Годинава немаше говори на политичари во Крушево по повод одбележувањето на Илинден. Наместо тоа, на централната прослава на Мечкин Камен, се обрати актерот Никола Ристановски. Тој, во негов својствен стил, со свои автентични мисли и ставови, во комбинација со цитати на познати македонски дејци, впечатливо и инспиративно испрати силни и јасни пораки за сите нас. Поради силината на искажаните зборови, како своевиден патоказ, белег и трага во времето, говорот на Ристановски го пренесуваме интегрално

Никола Ристановски по повод чествувањето на Илинден на мечкин камен, крушево

Еве ме на врвот, се искачив сам. И тука не ме следи око ничие. И што, јас во себе пак го шепотам жалосниот сон на своето величие. Така зборуваше Блаже Конески.
Зарем не е време да ја прекинеме културата на самост? Зарем не е време за култура на автономност и интегритет во јасно исцртано заедништво? Само така ќе можеме да ги помириме минатото и сегашноста во реална визија за иднината. Само така, создавајќи прецизно артикулирано множество различности што имаат заемна доверба, можеме да ја продолжиме пловидбата со овој кораб низ сите бурни мориња и предизвици што светот ги носи со себе. Сами не сме ништо. Сами времето не нѐ сака. Заедно сме сѐ.
Во сите искуства на слободата и искушенијата на ропството да размислиме која е нашата заедничка содржина прецедена низ ситото наречено живот. Оној живот што навистина ни се случува. Не само низ нашите потценети порази и преценети победи туку и низ малите среќи и несреќи, таги, радости, натоварени на нашите кревки човечки плеќи. Животот помеѓу длабокото вдишување наутро и краткиот здив притиснат од немир пред заспивање. Чувства, сеќавања, љубов, пријателство, разговор, молчење, слушање… обичен живот.
Сето тоа и сето помеѓу тоа, што понекогаш толку многу зависи од нас самите, такви какви што сме. Или можеби такви какви што би можеле да бидеме. Не толку силни за да си дозволиме нетрпеливост спрема другиот. Но и не толку слаби за да си дозволиме гнев, затоа што гневот не е доволен. Истетовирани сме со безброј приказни, кои не треба да нѐ заспијат, туку да нѐ разбудат. Наша благородна должност е со различните протагонисти од тие приказни да најдеме заедничка линија за развој на дејството од кое ќе произлезе пролог, во којшто секој ќе го најде своето поединечно јадро во заедничката срцевина. Само така можеме да менуваме, надоврзувајќи ја визијата за идните акции врз минатите искуства. Оти времето идно ги содржи во себе времето минато и времето сегашно.

Светот, зборувајќи секојдневно за мир, како да е постојано во војна. На човештвото му е стежнато од војување, а сепак како да е зависно од војната, фактичка или симболична. Војна со себеси, војна со небото, војна со соседите, војна со омразата, војна со морињата, со реките, војна со Месечината, војна со Сонцето, војна со зборовите и војна со јазиците. Кулите вавилонски сѐ уште ги слушаме развревено, недоразбрано… А војската постои само затоа да нѐ штити од војна. А ние никако да се помириме со себеси. Ние никако да се помириме со другиот во себе и со другиот до себе. На некои им е обесмислен копнежот ако не војуваат обезглавено, обезгласено, само колку да потврдат дека се живи преку умирање. Застанувам да се разбереме пред секое насилие. Но, исто така одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги… Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ, одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете, шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себеси. Не сакам седативи, не сум купче протоплазма. Имам волја и имам разум. Така зборуваше Горан Стефановски.
Ја преземам одговорноста за својот живот. Моето талкање, моето патување ме води во мојата лична Итака, која не треба да ја освојувам триумфално, очекувајќи аплауз. Таа е тука. Таа е сечија, таа е ничија, таа е моја, таа е ваша, таа е заедничка… Разбирате дека сето она што е мое и заедничко, она што е ваше и мое… Разбирате дека светот сака да биде едно, кое е родено во љубов и во проштевање. Верувајте ми на зборот, ако ние не умееме да простиме, да ја прекинеме и да ја прегрнеме болката од откорнатото, тогаш засекогаш ќе останеме сами и невкоренети. Никој не рече да заборавиме, туку да простиме. Дури и на себеси, затоа што сме простиле. Сакаме да го сопреме насилието. Сакаме да направиме дом, ти, јас, блискиот, ние, вие, далечниот, истиот, различниот… Сакаме конечно или не сакаме? Сакаме ли да ја смениме мапата на светот во којашто клучните топоними се нарекуваат страдање, смрт, покорност, во мапа во којашто главните градови, планините, реките и долините ќе се нарекуваат радост, заедништво, полност во животот, солидарност, спокојство?
Нам ни е потребно да ја вратиме киднапираната реалност и да го реартикулираме непријатното, наметнато реално.

Потребно ни е да создадеме автономна зона на доверба, која во мноштвото различни концепти и мислења нема оперативно да биде блокирана, која ќе ги надмине личните, егзистенцијални стравови и ќе зачекори без страв кон хоризонтот што постојано и постојано и постојано ќе се поместува. Но, зарем на Македонецот не му е својствено да гледа и зад хоризонтот?
Време е за вкотвување на реалното, кое ќе создава постојани стратегии за изнаоѓање на прифатливи културни и политички пристаништа. Ако не ни одговара, наместо да го напуштиме другиот, ќе се обидеме да проникнеме во другоста. Ако другиот страда, тоа е наша работа. Затоа треба одново да ги преобмислиме заедницата, ризикот и авантурата, наспроти комфорот и сигурноста, а против поданичката култура. Потребно е да се биде во потрага по нови форми на естетска, етичка, политичка конфронтација, имагинација, кои ќе водат кон слобода и кон суштинска заемност. Наша задача е да ги прескокнеме оградите, да ги пресекуваме полињата, обидувајќи се да создадеме звук кој ќе има специфичен ракопис. Секое мноштво, секоја заедница, секој колектив има свој лавиринт, свои возвишувања, свои бездни… Голем подвиг е да се лебди меѓу она што сум јас и она што сме ние. Затоа што мноштвото може да има обединувачка, но може да има и разорна сила. Но, и тоа од нас зависи. Од нашата одговорност, од нашата емпатичност, од нашето тактичко-стратешко знаење за тоа како органски да бидеме заедно. Како да станеме тело со различни органи, но поврзани со една мрежа од витални крвни садови. Низ овие 30 години, имајќи го вековното наследство од дамнина, преку Илинден, преку Народната антифашистичка борба, имајќи го наследството за копнежот на автономна заедница за република, увидовме дека треба умно да се осознае и да се практикува она што е посебност во мноштвото. Во тој простор се одвива клучната битка на нашата современост. Како да создадеме колектив, а не механичка, административна толпа.
Пријатели и пријателки, дами и господа, моќта насобрана во еден човек или во неколкумина, со еден удар може да биде скршена и срушена. Таквата моќ е пораз за историјата на човештвото и никогаш никому не му е потребна. Она што нам ни е насушно потребно е мрежа која ќе нѐ поврзува во најзначајните точки од нашето поединечно постоење – еднаквост, вкотвеност, во заеднички идеи за времето идно, кое секако ќе го содржи сознанието од времето минато и ќе биде во дослух со потребата на времето сегашно. Само така ќе создадеме арматура што нема да може ни најсилното тектонско поместување да ја сруши.

Некој некаде кажал дека смртта не е губење на иднината, туку загуба на минатото. Иднината е празен лист којшто допрва ние треба да го испишеме. Да не им го оставаме тоа на другите. Сигурен сум дека така размислувале и големите луѓе од минатото во ова безвременско Крушево, опеани во македонската химна, но и многу други херои неспомнати во неа, а врежани неотповикливо во нашата колективна македонска свест. Тие самите, нивната борба, нивниот идеал, и пред сѐ нивната лична жртва. И ние денес го сакаме животот, онаков каков што ни го нудат. Не таков, однапред создаден. Сакаме ние да учествуваме во неговото создавање. Но се соочуваме со синдром наречен епоха на празни ангели. Ова е ситуација во која сите сакаат да бидат гласници, но во која никој не прави никаков напор да ја прими и најпосле да ја разбере пораката. Да ја најдеме нашата порака. Да ги прочитаме знаците покрај патот. Да тргнеме во заедничко патување, во коешто ќе вложиме во праведното и чесно заедништво. Во сон се родив, во сон живеам, во сон ќе умрам и не сакам никој да ми ги украде верувањата, ниту евентуалните утопии, оти тие се оние кои го исцртуваат светот со посакуваните бои. Да ги симнеме маските, да се погледнеме, да ги убиеме со љубов и со разум нискоста, лицемерието, инерцијата, алчноста, лагата… Да го ископаме највредното затрупано во урнатините на нашите интимни длабочини од кои ќе изградиме нов град. Од нашите заеднички слики, бидејќи нам тоа ни е потребно. Грижа за идеите, за идеалите, не само загриженост за преживување. Растењето е единствено можно низ историјата.

Историјата му дава правец на растењето. Иако помнењето не е секојпат безгрешно, секое помнење нѐ прави свесни за вредноста на минатото во сегашноста. За неколку векови, некој друг како мене, патник на ова место, исто како јас ќе жали за исчезнатото, за она што можев да го видам, за она што можев да го направам и ете така ми побегнало. Затоа не смееме да го споделиме стравот на Робеспјер дека ќе пропаднеме, затоа што во историјата на човештвото сме го пропуштиле мигот да ја засноваме слободата. Затоа верувам дека досега сфативме дека заедницата која се заснова врз политичка култура на критично дејствување и соочување е заедница на слобода, на заемност и на храбра пловидба кон новите хоризонти на општеството.
И да ве потсетам уште еднаш на мислата од предмалку. Сите сакаат да бидат гласници, но никој не ја слуша навистина пораката на вечните илинденци. Ние, вашите вечни комшии, пријатели, познајници од хубавото Крушево и од неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крв и гладните за човечко месо муртати, што гледаат и нас и вас да дотераат до нож, и нас и вас да дотераат до питачки стап, и нашата мила и богата земја Македонија да заприлега на пуста пустина, денес дигнавме глава и решивме со пушка да се браниме од тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода. Вие мошне арно знаете оти ние не сме лоши и разбирате дека од мака си кладовме главата во торба за да заживееме како браќа на оваа земја. Ние ве имаме како свои и сакаме докрај да останеме свои.

Ние не дигнавме пушка против вас. Тоа би било срам за нас. Ние не дигнавме пушка против мирниот, трудољубивиот и чесниот турски народ шчо се прерануват како нас, со крвав пот. Тој е наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живееме. Ние не излегофне да колиме, да грабиме, да палиме, да крадиме… Доста ни се зулумите на безбројните дреби по нашата сирота и окрвавена Македонија. Ние не излегофне да порисенчуваме и да бесчестиме вашите мајки и сестри, жени и ќерки. Треба да знаете оти вашиот имот, вашиот живот, вашата вера, вашата чест, ни се толку скапи колку што ни се скапи и нашите. Анџак за да си завардиме имотот, животот, верата и честа, ние сне зеле пушка. Ние, не само ве имаме како свои браќа, туку и ве жалиме како свои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царот и на царските бегови, ефендии и паши, робје на богати, на силни, робје на насилници и на зулумќари што ја запалија царштината од четирите страни и што нѐ натераа нас да дигнеме глава за право за слобода и за човечки живот. За право, за слобода, за човечки живот. Ве каниме и вас да дојдите заедно да правиме борба. Затоа да бидеме заедно во радоста и во тежината. Затоа да го олесниме тешкото. За многу години Илинден.