Фото: Маја Јаневска-Илиева

Паѓањето на нивото на водата за повеќе од половина метар под биолошкиот минимум веќе сериозно го доведува под знак прашалник животинскиот и растителниот свет во и околу езерото, а доколку повлекувањето на водата продолжи со сегашната динамика, ова природно езеро може да го снема уште за животниот век на оваа генерација

Поради несоработка на Грција и на Албанија

Грција и Албанија не споделуваат податоци за параметрите на водата на Преспанско Езеро на нивна територија, поради што меѓудржавната група на Македонија и овие две земји не може да функционира, што придонесува дополнително да се влошува состојбата со водостојот на ова природно езеро, тврди Иван Блинков, професор на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Катедра за земјиште и вода при УКИМ, кој истовремено е и дел од експертскиот тим во рамките на Работната група за Преспанско Езеро. Без вакви податоци, според него, не е можно ниту да се подготви брза експертиза за тоа што се случува со Преспанско Езеро и да почнат да се бараат решенија за спречување на пресушувањето на ова природно езеро, чие повлекување на водата станува сѐ повидливо од ден на ден.
Инаку, паѓањето на нивото на водата за повеќе од половина метар под биолошкиот минимум веќе сериозно го доведува под знак прашалник животинскиот и растителниот свет во и околу езерото, а доколку повлекувањето на водата продолжи со сегашната динамика, ова природно езеро може да го снема уште за животниот век на оваа генерација. Во меѓувреме, барањето да биде прогласена кризна состојба за езерото не наиде на одговор од државните институции, а за тоа нема слух ниту во соседството.
Во една ваква констелација, единствена надеж се евентуални пообилни снежни врнежи во текот на зимата и врнежлива пролет, за донекаде да се забави пресушувањето.

– Ја реафирмиравме потребата од прогласување кризна состојба за непречено и ефикасно спроведување на мерките, како и за интензивирање на прекуграничната соработка и дефинирање работни задачи до крајот на годината. И секако, очекуваме акциски план, кој беше најавен за крајот на ноември, а за кој сè уште нема информација, да биде објавен и ставен во акција што поскоро – порачуваат од „Охрид СОС“, искажувајќи загриженост од состојбата со нивото на Преспанско Езеро, притоа додавајќи дека и во услови на климатска криза мора да се најде одржливо решение за спас на езерото.
Експертскиот тим што од македонска страна во изминатиот период работеше на утврдување на причините за еколошката катастрофа на ова природно езеро тврди дека е подготвен акциски план и дека тој е доставен до надлежните министерства на разгледување, а негово усвојување се очекува до Нова година.
– Во моментот ги немаме податоците од Албанија и од Грција и не би можеле точно да кажеме. Има неколку претпоставки што и зошто настанало повлекувањето. Меѓутоа, додека не ги собереме сите податоци не можеме да кажеме кој фактор колку влијае врз оваа состојба со езерото – вели професорот Блинков.

Според него, флуктуации на нивото на езерото постоеле и во минатото.
– Ако ја погледнеме кривата на нивоата на езерото, ќе видиме нешто специфично. Во периодот од 1951 докај 1986 година кривата се движи горе-долу со нормални флуктуации. Истото тоа се случува и во периодот од 1996 до денес. Но во периодот 1987-1995 има континуиран пад. Зошто? Направени се некои корелациски анализи, но не се познати сите параметри за да се утврдат точните причини – појаснува Блинков.
Тој додава дека за да се добие појасна слика за случувањата со нивото на езерото, потребна е акција од сите три држави.
– Постои национална експертска група. Подготвен е акциски план, кој сега е проследен до засегнатите министерства на коментар и веројатно до Нова година ќе биде усвоен. Формирана е и меѓудржавна група. Поставени се разни барања и прво што е побарано е да се разменат сите расположливи податоци меѓу државите. Дури потоа може да се добие појасна слика. За да се лекува некоја болест, прво треба да се постави и точна дијагноза. Како и да е, за кое било решение е потребна согласност од сите три држави – констатира професорот Блинков.
Инаку, врз основа на анализите што ги направи овој тим, беше подготвен и извештај за состојбата со Преспанско Езеро, во кој се посочува на неколку фактори што би можеле да влијаат на повлекувањето на водата.

– Користењето на водите од малото Преспанско Езеро и префрлање вода во корчанскиот систем за наводнување, поставувањето црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за наводнување на Ресенско Поле, пуштање во употреба на систем за наводнување во сливот на малото езеро, подигнување преграда на спојот меѓу малото и големото езеро, при што е спречен природен површински истек од малото кон големото езеро, дополнително поставување табли затворачи, кои ги контролираат и поголемите води што го плават крајбрежјето на Мала Преспа и истекуваат неповратно кон Албанија, со зголемување на температурите во сливот на езерото се интензивираат изведувањата на нови дупчења за индивидуално црпење вода и локално наводнување. Сите овие човекови активности директно условуваат брзо спуштање на водостојот на водите во езерото, а зголемените температури на воздухот, намалената влага на воздухот и ветровите, го забрзуваат процесот на испарување, што доведува до забрзано губење големи количества вода – се наведува во заклучокот од извештајот на експертската група што ги анализираше состојбите со повлекувањето на водите на Преспанско Езеро.
Како и да е, без меѓудржавна координација и размена на податоци, но и сериозна акција од сите три земји, агонијата на Преспанско Езеро ќе продолжи и понатаму, а последиците од неговото исчезнување ќе ги почувствуваат сите три земји.


Владата додели помош од 80 милиони денари

Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување финансиски средства за Општина Ресен во висина од 80 милиони денари што ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, особено во делот кај некои од плажите, најави премиерот Зоран Заев.
– Чистењето на овие површини од тињата и од остатоците од дрва и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена, кои нема да му наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата, како и сигурен и стабилен воден режим, особено во летниот период. Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води што се влеваат во Преспанско Езеро – најави Заев.