Утре на полноќ завршува пријавувањето до општинските изборни комисии за гласање на болните и немоќните, додека рокот за заболените од ковид-19 и за оние  во самоизолација е до 11 октомври.

Предвидено е Општинската изборна комисија по службена должност да собере податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лица кои се пријавени за гласање согласно со член 111-б став (1) од Изборниот законик. ДСЗИ е должен да ги достави податоците за лицата пријавени за гласање до ОИК во рок од 24 часа од добиеното барање. Гласањето на лицата со ковид-19 или во самоизолација го спроведува посебен избирачки одбор составен од здравствени работници.

Гласачите кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор ќе можат да го извршат своето граѓанско право преку овластен полномошник откако ќе ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (13 октомври).

Избирачите кои се сместени во установи за вонсемејна грижа гласаат во установата каде што се згрижени, еден ден пред денот определен за одржување на изборите, по претходна пријава до одговорното лице на установата.

Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 17 октомври. Први своето право на глас ќе го искористат болните и немоќните, заболените од ковид-19 или во самоизолација, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно-раселените лица, кои ќе гласаат еден ден претходно.