Фото: Игор Бансколиев

Советот за граѓански надзор врз безбедносните институции нефункционален две години

Претставници на Советот за граѓански надзор врз безбедносните институции информираа дека и по речиси две години од формирањето на споменатото тело, „процесот за надзор и контрола врз институциите овластени за следење на комуникациите не функционира“?!
Оваа констатација на претставници на Советот за граѓански надзор врз безбедносните институции одекна во јавноста со неверување и горчлив вкус на нешто што веќе јавноста го вкусила во минатото… Во исто време, веднаш се отвори прашањето дали реално и колку воопшто се спроведува процесот за надзор и контрола врз прислушувањето и од страна на институциите (Собранието), но и од страна на цивилниот сектор?

Што треба законски да прави т.н. Совет за граѓански надзор врз безбедносните институции

Имено, според законот, контролор на работата на институциите што ги следат комуникациите, покрај соодветната собраниска комисија, е и Советот за граѓански надзор. Ова тело, избрано од Собранието, по барање на кој било граѓанин, може да провери дали тој е нелегално прислушуван.
Магдалена Лембовска од организација „Еуротинк“ вели дека состојбите на застојот на цивилната контрола на прислушувањето се должат на повеќе причини. Едната од нив е фактот што подолг период немавме активно собрание. Сето тоа значело и отсуство на каков било (собраниски) надзор и контрола над извршната власт, а особено значи и отсуство врз надзорот на безбедносните служби.
– Тука, пред сѐ, е отсуството на парламентарната комисија за надзор над следењето на комуникациите, која инаку треба да врши надзор најмалку на три месеци. Со новиот парламентарен состав оваа комисија се воспостави, но со оглед на тоа дека е нов состав, допрва ќе треба новите пратеници да се запознаат со проблематиката и да започнат со работа – објаснува Лембовска.
Според неа, Советот за граѓански надзор никогаш не профункционира и видовме дека во јуни претседателката и нејзиниот заменикот дадоа оставки.
– Овој совет има исклучително тесна надлежност што е далеку од доволна за да кажеме дека имаме некаков надзор, но пречките со кои се соочи овој совет, дури и со таков ограничен мандат, се силен индикатор за отсуство на каква било политичка волја за овозможување граѓански надзор над прислушувањето – резимира таа.

Застој на демократските процеси и недоверба кон институциите

Поранешната претседателка на сѐ уште нефункционалниот совет за граѓански надзор, судијката Маргарита Цаца Николовска, смета дека со неработењето на Советот за граѓански надзор се прави голема штета на демократските процеси и се создава недоверба на граѓаните кон власта.
– Ако вие како држава сте се одлучиле да направите тело што ќе влева доверба кај граѓаните за законитото прислушување, а тоа тело не функционира, од друга страна сме имале распуштено собрание многу долго време и собраниската комисија не можела да функционира, отворено се поставува прашањето како ние замислуваме тие демократски процеси во оваа насока да бидат остварени – вели Николовска.
За потсетување, актуелниот Закон за следење на комуникациите предвидува секој граѓанин што се сомнева дека е нелегално прислушуван да испрати претставка до Советот за граѓански надзор. Потоа ова тело има можност да побара од собраниската Комисија за надзор над следењето на комуникациите да изврши надзор во конкретниот случај за да се констатира дали телефонскиот број на граѓанинот е или бил некогаш незаконски следен во период од изминати три месеци.

Натаму, законската процедура предвидува комисијата во рок од 15 дена да достави известување до советот за завршената своја работа, односно констатација дали граѓанинот бил предмет на кршење на законот од службите, а советот потоа го известува граѓанинот, но и обвинителството за натамошните чекори во зависност од резултатот на извршениот увид.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски коментирајќи ги актуелните настани се надева дека состојбите ќе се надминат, тој верува дека парламентот ќе си ја сработи работата поефективно во овој дел и покрај разбирливите идните ризици, кои ни се наметнати од опасноста од ковид-19, односно покрај специфичниот режим на работа на Собранието во овој момент.

[email protected]