Фото: Игор Бансколиев

Шумските пожари пред врата, а нашето најсилно противоружје неисправно

Летните горештини се во полн ек, а со тоа и се зголемуваат температурите, но и ризиците за избувнување на пожарите во земјата. Вакви климатски и временски состојби нѐ погодуваат и на големите зелени површини, како што се шумите во нашата земја.  Последниве години сѐ почесто квалитетните шумски подрачја се жртва на големи пожари, кои голтаат во неврат илјадници кубици квалитетно дрво. Причините за пожарите се најчесто неколку, но за тоа во некоја друга пригода. Овој пат, во фокусот на опсервацијата е нашето најсилно и најефикасно оружје против шумските пожари, а тоа се трите воздухоплови „канадери“, специјализирани за гаснење шумски пожари.

„Канадерите“ сѐ уште приземјени на аеродромските писти

Македонија втора година по ред сѐ уште очекува да ги сервисира своите три воздухоплови „канадери“, наменети за гаснење на огновите во тешко достапните терени во земјата. Популарно наречените „ер трактори“ беа набавени во 2010 година, но тие, за жал, во моментов се приземјени на аеродромските писти, а причина за тоа се нивното сервисирање и одржување, кои се исклучително скапи.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во изјава за „Нова Македонија“ објаснуваат дека во моментов сѐ уште е во тек јавната постапка за сервис на „канадерите“ и оттаму додаваат дека се надеваат дека во наредниот период до почетокот на критичните месеци, кога во суштина има најмногу пожари, авионите ќе бидат ставени повторно во функцијата за која се наменети.
Од дирекцијата информираат дека леталата треба да се сервисираат во странство, со финансии што се поголеми од буџетските средства со кои располага дирекцијата. Тие информираат дека во април годинава е распишан тендер за поправка и сервисирање на авионите, а проценетата вредност за реализација на оваа набавка изнесува 25 милиони денари (околу 400 илјади евра) со вклучен ДДВ.
Натаму, на владина седница, која се одржа на почетокот од минатиот месец, е донесен заклучок од Бирото за јавни набавки да се побараат насоки за најдобро применливо решение за спроведување на набавката во скратени рокови за сервисирањето на овие авиони.
Во својот осврт на случувањата, докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека државата треба што поскоро да реагира и да полетаат леталата, кои можат да ги изгаснат огновите во тешко достапните планински подрачја.
– Овие летала се голема придобивка на државното воздухопловство бидејќи претставуваат воздухоплови од најсовремен ранг и имаат голема стапка на ефикасност и практичност во справувањето со огнените стихии, кои од година на година знаат да ги зафатат нашите шуми и планини – вели Марковски.
Според него, недопустливо е нашите летала да се приземјени, иако финансиите за нивното одржување се високи.

„Канадерите“ не летаат, ама со тоа и пилотите остануваат надвор од форма

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски додава дека во овој процес, неопходно е покрај леталата и самите пилоти, кои управуваат со воздухопловите, редовно и рутинирано да се увежбуваат и да се надградуваат во техниките за управување со „ер тракторите“.
Марковски советува дека, освен авионите на ДЗС, при гаснење пожари од небо може да се вклучат и транспортните хеликоптери на полицијата и на армијата.
Тој вели дека државата има солидно искуство во комбинирано дејство за справување на огновите во планините и додава дека со меѓусебна тесна соработка на сите државни институции ризикот за големи штети по нашето шумно стопанство ќе се намали, единствено треба да се намират редовните финансиите за одржување на леталата, како што го прават тоа сите земји од соседството и од Европа.
Од друга страна, од почетокот на месецов јавното претпријатие „Национални шуми“, поради зголемена опасност од појава на шумски пожари на отворен простор како резултат на зголемените температури, воведе делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште со кои стопанисува на целата територија на државата, по претходно добиена согласност од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Делумната забрана за движење во шума важи во временскиот период од 6 до 20 часот и истата таа ќе трае сѐ до процената дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до нејзино отповикување.
За непочитување на оваа забрана на физички лица што се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, во согласност со членот 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена глоба, појаснуваат од претпријатието.

Натаму, викендов во три одделни пожари во Кочанскиот Регион изгореа над 30 декари засеани со јачмен, како и неколку декари лозја и ниви со пченка. Во гаснењето на огнената стихија беше ангажирани територијалната противпожарна единица од Кочани, која по пет часа од избувнувањето на пламенот успеа да ги стави состојбите под контрола. Истиот викенд пожарникарите, пак, од Струмица гаснеле четири пожари на отворено, кои гореле на повеќе локации, од кои најголем бил пожарот меѓу селата Петралинци и Гечерлија.
Според информациите од струмичките пожарникари, таму гореле стрништа, сува трева и насади со лозје, а во гаснењето учествувале со четири противпожарни возила и 10 пожарникари.
За потсетување, Македонија пред повеќе од една декада ги набави трите противпожарни авиони од американскиот производител „Ер трактор“, а обуката на пилотите ја спроведуваа шпански инструктори. Првите два авиона пристигнаа во земјата во ноември 2009, а третиот слета во Македонија во март 2010 година. „Канадерите“ имаат носивост од три илјади литри вода во резервоарите.

[email protected]