Сега, кога се очекува договорот за името да биде ратификуван во грчкиот парламент и со тоа да му се стави крај на долгогодишниот наметнат спор за нашето уставно име, како повторно да се чувствува истата реторика со која со години се ловеа политички гласови и одредени структури опстојуваа на власт и во двете земји. Имено, во актуелната грчка кампања за толкување на придобивките на договорот од Преспа, на интернет-страницата на грчкото министерство за надворешни работи се одговара и на неколку најчесто поставувани прашања. Едно од тие прашања е дали ние ги признаваме „македонската нација“ и „македонскиот јазик“. Одговорот на Грција и грчкото МНР е: „Не“. Дополнително, грчкиот премиер Алексис Ципрас објави видеопорака до граѓаните во која истакнува дека дошло време да се изнесат фактите за Преспанскиот договор со Македонија и да се дознае вистината. Меѓу објаснувањата на Ципрас со патриотски пораки во видеото е дека сега конечно Грција си ја добила Македонија назад од соседите, алудирајќи на името, јазикот и нацијата.

Паралелно на ова, на домашен терен сѐ почесто сме сведоци на изјави на протестите против смена на името на политичарите од опозицијата наспроти тврдењата на владејачката гарнитура дека со договорот конечно ни се признаваат идентитетот, јазикот и самата Македонија. Во време кога секој секому му ја мати водата, а Македонија останува како шаховска табла на која сите ѝ ја кројат судбината, во јавноста се наметнува дилема која е разликата меѓу поранешниот и сегашниот патриотизам што го пласираат политичките челници на двете земји, во пресрет на изборите што годинава ги очекуваат и двете земји. Дали ако претходно спорот за името беше најважна предизборна политичка тема, сега тоа е спогодбата од Преспа, односно толкувањата за тоа колку е добиено или изгубено со неа. Или можеби станува збор за претходно испланирани чекори од двете страни, со кои ќе се држат тензијата и неизвесноста на договорот до последен момент во пресрет на изборите и лов по гласови. Експертската јавност со која се консултиравме на оваа тема има поделени мислења. Едни велат дека ваквите изливи на национализам и патриотизам преточени во изјави, видеа или јавни пораки до граѓаните во двете земји во кои се презентира поинаква слика од она што е потпишано и договорено главно се за домашна употреба и понекогаш имаат збунувачки однос кон партнерот.

Други, пак, тврдат дека национализмот отсекогаш бил храна на политиката, а овие две работи одат рака под рака секогаш кога станува збор за манипулирање со јавноста за политички цели и несоопштување на вистината. Поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин смета дека не треба премногу да им се обрнува внимание на овие пораки кај политичарите од двете страни на границата, бидејќи сѐ што е кажано и изнесено во јавноста е во рамките на договорот од Преспа.

– Има еден парадокс и една логика кога се во прашање македонските и грчките националисти околу договорот од Преспа. Нивните позиции се идентични со нашите, а најголемиот парадокс е што македонските националисти ги доживуваат грчките како бранители на својата идеја, а тоа е да нема никаков договор и да остане ситуацијата статус кво. Мислам дека е сосема разбирливо, и во историјата националистите од сите страни наоѓале заеднички јазик за некој заемен проблем. Нормално е дека ќе чуеме различни мислења и толкувања за Преспанскиот договор од Ципрас и од Заев, а тие главно се за домашна употреба и понекогаш имаат збунувачки однос кон партнерот. Сепак, сѐ што е кажано и јавно споделено е во границата на договорот од Преспа.
Точно е дека Грција сега се фали дека Македонија е конечно грчка, но и точно е дека од друга страна ние добиваме едно нешто што е повеќе поврзано со територијата, каде што си добиваме идентитет – оценува Ружин.

Различно размислува поранешниот дипломат Ристо Никовски. Тој, за разлика од Ружин, вели дека за националисти се прогласуваат оние што го бранат опстанокот на македонскиот народ, а не оние што го негираат неговото постоење.

– Во последно време терминот национализам се злоупотребува и извртува на крајно неприфатлив начин. Зборуваме за Македонија. За националисти се прогласуваат тие што го бранат опстанокот на македонскиот народ, а во конкретните услови тоа е минимален патриотизам. Не може да се прејде преку некој што се залага и се бори да остане тоа што е, а некој од надвор му го негира тоа. Сосема е поинаква ситуацијата во Грција, каде што тие што се против договорот се навистина крајно националисти, задоени од нивните историски синдроми дека нема Македонци и Македонија. Впрочем, што значи договорот за македонскиот народ и неговата држава најубаво ни покажа вербалната нота што министерот за надворешни работи Димитров му ја испрати на Ципрас, а во која јасно и отворено му кажа дека нема Македонци и дека договорот нема никаква врска со некаков македонски национален идентитет. Со тоа се потврдија лагите што нашата власт ги користеше дека со овој договор е цементиран нашиот национален идентитет, што и само по себе е голема глупост. Не може никаков договор да потврдува или истакнува некаков национален идентитет – оценува Никовски.
Инаку, денеска се очекува да мине ратификацијата на договорот од Преспа и во грчкиот парламент за тој целосно да стапи во сила. Грчкиот премиер Алексис Ципрас се надева на мнозинство од 151 пратеник, иако договорот може да биде усвоен и со мнозинство од присутните пратеници.

Фото: Дарко Андоновски