Како изненадување ја оцени, Рајнхард Прибе, германскиот експерт за владеење на правото кој ги предводеше експертските групи на Европската комисија во Македонија, одлуката на унгарската Влада за толку кусо време да му додели политички азил на поранешниот премиер Никола Груевски.

Тој во интервју за Дојче веле нагласува дека вообичаено одбива да коментира поединечни случаи, но на прашањето во врска со критиките на ЕК за недостигот на судска завршница на случаите со висока корупција и бегството на Груевски во земја-членка на ЕУ вели дека тоа е вистинско изненадување.

-Корупцијата е многу голем проблем во регионот, но исто така, како што сите знаат и во некои делови од ЕУ. Корупцијата е проблем од повеќе аспекти: имате корупција на високо ниво, на ниско ниво и работењето на нејзино сузбивање е многу важно. Секогаш одбивам да коментирам поединечни случаи, но би сакал да кажам дека е изненадување што е доделен политички азил во овој случај, и исто така е изненадување колку малку време ѝ требаше на една влада на земја-членка на ЕУ да ја донесе таа одлука, вели германскиот експерт.

Тој нагласува дека не е задолжен за следење на имплементацијата на препораките, тоа е во надлежност на ЕК, но напоменува дека како аутсајдер со интерес со следи развојот во земјата.

-На пример, тие интензивно работат на стратегијата за судството и на други нешта. Но без да ги знам деталите за тоа што точно се работи на секоја од препораките, имам впечаток дека се работи сериозно за да се напредува во неопходните реформи во областите кои ги покривме со нашите извештаи, а кои во најголем дел се однесуваат на владеењето на правото, нагласи Прибе.

Смета дека Владата покажува одлучност во спроведувањето на реформите, но додава дека е разбирливо дека спорот за името и различните чекори околу Преспанскиот договор и потоа постапката за ратификување на договорот привлекоа големо внимание во медиумите и во јавноста и секако значеа интензивна работа за оние кои беа вклучени во нив.

На прашањето каде би требало според него Владата сега да се фокусира во однос на реформите, тој вели дека во двата извештаи со препораки намерно е одлучено да не се прави рангирање по важност.

-Намерно одлучивме и тоа и го објаснивме во извештаите да не се прави рангирање на важноста на различните препораки и ќе ви кажам зошто: затоа што ако направите рангирање, луѓето брзо доаѓаат до заклучок дека сѐ што не е број 1, 2 или 3 не е толку важно и притоа не е секогаш ни лесно да се каже „ова е најважно“, а нешто друго не е. Се плашам дека одговорот на Вашето прашање е дека сѐ е важно, истакна Прибе во интертвју за Дојче веле.