Да бидеме реални, не е исто на албански „маќедонис“ и „македоник“, „Македонец“ и „на Македонија“. Тоа е игра на зборови. Ако бидеме поинвентивни, ќе најдеме решение и за овој проблем. Верувам дека ќе го најдеме, изјави вчера премиерот Заев околу обидите да обезбеди двотретинско мнозинство за спогодбата со Грција

Додека насобраните граѓани пред Собранието вчера на студ, снег и минусни температури, карактеристични за северните предели, протестираа против промена на Уставот и против промена на името на државата, со додавање на придавката Северна, внатре во Собранието се одвиваше вистинска драма. Уште еднаш како да се повтори тензичната атмосфера од 19 октомври годинава, кога едвај беше обезбедено двотретинско мнозинство од 80 пратеници, неопходни тогаш да се почне процесот на уставните измени за спроведување на спогодбата со Грција. Но ваквото мнозинство вчера не беше јасно видливо. Во меѓувреме партиските кујни пред јавноста лиферуваа низа спротивставени информации за политичките процеси, притисоци, уцени и можни отстапки поврзани со обезбедувањето двотретинско мнозинство. Собраниската седница, која првично беше закажана за 13 часот, подоцна беше одложена за 15 часот. Се пренесе и вест дека вчера воопшто нема да има седница, иако грчки извори пренесуваа дека договорот ќе се изгласа во Македонија.

Од владејачката СДСМ вчера изјавија дека до моментот на гласањето за последната, трета фаза од уставните измени што произлегуваат од договорот од Преспа ќе биде обезбедено двотретинското мнозинство што е потребно за финализирање на процесот.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, додаде дека траат преговорите со Беса за нивните барања во врска со уставните измени.

– Очекуваме нашите колеги и сите ние да се издигнеме над партиските интереси и конечно Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО – рече Костадинов.

Тој не посочи кога ќе се случи гласањето, нагласувајќи дека, според деловничките можности, пратениците имаат право на дискусија, најпрво да се отвори дискусијата, да се согледа колку пратеници ќе се пријават за дискусија, а потоа ќе дојде ред за гласањето.

На прашањето каде е најголемиот проблем во преговорите меѓу Беса и Заев и што е неприфатливо за СДСМ, Костадинов рече дека разговорите се во тек и оти се очекува да се постигне договор. Негов личен став е дека со уставниот закон е прецизирано македонско државјанство/граѓани на Република Северна Македонија и, оттука, вели тој, не станува збор за етничка припадност и етничка определба на граѓаните.
– Во таа смисла, сметам дека нема потреба од уставни измени во таа насока – додаде Костадинов.

За најновите барања и условувања од Беса, вчера се огласи и премиерот Заев.

– Се бара техничка формулација околу државјанството, да се задржи идентитетот во државјанството за Македонците, но да не се почувствуваат Албанците, Турците, Србите и другите обесправено. Во делот на процесите на преговорите учествувам како претседател на СДСМ, да не бидат лошо пренесени пораките. Беса е принципиелно поставена во однос на идентитетот. Од другата страна се осумте пратеници, кои будно следат што ќе се случува со идентитетот. Државјанството е „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“. Се наоѓаат технички формулации како да биде државјанството „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, но да се обезбеди другите да не почувствуваат дека се обесправени и дека се Македонци.

Државјанството не е етничка припадност, тоа треба да го разграничиме, но ние во преговорите (со Грција) баравме да се стави „македонско“ во формулацијата. И сакаме тоа да се задржи и еднаш засекогаш да се знае. Тоа го знае и Билал Касами. Но истовремено не сакаме припадниците на другите етнички групи да бидат обесправени. Да бидеме реални, не е исто на албански „маќедонис“ и „македоник“, „Македонец“ и „на Македонија“. Тоа е игра на зборови. Ако бидеме поинвентивни, ќе најдеме решение и за овој проблем. Верувам дека ќе го најдеме – рече Заев.

Тој нагласи дека вкупната бројка на пратеници што ќе гласаат ќе се знае на самиот ден на гласање и дека ќе се види по првиот амандман за време на гласањето.

– При првото гласање за првиот амандман ќе се знае дали е обезбедено мнозинството. Ние направивме сѐ. Сега се на потег пратениците и тие треба да преземат одговорност – рече Заев.

И додека вчера во Собранието преговорите се одвиваа зад затворени врати, во јавноста се пласираа имиња на пратеници што наводно би гласале или не. Има информации дека пратеничката Елизабета Канческа-Милевска нема да гласа за уставните измени, дали е тоа точно и дали го загрозува двотретинското мнозинство, беше едно од прашањата на кои премиерот Зоран Заев одговараше во пресрет на продолжението на собраниската седница на чиј дневен ред се уставните амандмани.

– Не знам за ниту еден пратеник. Пратеничката Елизабета Канческа-Милевска е координаторка на новата пратеничка група и таа е длабоко влезена во процесот на разговорите за сѐ. Работи буквално како нас во Владата, креаторите на амандманите.

Знам дека знае за сите детали, секако одлуката ќе ја носи лично таа, нејзината пратеничка група, секој пратеник поединечно, па и вкупно сите 120 пратеници, па и очекуваните 80. Не можам да кажам дали без еден пратеник ќе има 80 или не. Не знам дали ќе бидат 80, дали 79, дали 82, дали 78. Никој не може да го каже тоа – рече Заев.

И додека се одвиваа преговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, со реакција се јави најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што сметаат дека Република Македонија се наоѓа пред финалниот акт на црното и срамно сценарио на Зоран Заев и СДСМ за промена на името на државата, идентитетот, јазикот, културата и историјата.

– Зоран Заев и СДСМ ги продадоа националните и државните интереси и ги погазија Уставот, законите и волјата на македонските граѓани. Зоран Заев и СДСМ се решени да уништат сѐ што е македонско и затоа насилнички и со закани и уцени врз пратеници и нивните блиски ја доведоа Република Македонија до финалниот чин за промена на Уставот за промена на уставното име. За нив не важат законите, не важат демократските процеси, ниту пак важи јасно искажаната волја на граѓаните на Република Македонија на неуспешниот референдум, кога јасно порачаа дека се против промената на името на државата.

Северна Република Македонија можеби е на Заев, а за ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе остане Република Македонија, онаа за која мнозинството гласаше на референдум на 8 септември 1991 година – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, според премиерот Заев, лидерот на опозицијата Мицкоски се однесува неодговорно и на Македонија ѝ нанесува само штета.

– Што и да прават, тие ѝ нанесуваат само штета на Македонија. Кога човек нема став, тоа е штетно и за најмала политичка партија, а за големите партии е катастрофално. Тој влегува од еден проблем во друг, но најлошото е што тие проблеми стануваат проблеми на државата. Непријатно е чувството од тоа што тој го продуцира – пратеници да поминуваат низ одредена драматургија. Секоја закана и ширење омраза, секоја недозволена активност на кој било граѓанин, очекувам МВР да ја санкционира во согласност со законот. Луѓето што веруваат во договорот и иднината на Македонија минуваат низ пекол, а тоа е продуцирано од г. Мицкоски и неговата партија. Не само што не ѝ помага на Македонија туку прави несогледливи последици и остава трага во нашето општество – рече Заев.

Со критики и до власта и до опозицијата вчера се огласи и Димитар Апасиев, претставник на движењето „Левица“.

– Она што никогаш не смее да им се прости на ДПМНЕ е дека напуштија терен тогаш кога најмногу ѝ требаа на Републиката! Ако ВМРО влезеше радикално во процесов, денес пред Собрание ќе бевме 50.000 наместо 500!
Но реалната битка се води внатре во парламентот. Имавте капацитет да го одолжувате процесов барем до пролет. Тамам додека падне Ципрас.

За комуњарите од СДСМ знаевме дека се квислинзи, ама за вас не знаевме дека сте колаборационисти! Ви олесна шо на СДСМ му се „падна паричето“ да го решава името.
Е па – еве, нѐ решија! Со преспанска – тиранска платформа (гратис).

P.S. Можевте да спречите. Со координирани акции на претседателот на Републиката и на пратеничката група. Имавте и имате процедурални инструменти во рака.
МОЖЕВТЕ. Ама – НЕ САКАВТЕ!!!, пишува Апасиев на социјалните мрежи. Н.М.

Фото: Игор Бансколиев