Се чинеше оти Грција и Македонија минатиот јуни го ставија настрана непријателството што траеше со години, кога лидерите на двете држави го потпишаа Преспанскиот договор што предвидува промена на името на Македонија во Северна Македонија. А сега, по шест месеци во кои парламентите на двете држави работеа на обезбедување поддршка за ратификацијата, спогодбата со која треба да биде решен навидум нерешливиот спор, кој за многумина делуваше несфлатлив, е блиску до реализација, пренесува магазинот „Тајм“. 

Откако Македонија ги усвои неопходните уставни измени, Преспанскиот договор е блиску до ратификација и во Грција, што ќе го отвори патот за Северна Македонија да влезе во НАТО и да ги отвори преговорите за пристап кон ЕУ.

Унијата го поддржуваше Преспанскиот договор низ сите фази – во текот на преговорите, при потпишувањето и при ратификацијата. За ЕУ, Преспанскиот договор претставува добар знак за меѓународниот правен поредок, во време кога ваквите вредности се под закана од национализмот и популизмот во Европа. Згора, спогодбата отстранува голема пречка за проширувањето кон Западен Балкан.

Но, постои и проблем со ваквата разврска. ЕУ одлучи да ги игнорира проблематичните аспекти од процесот за ратификација, кои ги оспорија уставните норми и правните принципи во Македонија и во Грција. Двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, имаа „тенко“ мнозинство во парламентот, па усвојувањето на спогодбата во двете држави бараше политички маневри кои претставуваат тест за легалноста. ЕУ би требало да ја сфати сериозно загриженоста за владеењето на правото, особено во време кога повеќе нејзини членки имаат потешкотии со апсолутизмот и со нелибералната демократија.

Меѓудржавниот спор е правно прашање, но допира и до историјата и идентитетот на Македонија и на Грција. Терминот Македонија е обележје на нивниот идентитет на Балканот за граѓаните на државата која ќе се вика „Северна Македонија“. Грците, пак, сметаат дека поимот Македонија е испреплетен во нивната историја до антиката. Токму затоа, лидерите на двете држави уште се соочуваат со жесток отпор за спогодбата.

– Дури и геополитичката цел на стабилизација на регионот е доведена во прашање со договорот, бидејќи политичкиот микс помеѓу Грција и Македонија е несигурен. Ваквиот договор неминовно ќе ги разгори етничките тензии и ќе ја зголеми политичката поларизација во Македонија, што е спротивно од намерата на ЕУ – се наведува во заклучокот на „Тајм“.