговори и сѐ друго ни е во втор план. Кога ќе започнат тие преговори, сепак, не зависи од нас и не можеме никако да влијаеме врз тоа. Ние можеме да направиме сѐ за да се приближиме до Унијата, а тоа значи да се концентрираме на реформите, што постојано ни ги повторуваат како услов. Но нив ги нема и постојаното верглање околу датумот значи само пренасочување на вниманието, а тоа е самозалажување. Единствениот начин да напредуваме побрзо кон Брисел е да се впрегнеме во работа и на тој начин да им покажеме дека ги разбираме нивните пораки – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.

Да се впрегнеме во работа и на тој начин да им покажеме
дека ги разбираме нивните пораки

Во однос на новата методологија за пристапни преговори, професорот на Правниот факултет при УКИМ, Денко Малески, очекува дека, иако, можеби, критериумите ќе бидат построги, сепак даваат надеж дека Унијата сака да влезе директно во европеизацијата на македонското општество.

– Во овие триесетина години покажавме колку можеме сами. Многу гарнитури на власт се сменија, но општеството не се реформираше на подобро. Единствено нешто што се постигна е деморализиран народ по процеси на приватизација, низок економски раст, невработеност, заробена држава, корупција и непотизам во администрацијата и судството, кои кулминираа со аферата „Рекет“… Притоа, не е дека ние не знаеме како треба да изгледаат непартизирано судство, професионална администрација според мериторни критериуми, функционално општество во здравството, образованието…, но очигледно не можеме сами да го постигнеме тоа, особено по 30 години деморализрање од политиката. Новата методологија на ЕУ ќе функционира со комбинација на притисок и поддршка во спроведувањето на реформите, односно новите критериуми ќе бидат создадени за да предизвикуваат реформи на општеството. Тоа го разбирам како намера Унијата да сака да учествува директно во европеизацијата на македонското општество – вели професорот Денко Малески.


Двојните стандарди на ЕУ за проширување

Сознанието дека критериумите за членство во ЕУ стануваат построги за Македонија, додека многу од сегашните членки на Унијата се влезени таму со политичка одлука, поради некои геостратегиски причини, без да ги исполнат европските стандарди, ја зголемува фрустрацијата во македонското општество. Токму таквите членки, кои пристапиле во ЕУ без исполнување на критериумите за членство, како Бугарија и Романија, па уште од порано и Грција, Кипар, Шпанија и Португалија, се причина за сегашниот скептицизам на старите членки на Унијата, а пред сѐ на Франција за понатамошно проширување.

– Очигледно е дека не можеме да влијаеме во креирањето на новата методологија за пристапување во сојузот кон кој имаме аспирации за членство. Наша лоша среќа е што во сојузот забележале дека имаат проблеми со членките што пристапиле во него без да ги исполнат критериумите и сега сакаат да ја сменат методологијата за пристапување. Во наша надлежност е да се приспособиме на таа нова методологија, проактивно и ефикасно сами да ги направиме реформите и да се надеваме дека новите критериуми ќе бидат брзо поставени, зашто нам ни се брза – вели професорот Денко Малески.
Од друга страна, во однос на македонската проактивност за својата европска иднина, македонскиот дипломат Ристо Никовски смета дека таа повеќе реагира на дразби, дека е пост фестум политика.

– Од ЕУ постојано ни укажуваат дека се неопходни реформи во судството, а ние со аферата „Рекет“ докажуваме дека немаме намера да го извадиме судството од влијанието на политиката. Така е и во други области. Од друга страна, и самата Унија практикува двојни стандарди и подготвена е да замижи на неисполнување или прекршување и на своите стандарди, за остварување одредена политичка цел. Доволна илустрација за тоа е изјавата на поранешниот еврокомесар Хан, дека менувањето на Уставот во Македонија може да се случи и на „балкански начин“. Сметам дека двојните стандарди се полоши и од тероризмот – вели Ристо Никовски.