Експертската група секогаш се трудеше да биде објективна и неутрална, нејзините извештаи не беа насочени против одредена политичка опција, а во корист на друга, тие беа фокусирани на проблемите, не на политичарите, партиите, носителите на моќ во дадениот момент, а фокусот треба да биде ставен на воспоставување на владеењето на правото и судски систем, кој ќе работи во интерес на правдата. Ова вчера го порача Рајхард Прибе, кој беше дел од петчлената експертска група, врз основа на чии извештаи се градеа темелите на реформите, што во земјава се спроведуваат по политичката криза и скандалот со прислушувањето.

Тој напомена дека постои свест дека има значителни недостатоци во владеењето на правото и во функционирањето на демократските институции што, како што рече, се главните прашања, кои ги засегаат Брисел и сите земји-членки на Унијата.