Претседателот Ѓорге Иванов вчера ги одликува со медал за заслуги за Македонија истакнатите научни работници, лингвисти и македонисти, Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер, соопшти претседателскиот кабинет.
Волф Ошлис, професор, автор и преведувач на повеќе дела од врвни македонски автори е одликуван со медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Германија, како и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.

Виктор Фридман, еден од најпознатите и најактивните лингвисти со македонистичка ориентација, е одликуван за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.

Американската лингвистка Кристина Крамер е одликувана за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и во Канада, како и за унапредување на пријателските односи меѓу земјава и двете држави.

Претседателот Иванов рече дека му претставува чест и должност што ги одликува овие истакнати македонисти со медал за заслуги за Македонија, како израз на благодарност за сето она што тие го направиле и што допрва ќе го прават за македонскиот јазик.

– Професорите Ошлис, Фридман и Крамер со децении пишуваат книги и научни статии, ги збогатуваат европските и светските лингвистички енциклопедии со одредници за македонскиот јазик. Низ децениите имало меѓународни славистички и балканистички конференции на кои тие биле можеби единствени бранители на вистината за македонскиот јазик. Борејќи се за македонскиот јазик тие се борат за душата на македонскиот народ. И тоа го прават со силата на аргументите, без ниту еден миг да застранат од научната објективност и професионалната непристрасност – рече претседателот.

Професорот Ошлис му изрази благодарност на целото македонско општество за големата чест што им се доделени медали за заслуги за Македонија.

– Оригиналноста на македонскиот јазик се запознава според убавината на македонските народни песни. Македонски печалбари работеле од Виена преку Цариград, дури до Каиро и насекаде ги пееле своите македонски песни, верувајќи во духот и во душата на Македонците – рече Ошлис.