Претседателските избори се исклучително важни, а отворениот политички дијалог со сите партии е во интерес на државата и граѓаните, е главниот заклучок од денешната средба во Скопје меѓу премиерот Зоран Заев и Корин Јонкер, шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојните претседателски избори.

На средбата, информираат од владината прес-служба, е оценета важноста на обезбедување услови за регуларен и успешен процес за спроведување на претседателските избори и за потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигура демократското изјаснување на граѓаните.

-Претстојните претседателски избори се исклучително важни и ние сме целосно посветени да спроведеме комплетно демократски, транспарентен и доверлив процес за остварување на кристално чисти и фер претседателски избори. За ова разговаравме и со лидерот на најголемата опозициона партија и отворени сме за продолжување на дијалогот со неа и со сите политички партии во интерес на напредокот на Република Северна Македонија и за подобра иднина на нашите граѓани, рекол премиерот Заев.

Нагласил дека кампањата на кандидатите за претседател на државата, која започна пред неколку дена, се одржува во пријатна атмосфера, подвлекувајќи ја посветеноста и одговорноста на Владата за обезбедување регуларен, слободен и успешен процес за избор на претседател на државата. На средбата се разговарали и за повеќе актуелни теми со фокус на претседателските избори.

На средбата е изразена согласност за важноста на Извештајот што ќе го изготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојните избори, со оглед дека земјава очекува почеток на преговорите со Европската Унија и отворање на поглавјата, што според премиерот Заев, е исклучително важно со оглед на тоа што Република Северна Македонија е држава која ги почитува европските и демократските вредности и има единствена цел да продолжи во тој правец.

Набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР внимателно ги следат процесите и активностите и работата на институциите, известувањето на медиумите за време на кампањата вклучително и мониторинг на денот на изборите, соработувајќи со делегации на набљудувачи од Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа.