Преспанскиот договор е правно невалиден

Став на професорот Игор Јанев

Три години по потпишувањето на Преспанскиот договор, оцената на дел од правните експерти е дека тој е правно невалиден и необврзувачки за Македонија, што подразбира дека земјава нема обврска да го почитува.
Овој став го застапува професорот по меѓународно право и научен советник на Универзитетот во Белград Игор Јанев, според кого Преспанскиот договор не е валиден за Македонија.
– Преспанскиот договор (ПД) нема валиден правен идентитет за Македонија, бидејќи во споредбата со „Хеленската Република“, ние се потпишуваме како „втората страна“, чиј идентитет се совпаѓа со тој опишан во Резолуцијата 47/225. Ваков „правен идентитет“ (што е неуставна категорија) во меѓународниот договор (во случајот Преспанскиот договор) не е правно валиден и легален – појаснува професорот Јанев.
Понатаму тој додава дека во судската постапка во Меѓународниот суд на правдата 2008-2011, Судот не се занимавал со „правниот квалитет“ на Договорот, туку само со формалните аспекти на тужбата.
Професорот Јанев потсетува дека и претходно Грција не ја ратификувала во парламентот ниту Привремената спогодба од 1995 година, иако тоа било нејзина обврска.

– Денес имаме состојба во која грчкиот парламент одбива да ги прифати обврзувачките протоколи од Преспанскиот договор, со што Грција не го испочитува ниту Договорот потпишан во Нивици – прецизира Јанев.
Според него, тргнувајќи од фактот што ООН нема правна јурисдикција да ги одредува државните имиња, а референцата (БЈРМ) не е валидно државно име туку проста деноминација за користење само во рамките на ООН, терминот „втората страна“ не е валиден правен идентитет.
– Со ваквата неуставна категорија не се прават меѓународни договори со меѓународно-јавен карактер – нагласува Јанев.
Притоа тој додава дека како последица на овој факт (невалиден идентитет), Преспанскиот договор е нелегален и невалиден акт, односно тој е без потребниот правен квалитет за еден меѓународен договор, а тоа се потврдува со самиот факт дека „втората страна“ не е валидна идентификација во меѓународното право.
– Пред сè, од целата ситуација треба да се има предвид дека деноминацијата (која неопределено долго или бесконечно трае во времето) не е легална институција и претставува ultra vires акт направен од ООН. Последиците од ваков акт исто така се нелегални – констатира професорот Јанев.
Тој смета дека овој договор е ништовен.

– Договор како Преспанскиот договор, направен врз основа на невалиден правен идентитет, во случајот со „втората страна“, претставува нелегален акт поради фактот дека е невалиден! Оттаму, истиот тој е ништовен, бидејќи договорот нема соодветен правен квалитет, при што едната страна очигледно го склучила /довела во заблуда (дека истиот тој е легален акт).
Понатаму, договорот нема дозволив правен предмет на склучување, бидејќи во него се прави обид или се врши деноминација и идентитетска интерференција во државноправниот и националниот идентитет дефиниран претходно со македонскиот Устав, спротивно на основните принципи и норми на меѓународното право – заклучува професорот Игор Јанев.