Претседателот на Владата Зоран Заев денеска ја прими Генералната секретарка на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Хелга Шмид, која денеска и утре е во посета на Македонија.

На средбата на која присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во нашата земја, амбасадорот Клеменс Која, беше потврдена цврстата определба на Владата на Македонија за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на продолжување на реформскиот процес, владеење на правото, подобрување на капацитетите на судскиот систем, јакнење на борбата против организираниот криминал и корупцијата и регионална стабилност и безбедност.

Соговорниците се согласија дека продолжува заложбата за интензивирање на соработката меѓу Македонија и ОБСЕ, како и помошта која земјата ја добива во реализацијата на реформските процеси и во насока на продолжување на демократските процеси и остварувањето на стратешките цели на земјата, како што е полноправното членство во Европската Унија и поттикнување на европскиот развој.

На средбата се разговараше и за подготвителните процеси за идното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година, при што беше подвлечено дека тоа е признание за нашата држава.

Беше истакнато дека мултилатерализмот е одлична платформа каде малите земји можат на дело да го покажат својот капацитет и да одиграат важна улога на меѓународната сцена.

На средбата е поздравен придонесот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која дава поддршка и помага изминативе години да се спроведат реформските процеси.

Беше најавено дека поддршката кон Македонија на демократскиот пат продолжува, во насока на реафирмирање на посветеноста и поддршката за завршување на започнатите успешни реформи, важни за развојот на државата и зачувување на безбедноста и стабилноста на регионот.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи исто така беше домаќин на Шмид, која е во прва работна посета на Северна Македонија во овој капацитет.

Како што информираат од ресорното министерство, на средбата се разговарало за следните чекори во контекст на нашето претседавање со Организацијата во 2023 година, подготовките кои се во тек; активностите на работната група во МНР како и воспоставувањето на структурата која ќе го понесе големиот товар од претседавањето во Виена; како и за консултативниот процес околу приоритетите и агендата на претседавањето.

– Како земја ние демонстрираме проактивност, капацитет и волја за преземање на сопственост и одговорност врз глобалните текови во време кога тие се исполнети со несигурност и непредвидливост. Впрочем, тоа и се очекува од нас, како земја која гради сопствен успешен модел на функционална мултиетничка демократија; земја – членка и на НАТО алијансата, и сериозен претендент за членство во Европската Унија – истакнал Османи.

Тој воедно ја информирал Шмид, дека се вложуваат максимални напори процесот на претседавање да биде отворен, инклузивен и целисходен; дека Северна Македонија има капацитет да одговори на оваа задача, како и дека во рамките на претседавањето со ОБСЕ ќе биде ориентирана кон креирање решенија кои ќе овозможат напредок и позитивни придвижувања на процесите во Организацијата.

Соговорниците се согласиле дека претседавањето со Организацијата сериозно ќе придонесе кон зајакнато позиционирање на земјава во меѓународни рамки како конструктивен актер и сериозен контрибутор во зачувувањето на мултилатерализмот, како најважната цивилизациска придобивка на човештвото кое обезбедува долгорочен мир, стабилноста и соработката.

Веќе од идната година Македонија влегува во ОБСЕ триото заедно со овогодишниот претседавач Шведска, како и, претседавачот во 2022 година, Полска. Наредната година ќе претседаваме и со Групата на медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, како генерална проба за нашите обврски како претседавач со организацијата во 2023 година.

ОБСЕ преставува најголемата регионална организација на северната хемисфера, која опфаќа 57 земји-учеснички од Ванкувер до Владивосток, протегајќи се на три континенти Европа, Азија и Америка.