Преспанскиот договор ги прекрши човековите права и слободи, но и демократските права и принципи. Според анализите на истакнати експерти и правници, овој договор е во целосна спротивност со редица највисоки меѓународни правни акти, меѓу кои повелби, декларации и резолуции на Обединетите нации, УНЕСКО, Виенската конвенција итн. Или, со други зборови, Преспанскиот договор е најеклатантен пример за тоа како меѓународното право е прегазено под влијание на политиката

Нова анализа на професорот Игор Јанев, наспроти пораките на челните политичари на меѓународната заедница

Професорот по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, смета дека со Преспанскиот договор се прекршени основните човекови права и слободи, но истовремено во спогодбата потпишана во Нивици наоѓа прекршување и на други универзални демократски права и принципи.
Професорот Јанев прецизно посочува дека покрај човековите права и слободи, со Преспанскиот договор се повредени и следните универзални демократски права и принципи:

1. правото на самоопределување и самоидентификација на народот и нацијата (Повелбата на ОН, чл. 1 и чл. 55), вклучувајќи и недискриминација, по која било основа;
2. правото на поседување и самоопределување сопствен државно-правен идентитет или правото на самоопределување на државата (Повелбата на ОН, чл. 1. и јус когенс);
3. правото на суверена еднаквост и правна еднаквост на државата во
ООН и надвор од ООН (Повелбата на ОН, чл. 2 став 1);
4. правото на политичката независност и правото државата да не биде ставена во зависност од друга држава или меѓународна организација (Повелбата на ОН, чл. 2 став 4);
5. државно право на немешање од страна во строгата внатрешна јурисдикција на државата (Повелбата на ОН, чл. 2 став 7);
6. правото на недискриминација во членството на ООН и системот на ООН (Виенската конвенција од 1975);
7. правото на еднаква суверена култура и неприкосновеност на културните и народните идентитети (Мексико, УНЕСКО, Декларација од 1982);
8. правото на рамноправност во културната заемна соработка (УНЕСКО, Декларација од 1966);
9. принципот на неректроактивно уредување на минатото (јус когенс);
10. правото на недискриминација при зачленување во ООН (Сов. мислење на МСП од 1948, и Рез. на ГС од 1948.);
11. правото на самостоен избор на државното име и знаме во ООН и промена на истите тие (Внатрешните правила на ООН, основни права на членките);
12. правото на недерогирана правна личност и субјективитет vis a vis ООН, како независен меѓународноправен субјект (Конвенцијата за привилегии и имунитети на ОН);
13. правото на недопирливост на основните симболи кај земјите-членки во: името, знамето, грбот и химната;
14. правото на независност и еднакви права во Повелбата на ООН, каде што покрај членките на ООН се појавува и самата ООН како договорна страна во Повелбата на ООН;
15. оригинираното право на независен избор на сопствената самоидентификација на народот, како примарно право. (јус когенс)
Според тоа, Македонија е доведена во подредена состојба и професорот, врз основа на меѓународното право, тврди дека таа има право еднострано да го раскине Преспанскиот договор и да ги информира Обединетите нации за тоа.